Д-р Христина Спасевска, професорка на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, е добитничка на овогодишната награда „13 Ноември“ на Град Скопје за остварување во науката, техниката и стопанството од областа на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност.
Таа во последните десет години е координатор или учесник на повеќе од 15 научноистражувачки и апликативни меѓународни проекти во програмите ФП7, ЕУРЕКА, Хоризонт 2020, ИПА и КОСТ, како и проекти финансирани од Меѓународната агенција за атомска енергија, Светска банка, Централноевропската иницијатива и Министерството за образование и наука.
Спасевска е коавтор на повеќе од 50 научноистражувачки и стручни трудови, од кои повеќето се објавени во меѓународни списанија, списанија со фактор на влијание или трудови презентирани на конференции. Има објавено повеќе од пет книги, учебници и учебни помагала. Таа е претседател на Асоцијацијата на здруженија на инженери - Инженерска институција на Македонија, на Метролошкиот совет при Бирото за метрологија, на одделението за животна средина при Комората на овластени архитекти и овластени инженери и национален координатор за програмата Хоризонт 2020 во одделот за енергетика.
Наградата годинава ја добија и други истакнати личности: стоматологот Жикица Ѓорѓиевски, Дита Старова-Ќерим, директорка на Националната галерија, Фросина Зафировска, кустос-советник во пензија, Бисера Чадловска, диригент, Ерина Богоева, фотограф, Александар Трајковски, музички педагог, истражувач и публицист, карате-клубот „Работнички“, Алили Бесир, борач, и учениците Ана Марија-Атанасовска и Стефан Стојковиќ, ученици од гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Во Одборот за доделување на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје тајното гласање го спровела комисијата составена од: Вангелина Мојаноска (претседател), Лорета Георгиевска-Јаковлева, Газанфер Бајрам, Севдаиљ Демири, Халил Зендели, Бранко Цветкоски, Виолета Томовска, Петре Арсовски, Роландо Кутиров, Љубиша Станковиќ и Даница Стојанова.