X
 08.02.2019 Живот

Полската влада критикувана зашто ги спречува борбите за права на жените

Полската влада таргетира активисти и организации за женски права, доведувајќи ги женските права и безбедноста во ризична положба, пишува организацијата за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“ во извештај објавен во средата.

Повеќе од две години по првите масовни протести против ограничувањето на пристапот до абортус владејачката партија Право и правда врши напади над активизмот за правата на жената преку рации во канцелариите на различни организации, скратување средства, хајки и дисциплински мерки.

Во извештајот „Владиниот здив на мојот врат: Напади на правата на жената во Полска“ е документирано како од доаѓањето на власт во 2015 година, актуелната влада ги таргетирала организациите за женски права преку рации и дефундирање, често со мало предупредување и без јасно образложение.

Од „Хјуман рајтс воч“ утврдиле дека владините агенции ги носеле вработените што ги поддржувале протестите за женски права или соработувале со женските организации на  дисциплински сослушувања и им се заканувале со отказ. Наведените постапки владата претежно ги оправдувала со заштита на полските традиционални вредности, кои, според неа, се сериозно загрозени од феминизмот.

- Многу активисти станаа мета само затоа што им помагаат на жртвите на злоупотреба или ги поддржуваат основните права на репродуктивно здравје и мирните протести - истакнува Хилари Марголис, истражувачка за женски права во „Хјуман рајтс воч“.

По масовните протести што започнаа во ноември 2016 година имаше голем број полициски претреси. Во Центарот за права на жените во градот Лоѓ, кој им дава поддршка на жените што преживеале насилство, била извршена рација од страна на полицијата веднаш по протестите за права на жените во октомври 2017 година и центарот се соочил со повлекување на значителни владини финансирања. Ана Глоговск-Балцерзак, координаторка на центарот, истакнува дека тоа резултирало со значително намалување на можностите за давање услуги надвор од градот.

- Имавме клиентки од целиот регион. Сега имаме само една група на поддршка во еден мал град - објаснува таа.

Губењето на финансиската поддршка ги натерало организациите да го намалат бројот на вработени, да го намалат подрачјето на работа и бројот на достапни услуги за жртвите на семејно и друг вид родово насилство, оставајќи така многу жени без засолниште, правна или психолошка поддршка.

- Некои жени остануваат со своите насилни партнери зашто нема каде да отидат - вели Глоговска.

Освен одземањето на паричните средства, владата исто така ги блокирала и сеопфатните едукации за сексуалното и репродуктивното здравје, а многу жени и девојки се одвраќаат од барањето каква било помош.

Некои активисти биле заплашувани поради борбите за права на жените, вклучувајќи го учеството во мирни протести или соработка со организации што работат на подобрување на женските права во земјата.

Пет жени навеле дека нивното вработување во јавниот сектор сега е загрозено, а меѓу нив се и три наставнички и една сметководителка во училиште, кои биле подложени на дисциплинска постапка, иако не биле пронајдени легитимни причини за некакви дисциплински мерки.

Европската Унија и нејзините членки би требало да ја сметаат Полска одговорна за неуспех во спроведувањето на политиката на ЕУ за еднаквост, женски права и насилство над жените, вклучувајќи ја и Директивата за права на жртвите, наведуваат од „Хјуман рајтс воч“, осудувајќи ги постапките на полската влада. Исто така, додаваат тие, ЕУ би требало да обезбеди пристап до средства за полските организации за права на жените.  

- Полската влада ги казнува не само активистите и организациите, туку и жените што се потпираат на нив за помош. Дозволувањето на такво нешто испраќа опасна порака дека жените не можат да сметаат на заштита од ЕУ - вели Марголис.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот