X
 12.10.2023 Живот

Европа ќе се соочи со тешки предизвици - бројот на пензионери ќе скокне за 25 отсто во наредните децении

Во новиот извештај од Светската здравствена организација (СЗО) се вели дека владите треба да почнат да инвестираат во спречување на лошото здравје во староста со оглед на стареењето на населението во Европа.

Европското население брзо старее - се проценува дека луѓето постари од 65 години следната година ќе ги надминат луѓето помлади од 15 години, па навиките и ставовите треба соодветно да се приспособат.

Тоа е пораката од новиот извештај на СЗО, кој се залага за поздрав начин на живот за да се обезбеди благосостојба во подоцнежните години. Во извештајот се вели дека почетната точка е поздравата исхрана, па СЗО сака владите да направат нешто повеќе за да им всадат подобри навики на нивните граѓани.

- Постојат податоци кои покажуваат дека физичката неактивност, прекумерната тежина и дебелината  се огромен ризик-фактор за тешки исходи од ковид-19 и долг ковид - изјави Стивен Вајтинг, технички советник на СЗО за спорт и здравје во Европа. Тој вели дека владите треба да почнат да инвестираат во спречување на лошото здравје во староста и додава дека поздравите луѓе подобро ги поднесуваат болестите.

- Ова е совршено време да се инвестира во превенција без разлика дали станува збор за идни итни случаи, идни пандемии, итни случаи поврзани со климатските промени, промовирање физичка активност и здрава исхрана за сите групи на население - вели тој.

Меѓу препораките се поздрава исхрана во медитерански стил и редовна физичка активност.

- На почетокот од оваа година, во соработка со ОЕЦД, објавивме извештај за трошоците за физичката неактивност на здравствените системи во Европската Унија и проценивме дека 8 милијарди евра годишно би можеле да се заштедат доколку повеќе луѓе се физички активни и ги почитуваат препораките на СЗО - додава Вајтинг.

Според СЗО, на здравите луѓе над 65 години им се препорачува да прават аеробни вежби со умерен интензитет најмалку два и пол часа неделно. Алтернативно, за луѓе што се физички поактивни, СЗО советува 75 минути неделно енергично вежбање, како пливање или трчање.

СЗО вели дека е од витално значење за повеќето постари луѓе да прават мускулно зајакнување најмалку два дена во неделата за да ја подобрат подвижноста и да спречат падови. Освен тоа, советува луѓето со хронични заболувања да вежбаат онолку колку што можат.

Извор: Euronews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот