X
 07.11.2017 Култура

Вечниот живот – дилема што се отвора уште во епот за Гилгамеш

Потрагата по еликсирот на младоста и вечниот живот е тема која доследно хронолошки го следела развојот на целата човечка цивилизација. Уште од сумерско-вавилонската доба, од нас оддалечена неколку милениуми, човекот се чувствувал непријатно мал и неважен во однос на бесконечноста на вселената и силите што ја надминуваат неговата способност. Еден таков човек бил токму Гилгамеш.

Да се потсетиме на приказната за Гилгамеш


Гилгамеш бил историска личност, полубог-получовек, најпознатиот крал на сумерскиот град Урук, кој за време на неговото владеење бил опколен со цврсти бедеми кои криеле вистинско месопотамиско богатство.

Овој крал бил сакан и почитуван, а тоа го потврдуваат и следниве редови од познатиот еп:

Со страв се восхитуваа граѓаните на ликот негов
Неговиот збор е моќен, а решението закон.


Но, резигнираната божица Аруру го создала степскиот ѕвер Енкиду, пандан на кралот сумерски, со намера да го совлада. Сепак, Енкиду и Гилгамеш после еден двобој станале неразделни пријатели, ги здружиле силите и низ цела Месопотамија се пресметувале со злите суштества, како Хумбаба, чуварот на Кедровата гора, и со страшниот бик.

Набрзо по последниот поход Енкиду тешко се разболел и умрел, оставајќи го својот пријател во целосно бунило. И тоа не само поради смртта на најдобриот пријател што некогаш го имал покрај себе, туку поради тоа што бил принуден да си го постави она познато и не толку омилено прашање:

Што ќе биде со мене?


Зар и јас, и јас ко Енкиду ќе умрам?
Срцето ми е од тага искинато,
градите болка полни.
 Јас од смртта се исплашив
и затоа по степата трчам.
Кај моќниот Утнапиштим одам,
кој вечен живот најде,
итам кај него да стигнам.


И така, Гилгамеш, иако две третини бог, а една човек, обземен од грижа поради својата идна судбина, тргнал на долг пат кај Утнапиштим. На патот, меѓу другото, го сретнал својот заштитник, богот на Сонцето, Шамаш, кој му соопштил дека „животот што го бара нема да го најде“.

Потоа разговарал со божицата Сидури Сабиту, која го посоветувала да ужива додека може, слободно да се препушти на радостите и да не размислува премногу за тоа што природно ќе дојде.

На крајот, сепак, дошол до тревката на бесмртноста, со намера да ја врати во својот град за да ја сподели со сограѓаните, но решил да направи пауза за да се избања во едно езеро, а тревката што ја оставил на брегот ја зела една змија. Потоа, Гилгамеш разговарал со сенката на Енкиду и ја прашал која е тајната на животот после смртта, а таа му одговорила:

Ако ти го откријам
законот на земјата што ја видов,
ти би седнал и би се расплакал.


По враќањето во Урук, Гилгамеш умрел.

Вечниот живот – вечна дилема

Кога зборуваме за неуспешната потрага на Гилгамеш по еликсирот на вечноста, не можеме, а да не се потсетиме на моментот кога оваа помисла воопшто му дошла на ум.

Тоа бил оној момент кога ја загубил најважната личност во својот живот. Пред тоа, додека владеел со најмоќниот сумерски град, од тронот на еден од најмоќните луѓе во Месопотамија, не ни помислувал на нешто друго освен на грижата за својот град и за жителите, и одржување коректни односи со вишите сили.

Но, сè се променило со смртта на Енкиду. Затоа што му бил важен. Затоа што не ја очекувал неговата смрт. Затоа што токму неговата, а не нечија друга смрт, го натерала да си го постави прашањето што го чека, каде и дали некогаш воопшто повторно ќе се сретнат.

Кога божицата Сидури го опсипала со хедонистички мантри за среќен живот, тоа уште повеќе го растажило Гилгамеш, затоа што станувал свесен дека целиот живот води битка со неизвесноста и дека самиот се излажува одбивајќи да си признае дека е учесник во таа грижа.

Звучи неверојатно, но оваа обеспокојувачка вистина човечката цивилизација ја добила на дванаесет глинени плочи, со врежани знаци од клинесто писмо, во сосема примитивен облик. Па, сепак, никогаш повистинито, никогаш поактуелно и поболно од тоа.

За тагата да биде уште поголема, самиот факт што јунакот на овој еп бил цели две третини бог, а една мизерна третина човек, ни сведочи дека токму тој минијатурен човечки отпечаток ја детерминирал целата негова неизбежна судбина, односно неопстанокот на оваа планета.

За разлика од боговите, кои се кријат од потопот и во најтешките околности гледаат само за себе, Гилгамеш во својата неволја е вистински идеал за благородност и човечка добрина, и тревката на бесмртноста несебично сака да ја сподели со своите сограѓани.

Покрај тоа, наспроти сите доблести што го воделе низ животот, а и на најтешкиот пат, завршил како што завршуваат многумина после него – како губитник и како победник. Губитник, затоа што бил поразен во борбата со сопствената смртност, а победник, затоа што во смртта го понел најдоброто што можел да го стекне во животот и зад себе оставил неизбришлива трага.
  

*Извадоците од Епот за Гилгамеш се од препевот на Михаил Ренџов.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура