X
 19.02.2019 Наука

Поради климатските промени, градовите ќе се преселат 800 км појужно

Какви временски услови ќе владеат со светот во 2080 година? Во наредните неколку децении се очекува глобалната клима да доживее драматична трансформација. Научниците пресметале дека нашите потомци, каде и да живеат, ќе се премeстат за стотици, па дури и илјадници километри појужно. Во некои делови од светот климата толку ќе се промени, што ќе нема со што да се спореди.

Токму ова го прикажува интерактивната мапа создадена врз основа на стручниот труд на Мет Фицпатрик од Центарот за еколошки науки при Универзитетот во Мериленд и Роберт Дан од државниот универзитет во Северна Каролина.

Интерактивната апликација наречена „Идните урбанистички клими“ е изработена за на неупатените луѓе да им помогне подобро да сфатат што ќе се случи со климата во наредните 60 години. За жал, ваквите мапи не се направени за Европа, но и од овие лесно може да се открие што нѐ чека во иднина.

климатски
Фото: Profimedia


Умерено топлата дождлива клима, карактеристична за средниот и источниот дел на САД, ќе се промени до 2080 година и често ќе биде сосема различна од современите климатски услови што можат да се најдат на западната хемисфера, северно од екваторот. Ако продолжат да се шират емисиите на штетни гасови, климата во северноамериканските урбани подрачја ќе бидат како современата клима што владее во подрачјата 700-800 километри појужно.

Во градовите на североистокот од континентот сѐ почесто ќе се чувствува влијанието на влажна суптропска клима, типична за делови од средниот запад или југоистокот на САД; ќе биде потопло и повлажно во сите годишни времиња.

Се очекува дека климата на градовите на западниот, пацифички брег ќе стане послична со онаа во пустините на американскиот југозапад или во јужна Калифорнија. Ќе биде потопло во сите годишни времиња, со промена во количината и сезонската распределба на врнежите.

Научниците анализирале 540 урбани подрачја што опфатиле околу 250 милиони жители во САД и во Канада. Тие ги прикажале сличностите на идната клима и условите што сега владеат северно од екваторот, притоа користејќи 12 мерила, вклучувајќи минимална и максимална температура и врнежи во текот на четири годишни времиња. Притоа, истражувањето зеде предвид две сценарија: стандардно најцрно сценарио што претпоставува неограничен економски раст со зголемена потрошувачка на фосилни горива и сценарио на намалување на емисиите на штетни гасови, базирано на меѓународни договори како Парискиот договор.

1
Фото: Matthew Fitzpatrick/University of Maryland Center for Environmental Science


Разгледани се голем број климатски предвидувања врз чија основа се генерирани 27 климатски модели.

Интересно, но не нужно изненадувачко е откритието дека нема совршено совпаѓање. Со други зборови, истражувачите не успеале да пронајдат клима која би била иста денес и по 60 години. Всушност, многу градови би можеле да имаат клима каква што денес не постои никаде на северната хемисфера.

Со кликнување на интерактивната мапа се појавуваат интересни резултати. Климата во Њујорк ќе потсетува на околности какви што преовладуваат денес во Арканзас, каде што летата се за пет Целзиусови степени потопли и една петтина посуви.

Во Торонто ќе биде како денес во Њујорк, додека Чикаго климатолошки ќе се спушти до Канзас, каде што зимите се потопли за четири степени и речиси една третина посуви. Единствено Лас Вегас нема да се помести многу подалеку; во 2080 година климата ќе биде за 5 степени потопла и посува, приближно онаква каква што денес е во Булхед Сити во Аризона, еден од најтоплите градови во САД.

Со анализа на глобалните и регионалните климатски модели, со голема сигурност може да се смета на тоа дека температурите во Европа ќе пораснат помеѓу 2 и 7,3 степени. Нивото на морето ќе се зголеми помеѓу 9 и 88 сантиметри, и тоа без топење на ледената прекривка. Ќе има повеќе суши и топлотни бранови и силни временски неприлики, од град и поројни дождови до бури и ветрови. Главно медитеранското лето ќе стане топло и суво, додека климата во Северна Европа ќе биде попријатна.

Многу зависи од Голфската струја; имено, прашање е што ќе се случи со неа поради топењето на арктичкиот мраз. Се предвидува дека во некои подрачја би можеле да исчезнат до 60 отсто од живите видови, особено ако не се намалат емисиите на јаглероден диоксид и метан и трендот на затоплување. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука