Фото: Screenshot/Twitter
„Твитер“ конечно им даде објаснување на критичарите зошто не го брише профилот на Трамп, иако тој редовно објавува навредливи пораки. Портпаролот на компанијата вели дека „Твитер“ го зема предвид нивото на информативноста што ја имаат некои твитови и гледа дали станува збор за релевантна вест.
Од компанијата велат дека во одлуката е вклучено и тоа дали некој ги прекршил нивните услови за користење, а во предвид го земаат и јавниот интерес. Реакцијата на компанијата следуваше откако многу луѓе реагираат на последниот твит на Трамп, во кој ја нападна Северна Кореја.
Трамп на „Твитер“ изјави дека Ким Јонг-ун е „мал ракетен човек“ кој нема да го има уште долго време - нешто што Северна Кореја го интерпретира како јасно објавување војна. Според правилата за користење на „Твитер“, овој твит јасно е кршење на забраната за вознемирување и поставување содржина што поттикнува насилство. Но се чини дека правилата на „Твитер“ се субјективни и не се применуваат еднакво за сите.
Извршниот директор на „Твитер“, Џек Дорси, вчера изјави дека компанијата повеќе ќе се труди кон транспарентноста во овие случаи. Неговиот коментар е всушност првпат да се спомене земање на нивото на информативноста како критериум за применување на правилата. Тие признаваат дека имаат барем некакво ниво на уредничка слобода и дека повеќе настапуваат како медиумска компанија, нешто што повеќето социјални мрежи се обидуваат да го избегнат со години.
Еден од основачите на „Твитер“, Биз Стоун, напишал и
блог за овој случај. Во него вели дека ваквата практика се применува со години, но дека наскоро ќе ги подобри своите јавни правила за сè да биде транспарентно. Иако „Твитер“ повеќе пати беше нападнат дека му дава премногу слобода на Трамп, досега никој ништо не искоментирал.