Во Македонија казната за неносење маска е 20 евра, ако се плати за 7 дена, таа се преполовува, а просечната нето-плата, според Државниот завод за статистика, е околу 27.000 денари
Се чини дека маските станаа дел од нашето секојдневие, особено со оглед на тоа што се јавна и лична мерка за контрола на пандемијата. Нивната употреба е наменета како лична заштита за да се спречи инфекцијата и како контрола на изворот за да се ограничи преносот на вирусот во заедницата или во здравствената установа.
Употребата на маски за лице или прекривки е препорачана од здравствените власти со цел да се минимизира ризикот од пренесување, со тоа што властите или бараат нивна употреба на одредени места, како јавен превоз или продавници, или бараат универзално носење на отворено.
На почетокот од пандемијата препораките за носење маски се карактеризираа со недоследни и спротивставени изјави, па така претходно се советуваше само заразените лица да носат маски. Но, истражувачите открија дека има многу асимптоматско пренесување на вирусот, што доведе до конфузија во јавноста, па така голем број луѓе не ја прифаќаа идејата дека треба да ги носат.
Со текот на времето, здравствените власти на некои земји и територии ги менуваа своите препораки во врска со маските, иако сега, за време на вториот бран на пандемијата, речиси цела Европа препорачува носење маски на отворено.
Во Македонија казната за неносење маска е 20 евра, а просечната нето-плата е околу 27.000 денари. Во продолжение ви пренесуваме листа со земји каде што носењето маски е задолжително и колкава е казната за непочитување на оваа мерка, но и колку изнесува просечната нето-плата во наведената земја.
Хрватска
На 12 октомври Хрватска воведе задолжително носење заштитни маски во затворени простори, односно онаму каде што не може да се одржува растојание од 2 метра. Оваа мерка важи и за трговските центри, продавниците, угостителските објекти и кафулињата и рестораните, освен кога седат на маса и консумираат пијалак или храна. Задолжителни се маски и на отворено кога не може да се одржува растојание од 2 метра.
Казна за неносење маска: 26 евра
Просечна плата: 897 eвра
Словенија
Од средината на септември Словенија воведе задолжително носење маски на отворено. Маските беа задолжителни во затворени простори уште на почетокот од првиот бран на пандемијата, но сега правилата се построги, па мора да се носат и на отворено.
Казна за неносење маска: Согласно член 39 од Законот за инфективни болести, надлежниот инспектор може да изрече глоби од 400 до 4.000 евра за неносење маска за физички лица.
Просечна плата: 1.175 евра
Србија
Од средината на октомври и Србија воведе задолжително носење маски и на отворено и на затворено.
Казна за неносење маска: 42 евра
Просечна плата: 510 eвра
Бугарија
Од 22 октомври носење заштитна маска на отворено е задолжително во Бугарија. Како што изјави бугарскиот министер за здравство Костадин Ангелов, причината за воведување на оваа мерка е заштита на населението, намалување на бројот на заразени и намалување на притисокот врз болниците.
Казна за неносење маска: 150 евра
Просечна плата: 536 евра
Грција
Грчката влада издаде соопштение во кое најави дека е задолжително носење маска во сите затворени места за работа и отворени јавни површини каде што има метеж. Мерката се применува низ целата земја, без оглед на локалното ниво на пренос.
Казна за неносење маска: 150 евра
Просечна плата: 1.116 евра
Aлбанија
На 10 октомври владата на Албанија соопшти дека носењето маски за лице на сите јавни и отворени места, како и јавни и затворени места, е задолжително.
Казна за неносење маска: За албанските граѓани на 11-годишна возраст и повозрасни казната за неносење маска изнесува 24 евра, додека казната за престапниците што ќе го повторат делото ќе биде 40 евра.
Просечна плата: 356 eвра
Италија
Во Италија маските за лице се задолжителни на сите јавни места, дури и на отворено, а владата предупреди дека полициски патроли постојано ќе проверуваат дали луѓето се придржуваат кон оваа мерка.
Казна за неносење маска: од 400 до 1.000 евра
Просечна плата: 1.000 евра
Британија
И Велика Британија воведе задолжително носење маски кога граѓаните патуваат со јавен превоз, во продавниците, супермаркетите и шопинг-центрите, во банките, црквите, џамиите, поштите, музеите и библиотеките, иако не се задолжителни на отворено, како во другите европски земји.
Казна за неносење маска: 220 евра
Просечна плата: 2.248 евра
Швајцарија
Од 19 октомври Швајцарија воведе мерка за задолжително носење маски во затворени простори вклучувајќи барови, продавници, ресторани, шопинг-центри, диска, пошти и други објекти. Ако не сакате да носите маска, тогаш од вас ќе биде побарано да го напуштите објектот. Доколку одбиете, се соочувате со апсење.
Казна за неносење маска: технички гледано, прекршувањето на мерката за задолжително носење маска може да доведе до парична казна до 9.300 евра според Законот за епидемии, иако останува да се види дали таквата парична казна ќе му се наплати на поединец.
Просечна плата: 4.600 евра
Франција
Во Франција мерката за задолжително носење маска на отворено беше воведена на 10 октомври откако земјата се соочи со рекорден број заразени. Задолжителното носење маска важи за секој над 11 години и ќе трае најмалку еден месец.
Казна за неносење маска: 135 евра
Просечна плата: 2.411 евра
Германија
Моментално во Германија е задолжително носење маска во јавен превоз и во продавниците во сите региони. Во некои места задолжителното носење маска е проширено и во училиштата и на работните места, како и на некои улици. Но, баварскиот премиер Маркус Содер повикува на построги универзални правила на национално ниво за носење маски. Тој смета дека ако во еден регион во рок од седум дена има над 35 нови инфекции на 100.000 жители, маските би требало да се задолжителни и на многу посетувани јавни места и во средните училишта. Доколку има над 50 случаи на 100.000 жители во период од седум дена, тогаш маските треба да се носат и во основните училишта и во училиштата за воннаставни активности.
Казна за неносење маска: 50 евра
Просечна плата: 2.456 евра
Чешка
Чешка повторно ја врати мерката за задолжително носење заштитна маска што беше воведена на почетокот на пролетта, меѓутоа, владата ја повлече во текот на летото, верувајќи дека ја ставила пандемијата под контрола. Но, маските сега се задолжителни во која било урбана област и во автомобилите. Претходно маските беа задолжителни само во затворен простор и во јавниот превоз.
Казна за неносење маска: 360 eвра
Просечна плата: 964 eвра
Нордиските земји, пак, уште од почетокот на пандемијата се одлучија за порелаксиран пристап. Така, владите во земјите како
Шведска,
Норвешка,
Исланд и понатаму стојат на ставот дека јавното носење маски е непотребна мерка на претпазливост кога нивото на инфекции останува на ниско ниво. Сепак, во некои земји задолжително е носењето маски, на пример, кога граѓаните се возат со јавен превоз.
Фото: Freepik, Pixabay