X
 07.11.2021 Живот

Европски градови кои е подобро да ги посетите во зима

Иако овие градови се прекрасни во секое време од годината, сепак, имаат посебен шарм во текот на зимата, додека нивните убавини ги откривате во топол капут шетајќи низ улиците покриени со снег.

Доколку можете да изберете кога да ги посетите следните европски градови, ви препорачуваме тоа да биде во зима.

1. Талин, Естонија


Главниот град на Естонија е како град од бајките. Стариот центар на градот е сместен во средновековните градски ѕидини, заедно со видиковци и црвени покриви низ улиците со калдрми кои ги кријат античките градби.

Плоштадот се наоѓа веднаш до старата градска општина, која датира од 1404 година, што го прави најстариот во балтичките држави. Овде ќе најдете продавници во кои се продаваат уметнички дела, а меѓу другото и познатите џуџиња со голем нос (томте или тонту), кои потекнуваат од нордискиот фолклор.

Во текот на зимата има и лизгалишта до кои има неколку тезги каде што се служи варено вино или топло чоколадо.

2. Стразбур, Франција


Многумина велат дека ниту еден град не е поукрасен за Божиќ од Стразбур, па речиси и да нема излог или улица во која нема новогодишно осветлување, украси на излозите или пазарите.

Додека има големи божиќни пазари околу катедралата и на главниот плоштад, концентрирајте се на помалите во Мала Франција, стариот дел на стариот град, каде што има дрвени куќички, покриени мостови и мали плоштади кои му даваат посебен амбиент.

3. Стокхолм, Шведска


Гамла Стан, стариот град, палатите во и надвор од градот, паркови, улици, покриви покриени со снег го прават амбиентот на овој град уште поидиличен.

Стокхолм е прекрасен и во текот на летото, но некако има поголем шарм во текот на зимата. Ако случајно сте таму  кога паѓа снег, одете директно во палатата Дротнингхолм, која е особено убава кога паѓа снег.

4. Хелсинки, Финска


Уште еден град од Северна Европа кој е создаден за зимските празници.

Паркот Еспланада е целосно осветлен во текот на зимските ноќи, така што не треба да ја пропуштите можноста да го посетите ресторанот „Капели“, кој се наоѓа во тој парк - прекрасно кафуле со прекрасни божиќни украси и прилично добра храна.

Друга прекрасна глетка за доживување е плоштадот пред катедралата во Хелсинки.

И уште нешто - Финска е позната како земја со 5,3 милиони луѓе и 3,3 милиони сауни, па затоа ви препорачуваме да посетите една.

5. Париз, Франција



Секоја зима во Париз се отвораат многу лизгалишта, па добро би било да ја посетите Големата палата на Шанзелизе.

Амбиентот е прекрасен, се служат топли напивки, разладен шампањ, а ако не сакате да се лизгате, можете само да гледате додека другите се лизгаат.

6. Единбург, Шкотска



Главниот град на Шкотска е навистина убав во секое време, па дури и кога врне дожд во есен има посебен шарм.

Сепак, зимата е идеално време да го посетите - ќе имате можност да видите како Шкотите го слават Хогманај.

Ако го посетите Единбург за време на новогодишните празници, посетете ја Ботаничката градина на 2 јануари за да ја видите светлосната патека.

7. Хамбург, Германија



Ако зимата е доволно студена, тогаш ќе имате „среќа“, па двете езера кои доминираат во центарот на градот ќе замрзнат, а кога тоа ќе се случи, Хамбург ќе стане град на мразoт.

Пешачењето, лизгањето, тезгите со колбаси и варено вино ќе го направат пикникот на мраз и престојот во Хамбург уште поубав.

Извор: B92.net
Фото: Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот