X
 29.02.2020 Економија

Во ЕУ никнува нова економска сила

Многу луѓе останаа без зборови кога челникот на полската владејачка партија „Право и правда“, Јарослав Качински, изјави дека земјите од Средна и Источна Европа во наредните дваесетина години ќе ги стигнат земјите од Западна Европа.

На чело на тој економски подем, секако, би требало да биде неговата татковина, Полска. Нејзината економија расте со голема брзина и во 2040 година ќе ја достигне најбогатата земја во ЕУ, Германија, барем според неговите очекувања. Некои економски експерти, сепак, едвај ја сокрија насмевката: моментално Полска има БДП од над 500 милијарди долари, а Германија седум пати поголем, околу 3,5 билиони долари.

Александер Лашек, економист од варшавскиот институт „Цивил девелопмент форум“, го објаснува контекстот на изјавите на Јарослав.

- До одредена мера оваа изјава е само политичка реторика за полските гласачи на „Право и правда“ пред претседателските избори во мај. Целта да се достигне просекот на ЕУ до 2033 година ќе биде тешко да се оствари без политички реформи, но со малку среќа тоа може да се постигне. Но, изедначување со Германија не е можно - вели тој.

Сепак, минатата година Варшавската школа за економија објави студија според која, ако Полска успее да ја задржи стапката на економски раст што ја имаше од 1990 до 2018 година, тогаш навистина ќе ја стигне Германија за 21 година. Хана Голдевска-Мајковска, професорка во таа установа, образложува дека Полска уште во 2015 година ја стигнала Грција во однос на БДП по глава жител и дека оваа година ќе ја стигне Португалија.

Кога Полска пред речиси 16 години пристапи во ЕУ, таа беше една од најсиромашните земји во Унијата: коригирано на куповната моќ, БДП по глава жител беше само 14.800 евра годишно и само Летонија беше посиромашна. Стапката на невработеност беше 19 отсто, а просечните месечни примања само околу 510 евра.

Оттогаш економијата на Полска растеше околу 4 отсто годишно, повеќе од трипати побрзо отколку што беше просечниот раст на членките на ЕУ, кој изнесуваше околу 1,2 отсто. Во 2004 година БДП на Полска беше околу 44 отсто од просекот на ЕУ, а во 2008 година 67 отсто.

Извор: Buka
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија