X
 12.02.2017 Здравје

Во раскошните кујни и скапиот прибор за храна, луѓето денес јадат гранчиња и мов

Нутриционизмот е млада наука што се наоѓа во пресекот на неколку покомплексни дисциплини – хемијата, биохемијата, физиологијата, микробиологијата, психологијата, а се однесува на една од основните човекови потреби – исхраната.

Според зборовите на културниот антрополог, Ернест Бекер, „исхраната е првиот магичен ритуал, чин кој ја пренесува животната енергија од едно на друго место“, запишани во постхумно објавената книга, „Бегство од злото“ (Escape from evil). Сите животни мораат да се хранат со нечија „живост“ за да се одржат себеси во живот, незвисно дали станува збор за мајчино млеко, растенија или лешеви на други животни.


Фото: Pixabay

Човековата самосвест подразбира дека од најраните години ние сме свесни за смртта. Во својата наградена книга со Пулицер, „Негирање на смртта“ (The denial of death), Бекер изнесува хипотеза дека стравот од смртта и потребата за негово потиснување, е моторна сила на човековото однесување.

Кога станува збор за храната, Бекер вели дека на неа луѓето гледаат како на нешто надвор од само физичка прехрана и дека желбата за повеќе живот прераснува во опсесија за трансформирање на себството во совршено суштество кое може да постигне бесмртност. Културата на исхрана и нејзините варијации, како на пример, чистата храна, се културни структури кои ние сме ги создале во обид да ја трансцендираме нашата животинска природа.

Преку конципирањето и доследноста до некои практики на исхрана, луѓето не јадат само за да преживеат, туку се вклопуваат во културна структура која е многу поголема и попостојана во споредба со нивните тела. Тоа е некој вид на ритуал за бесмртност, а ритуалите се општествен чин. 

Според Бекер, постојат два меѓусебно поврзани мотиви во основата на човековото однесување - нагонот за јунаштво и желбата за покајување. На елементарно ниво - луѓето може да почувствуваат гризење на совеста што имаат тело, заземаат простор и што чувствуваат апетит за живите суштества околу нив. Тие може да копнеат за искупување на вината, а културата не само што им ги обезбедува средствата за да постигнат изобилство материјален комфор, туку им овозможува и начини како да жртвуваат дел од таа удобност со цел да го постигнат искупувањето. Па така, во раскошните кујни и скапиот прибор за храна, луѓето денес јадат гранчиња и мов.

Културата на исхрана постојано се менува и во нејзините рамки се појавуваат контрадикторни идеологии - тоа што за едни е безбедно и чисто за јадење, за други е валкано и декадентно. Од друга страна, пак, исхраната без рестрикции значи да се храниш нездраво и да скршнуваш од патеката што води кон бесмртноста. Но, никој не знае дали постои и кој е вистинскиот начин на исхрана. Можеби постојат толку многу вистински начини колку што постојат луѓе на планетата Земја, бидејќи никој не живее вечно.     
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје