Фотографиите и снимките од вандалите што јуришат кон американскиот Капитол во обид да го поништат резултатот од ноемвриските претседателски избори ги преплавија медиумите и социјалните мрежи низ светот.
При упадот во Конгресот во Вашингтон од страна на поддржувачите на претседателот во заминување Доналд Трамп животот го загубија пет лица.
Новоизбраниот претседател Џо Бајден го опиша упадот како „побуна“, додека потпретседателот Мајк Пенс од администрацијата на Трамп рече дека насилството било мрачен ден во историјата на Конгресот на САД.
Нo, не е првпат да биде нападната зградата на Конгресот, попозната како Капитол - која симболично се смета за срце на американската демократија.
Од странски инвазии до бомби - еве уште четири пати кога бил нападнат Капитол.
Британците се обиделе да го запалат во 1814 година
Можеби најпознатиот напад бил за време на војната на почетокот од 19 век.
За време на инвазијата на Вашингтон во 1814 година, британските сили предводени од вицеадмиралот сер Александар Кокбрн и генерал-мајорот Роберт Рос го запалиле Капитол, кој тогаш бил во изградба. Зградата била спасена благодарение на пороен дожд.
За да се одмаздат за американското палење на престолнината на Горна Канада во Јорк, една година порано, британските трупи запалиле и други делови од градот и најважните згради, меѓу кои и Белата куќа.
Нападот од 1814 година е единствениот пат кога странска сила го зазела и окупирала Вашингтон.
Фото: Wikipedia
Британската амбасада во Вашингтон во 2014 година се извини, објавувајќи на „Твитер“ фотографија од торта во облик на Белата куќа со прскалки околу неа.
- Во знак на сеќавање на палењето на зградата пред 200 години. Само прскалки овој пат - пишуваше во твитот.
Објавата не беше најдобро прифатена во Америка, а некои твитерџии беа баш бесни.
- Ова би требало да е забавно - напиша еден.
Друг забележа: Ова е класичен пример на лош вкус.
Два часа по објавата, Амбасадата на Велика Британија во САД се извини за претходниот твит.
Напад со динамит на 4 јули 1915 година
Еден век по британскиот напад, Ерих Мунтер, поранешен професор по германски јазик на „Харвард“, запалил три динамити во приемната соба на Сенатот, горниот дом на Конгресот.
Експлозијата ја оштетила зградата, но немало жртви.
Мунтер подоцна истакнал дека неговиот чин бил реакција на финансиската поддршка на Британија, која одредени Американци ја дале во Првата светска војна против Германија.
Ерих Мунтер
Фото: Wikipedia
Пишувајќи под псевдоним во весникот „Вашингтон ивнинг стар“, Мунтер истакнал дека се надева оти нападот ќе создаде доволно врева да ги стиша гласовите што бараат војна.
- Оваа експлозија е мој апел за мир - напишал тој.
По еден ден од нападот Мунтер го ранил финансиерот Џеј Пи Морган, пред да биде совладан. Потоа Мунтер се самоубил.
Напад од порториканските националисти во 1954 година
Четворица порторикански националисти мавтале знаме на оваа островска земја и викале „Слобода за Порторико“ на 1 март 1954 година, пред да пукаат од галеријата за посетители во Претставничкиот дом, ранувајќи петмина конгресмени.
- Не дојдов да убијам никого, дојдов да умрам за Порторико - извикала лидерката на групата, Лолита Леброн, при апсењето.
Апсењето на Лолита Леброн
Фото: Wikipedia
Лолита била осудена на 50 години затвор, а тројца мажи добиле по 75 години. Подоцна претседателот Џими Картер донел одлука на сите да им ја намали казната. Неговата администрација соопштила дека ослободувањето би било „значаен хуман гест“ и дека „поголемиот дел од меѓународната заедница би го доживеал како таков“.
По враќањето во Порторико, за милитантската група бил приреден голем дочек.
Напад од радикално-левичарска група во 1983 година
На 7 ноември 1983 година експлодирала бомба на вториот кат од Сенатот. Неколку минути пред експлозијата некој што тврдел дека го претставува Движењето на отпорот се јавил во централата на Конгресот предупредувајќи за напад, истакнувајќи дека акцијата е одмазда за американската воена акција во Гренада и во Либан.
Немало жртви, но била направена значителна штета.
Фото: Wikipedia
Пет години подоцна агенти на ФБИ уапсиле седум члена на радикално-левичарската група поради нападот врз зградата на Конгресот и одвоени напади на воениот објект Форт Мекнер и седиштето на морнарицата во Вашингтон во 1983 и 1984 година.
Линда Еванс и Лора Вајтхорн биле осудени во 1991 година на затворски казни поради заговор и уништување владин имот. Тие сега се на слобода.
Извор:
Би-би-си на српски
Нассловна фотографија: Wikipedia