Норвешкиот главен град Осло официјално ја почна својата година како европски најзелен град за 2019.
- Горди сме што официјално станавме најзелен европски град за 2019 година. Борбата и адаптацијата кон климатските промени се најголемите предизвици на нашето време и не можат да му бидат оставени на некој друг, во некое друго време, на друго место. Во 2019 година сакаме да го поканиме светот во Осло - да споделуваме и да учиме заедно. Нашата цел е да ја искористиме нашата титула за да шириме знаење, да ги инспирираме нашите граѓани и бизниси да донесуваат еколошки избори - изјави Рејмонд Јохансен, градоначалник на Осло.
За време на неговиот „мандат“ како најзелен европски град, од Осло ќе се очекува да биде амбасадор за одржлив урбан развој, со цел да ги инспирира другите градови и земји преку примерно спроведување прогресивни еколошки политики. Планирани се повеќе од 350 различни настани во текот на целата година.
Фото: iStock
Европскиот комесар за животна средина, поморски работи и рибарство, Кармену Вела, изјави: „Секој град може да сонува да биде зелен, но потребни се одлучност и политичко водство за да се пронајдат решенија за големите еколошки предизвици со кои се соочуваме денес. Тоа е она што го прави Осло посебен. Во земјата позната по богатството на енергетски ресурси, Осло прави големи чекори во транзицијата кон општество без емисии на фосилни горива. Неговиот успех во зголемувањето на јавниот транспорт и давањето приоритет на луѓето пред автомобилите е навистина инспиративен. Денешните настани покажуваат дека Осло се приближува кон неговата улога како најзелен град во Европа во 2019 година, активно обидувајќи се да ги инспирира и мотивира другите градови да станат зелени.
Осло ја освои наградата за најзелена европска престолнина поради низата зелени иницијативи, вклучително и гориво на автобусите од биоотпад; создавање сеопфатна инфраструктура за поддршка на велосипедизмот и јавниот транспорт и поттикнување на учеството на граѓаните и бизнисите во програмите за одржливост.
Градот има цел да стане целосно јаглеродно-неутрален до 2050 година.