Еден од 17-те големи пожари во Калифорнија, наречен „Мендосино комплекс“, стана најголемиот во историјата на државата, засенувајќи го претходниот рекорд од пред само осум месеци. „Мендосино комплекс“ е составен од два пожара кои зафатија околу 117.700 хектари, што е отприлика како големината на Лос Анџелес и се очекува да гори до крајот на месецот, истакнаа од калифорнискиот Оддел за шумарство и заштита од пожари. Овој голем пожар по уништената површина го надмина пожарот „Томас“ кој минатата година уништи 114.078 хектари
шума.
Пожарите досега зедоа
11 животи, уништија повеќе од 1.500 структури и предизвикаа иселување на десетици илјади луѓе.
Вината за повисоките температури кои ги потпалија пожарите се префрли на климатските промени. Температурите во северна Калифорнија, според националната метеоролошка служба, би можеле да се искачат до 43 степени Целзиусови, олеснувајќи го ширењето на пожарите.
-Ова е исцрпувачко. Многу пожарникари повеќе од 30 дена се борат со пожарите без да одат дома - истакна портпаролот на калифорнискиот Оддел за шумарство и заштита од пожари, Стив
Кофман.
Тој додаде дека неговите колеги пожарникари се загрижени поради абнормалното однесување на пожарите.
-Гледаме однесување на пожарите кое пожарникарите не го виделе никогаш во нивните карииери. Тие се движат побрзо, понепредвидливи се, има повеќе ветер. И не се сеќавам во текот на мојата кариера да имало толку жртви - истакна Кофман.
Моментално повеќе од 14 илјади пожарникари, од кои некои се дури од Австралија и Нов Зеланд, се борат со пожарите во Калифорнија. Од Пентагон истакнаа дека ќе испратат 200 војници за да им помогнат на пожарникарите во борбата со пламените јазици.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е во постојан контакт со службите од Калифорнија, американската сојузна држава која е зафатена од големи пожари. Неговата изјава следеше само еден ден откако тој ги критикуваше политиките за животната средина на таа држава.