X
 08.01.2021 Живот

Прекрасни eко-градби прекриени со вертикални шуми и градини

Еколошкото живеење и добриот дизајн се сѐ почести денес. И токму затоа секој град треба да се стреми да има сѐ повеќе еколошки и зелени градби, за да имаме почиста средина во иднина.

Санаталија - Богота, Колумбија

1
Фото: ecotectura/Facebook

Со 80.000 растенија на 3.099 квадратни метри, ова е една од најголемите живи вертикални градини во светот. Станува збор за станбена зелена зграда отворена во декември 2015 година. Растенијата, освен што го прочистуваат воздухот (филтрираат околу 2.000 тони штетен гас секоја година), дејствуваат и како изолација што ја намалува потребата за клима-уреди. Дополнително, вегетацијата се наводнува преку систем што користи рециклирана вода од тушевите на единиците.

„Оазија“ хотел, Сингапур

hotel
Фото: Instagram

Буквално свеж воздух во преполн град, хотелот „Оазија“, дизајниран од сингапурската фирма, се наоѓа во централниот деловен округ во Сингапур и е висок 27 ката. Надворешната алуминиумска мрежа има 20 вида растенија што ползат по неа. Зградата има околу 10 пати поголема количина  зелена површина отколку што нуди еден парк. Растенијата се наводнуваат преку врнежи од дожд и поради отворените градини, речиси 300 соби не бараат механичка вентилација.

„25 Верде“, Торино, Италија

verde
Фото: Facebook

Вегетацијата на оваа градба опфаќа 63 станбени единици, кои седат на колони изработени од челик и се во форма да личат на самата вегетација. Како и многу структури на оваа листа, дождот ги одржува растенијата (а дејствува и како систем за греење/ладење на зградата).

„Боско вертикале“, Милано, Италија

5
Фото: Instagram

Познато и како „вертикална шума“, ова архитектонско чудо е направено од две станбени згради. Оваа вертикална шума има 250 дрвја и 4.500 грмушки. Соларните панели и рециклираната вода им помагаат да останат зелени. Освен тоа, 20 вида птици ја населија вертикалната шума.

„Наман ритрит“, Да Нанг, Виетнам

5
Фото: Facebook

Спа-центар покриен со дрвја што ги комбинира виетнамското наследство и ултралуксуз во својата естетика. Зелените слоеви овозможуваат приватност, проток на воздухот и чувство на смиреност.

„Уан централ парк“, Сиднеј, Австралија

6
Фото: Instagram

„Уан централ парк“ е сет од две згради - едната е структура од 34 ката, а другата од 12 ката - и двете градби се прекриени со растенија кои дејствуваат како изолација и заштитник од директната сончева светлина.

„Лоасис дабукир“, Париз, Франција

8
Фото: Wikimedia Commons

Висок 24 метри, овој ѕид има 7.600 растенија од 237 вида. Иако првичната зграда со пет ката можеби не била дизајнирана за да биде зелена, постојаната инсталација од ботаничарот и пронаоѓач на вертикалната градина - Патрик Бланк буквално го „зацементира“ зеленилото како препознатливо уметничко дело.

Музејот „Кваи Бренли“, Париз, Франција

muzej
Фото: Instagram

Покрај збирката од повеќе од еден милион предмети што ја откриваат историјата на културите низ цела Африка, Океанија и Америка, овој музеј има ѕид од зеленило. Исто така дизајнирана од Патрик Бланк, оваа фасада е огромен тепих од мов со димензии од 800 квадратни метри и има 15.000 растенија, вклучувајќи цвеќиња, ириси и папрати од 150 различни видови.

Меѓународната сала „АКРОС“ во префектурата Фукуока, Јапонија

9
Фото: Screenshot/YouTube

Изградена за промовирање на културата во префектурата Фукуока, зградата АКРОС е олицетворение на отворен зелен простор во урбан пејзаж, со 15 скалирани тераси во кои се сместени 50.000 растенија.

„Паркројал“, Пикеринг, Сингапур

parkrojal
Фото: Screenshot/YouTube

Колку луксузни хотели познавате што имаат високи градини кои се протегаат на речиси 15.000 квадратни километри? Дизајниран од фирмата што стои зад хотелот „Оазија“ во центарот на градот, овој хотел ги кани сите гости да ја посетат неговата луксузна градина направена по мерка на инфлуенсерите што патуваат.

Извор: Fodors.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот