Резултатите од истражувањето на британските и германските научници за наводното зачнување без јајце-клетки, предизвикаа многу контроверзии низ медиумите во кои се појавија неточни наслови за бебиња без мајки. Иако ќе се покаже дека станува збор за сензационалистичко толкување на овие резултати, самото истражување беше неверојатно - научниците во лабораторија за првпат создале бебе глувче на начин кој го раздрма две вековното размислување за репродукција на цицачите.
Во извештајот објавен во списанието „Нејчр комјуникејшнс“ со успешна стапка од околу 25 отсто, биле зачнати здрави бебиња глувци со помош на сперматозоид и клетка на еден необичен вид ембрион. Во морето вознемирувачки медиумски наслови за бебиња без мајки, јавноста остро реагираше.
„Врз основа на моменталните сознанија, тешко е да се каже, а неблагодарно да се шпекулира, дека ќе биде возможно да се прават ембриони и бебиња без јајце клетки. Сметам дека сме далеку од овој пристап кога станува збор за истражувања на луѓето“, вели д-р Миодраг Гужвиќ, молекуларен биолог од Универзитетот Регенсбург во Германија и еден од авторите на сега контроверзното истражување.
Д-р Гужвиќ завршил студии по молекуларна биологија на Универзитетот во Белград, каде и докторирал во 2011 година. Од тогаш е вработен како истражувач-соработник на Медицинскиот факултет при Универзитетот Регенсбург, каде меѓу другото, се занимава со молекуларна карактеризација на рано расфрлани клетки кај пациенти заболени од рак.
Фото: Elementarium.rs
Репрограмирање на геномот
На сосем друг крај на еволутивниот пат на животот, со колегите на Универзитетот Бат, д-р Гужвиќ испитувал едно верување меѓу биолозите: дека ембрионот на цицачите може да настане само со спојување на јајце клетка и сперматозоид.
„Со децении се сметаше дека само јајце клетката може да доведе до репрограмирање на сперматозоидот. Во ова истражување, целта беше да се провери дали и ембрионот може да го репрограмира сперматозоидот“, додава Гужвиќ.
Во текот на процесот на оплодување доаѓа до репрограмирање на геномот на јајце клетките и сперматозоидот, за да биде овозможен развојот на ембрионот. Но, д-р Гужвиќ нагласува дека геномот на сперматозоидот од нивното истражување не бил идентичен со геномот на сперматозоиди кој би бил во „интеракција“ со јајце клетката.
„Во овој момент не е јасно што ова значи, освен дека и сперматозоидите репрограмирани на „нетрадиционален“ начин може да доведат до настанување на нормално потомство“, додава научникот.
За да се тестира дали здравите цицачи може да настанат и по „заобиколен пат“, научниците започнале поделба на јајце клетките на глувците, без оплодување на сперматозоидот, како што обично се прави. Под нормални околности, јајце клетката добива сигнал од сперматозоидот, и таа започнува да се дели. Како резултат на процесот на научниците, настанал таканаречен хаплоиден, партеногенетски ембион, со половина број хромозоми.
„Со примена на некои хемиски супстанции може да се индуцира неоплодена јајце клетка во процес на ембриогенеза. Иако во одредени видови на животни хаплоидните ембриони може да се развијат во здрави индивидуи, кај некои организми, како што се цицачите, тоа не е случај и ваквите ембриони умираат рано“, објаснува д-р Гужвиќ и додава дека причината за тоа се хромозомите кои недостасуваат, а индивидуата ги добива од таткото.
Неколку часа после хемиски индуцираната делба, во хаплоидните ембриони, се вбризгува вештачкиот сперматозоид. Започнува процесот на оплодување, но со очигледно обратен редослед: ембрионот настанал пред оплодувањето, а оплодувањето се случило со ембрионот.
Иако јајце клетката била почетна точка, за прв пат во историјата со оплодувањето се случи нешто што, традиционално гледано, не е јајце клетка. На овој начин, разнишано е размислување кое опстојувало два века. Истражувањето на д-р Гужвиќ и неговите колеги покажа дека има алтернативен пат.
Експериментите спроведени од страна на екипите на научниците од Британија и Германија имале делумен, но сепак значаен успех: оплодувањето на ембрионите доведе до здраво поколение во една четвртина од случаите.
Според зборовите на Гужвиќ, моментално не може да се повлече паралела помеѓу ова истражување и луѓето.
Ширење на ракот
Подеталните истражувања како за матичните клетки, така и за процесот на ширење рак на д-р Гужвиќ започнало на Универзитетот во Мичиген каде тој бил гостин истражувач во 2004 и 2005 година. Од тогаш, неговите истражувања во значителна мера се насочени кон изучување на механизмот на ширењето на ракот.
„Метастазите се главната причина за смртните случаи предизвикани од ракот“, вели докторот.
Истражувањата покажуваат дека кај многу пациенти во моментот на откривање на примарниот тумор дошло до расејување на клетките на ракот во организмот. Овие клетки се претходник на клетките на метастазите и токму тие се во фокусот на истражувањето на Гужвиќ.
„Во моментот малку знаеме. Не знаеме колку време поминало од настанувањето на примарните тумор клетки, може да започнат да се шират низ телото, не знаеме кои клетки од примарниот тумор можат да се рашират, а кои не, ниту пак кој механизам доведува до тоа одредени типови на рак да создаваат метастази во одредени органи. На пример, карциномот на дебелото црево најчесто метастазира во црниот дроб, а ретко во коските, додека карциномот на простатата обратно“, објаснува Гужвиќ.
За време на престојот на Универзитеот во Мичиген, д-р Гужвиќ се занимавал со изучување на таканаречен тумор промотор, кој за разлика од мутагените не доведува до промена во ДНК, но ја интензивира клеточната поделба.
„Мутагените може да предизвикаат мутација во ДНК или во хромозомските аберации. Ако клетките имаат оштетен геном, со секоја поделба се зголемува шансата да се појави уште некое оштетување, и на тој начин стимулацијата на клеточната делба од страна на туморот промотор има погубен ефект“, додава Гужиќ.
Тој нагласува дека чадот од цигарите делува како таканаречен комплетен канцероген, бидејќи претставува комплексна мешавина од различни јаглеводороди во кои се наоѓаат и мутагени и тумори промотори.
Извор: Еlementarium.rs