X
 08.01.2024 Живот

Кучето не реагира кога го викате? Можеби е до вашиот глас

Истражување дава нови податоци за чувствителноста на кучињата на високите гласови, особено оние на жените. Група унгарски научници спровеле темелна анализа на скенови на мозокот на кучиња за да го истражат овој феномен.

Нивните наоди покажуваат дека кучињата реагираат на човечкиот говор на сличен начин како и доенчињата, односно реагираат на потпевнување, висок тон и посебно акцентирање на самогласките. Познато е дека човечките доенчиња реагираат на таквиот говор од нивните родители, што се покажало дека има позитивни ефекти врз нивниот мозок во развој.

Сепак, за разлика од доенчињата, кучињата не се изложени на женски гласови во утробата, а при интеракција со други кучиња, комуникацијата со висок тон не е типична. Затоа, се поставува прашањето зошто кучињата реагираат на човечкиот говор слично како доенчињата?

За да ја решат мистеријата, унгарските научници го скенирале мозокот на повеќе кучиња додека тие слушале претходно снимен човечки говор. Резултатите откриле дека кучињата покажале зголемена активност во аудитивниот кортекс кога биле изложени на тонови кои обично се користат во комуникација за домашни миленици или доенчиња, особено кога говорникот е женско.

Се издвојуваат две главни хипотези за тоа како кучињата можеле да развијат таква човечка чувствителност. Тоа би можело да биде вродена и универзална особина кај цицачите, кога се фаворизираат звуците со повисок тон и поголема варијабилност на фреквенцијата, или особина што луѓето ја присвоиле за време на припитомувањето на волците. Се наведува и дека во истражувањето биле опфатени само 19 кучиња и не бил земен предвид полот на сопствениците на кучињата.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот