X
 08.02.2023 Живот

Иран и протестите - ослепени демонстранти бараат помош на социјалните мрежи

Млада жена лежи во болнички кревет. Има завој на левото око бидејќи неодамна била оперирана.

Во септември Елаха Тавоколијан била застрелана од иранските безбедносни сили за време на протестите во североисточниот град Машхад. Оваа докторантка го изгубила видот на левото око. Но, дури три месеци подоцна собрала храброст да сподели видео на социјалните мрежи од нејзиното страдање.

- Ми пукаше в очи, но моето срце сè уште чука. Ти благодарам што ми го одзеде видот во окото бидејќи им ги отвори очите на многу други - напиша таа во објавата.

- Светлината во моето срце и надежта за подобри денови ќе ми помогнат да продолжам да се смеам. Но, твоето срце и срцето на твојот командант се помрачни секој ден. Наскоро ќе го добијам стакленото око, а вие ќе добиете орден - пишува таа.

Тие не се единствените

Би-би-си пронајде десетици демонстранти што биле повредени на овој начин.

Десетици илјади луѓе протестираа поради смртта на младата Курдијка Махса Амини во полицискиот притвор, бидејќи таа наводно не носела шамија „правилно“. Потоа следуваше полициско задушување на протестот, при што беа уапсени речиси 20.000 луѓе, а 500 беа убиени.

Младите ослепени лица тврдат дека биле намерно погодени. Но, командантот на иранската антидемонстративна полиција, генерал-мајор Хасан Карами, неодамна ги негираше ваквите наводи во иранските медиуми.

Тој рече дека е „пропаганда“ да се обвинат неговите сили дека „намерно“ им пукале в лице на демонстрантите.

Газал Рањкеш, студентка по право, беше една од нив. Во ноември таа беше погодена во јужниот град Бандар Абас. Оваа 21-годишна девојка прва отворено проговори за својата повреда на социјалните мрежи за да им покаже на луѓето што се случува. Видеото стана вирално, покажувајќи им на Иранците дома и во странство како властите ги таргетираат особено младите луѓе.

- Зошто се смееш кога пукаше во мене? - напиша Газал под видеото.

Подоцна го избришала за да го заштити медицинскиот персонал чии гласови се слушаат во заднина. Но, Газал започна нешто уникатно.

Младите мажи и жени со слични повреди сфатија дека не се сами и дека можат да најдат цела заедница на интернет што ќе им  помогне да ја надминат оваа траума.

- Звукот на очите е погласен од кој било крик - гласи личната изјава на Газал на персиски на „Инстаграм“.

Никој не знае колку луѓе се повредени на овој начин низ Иран. Toлку бил голем стравот од апсење во болница, што некои демонстранти се плашеле да побараат лекарска помош.

„Њујорк тајмс“ откри дека во периодот од септември до ноември минатата година 500 луѓе со слични повреди побарале лекување во три болници во Техеран.

Уличниот уметник Мухамед Фарзи од Техеран бил застрелан во септември.

- Не жалам за ништо. Горд сум што жртвував око за туѓата слобода - вели тој.

Тој отишол во болница и покрај ризикот. Но, останал без пари и бил принуден да го прекине лекувањето пред третата операција.

Д-р Мухамед Џафар Гемпана е еден од речиси 400. офталмолози што го потпишале официјалното писмо барајќи од властите да им дадат поголема помош на повредените.

Тој вели дека ослепените демонстранти ќе останат вечно обележани во очите на општеството.

- Овие млади луѓе до крајот на својот живот ќе бидат жив доказ за потиснувањето на слободата од страна на Иран - вели тој во видеото, кое исто така стана вирално.

Мухамед цврсто верува дека онлајн поддршката треба да прерасне во пријателство во реалниот живот.

Заедно со уште една повредена жена, Косар Ефтекари, тој патувал речиси 900 километри за да ја посети Елахе во болница пред нејзината голема операција.

- Тоа е единственото нешто што можеме да го направиме. Ја знаеме нејзината болка и треба да си бидеме поддршка - вели тој.

И покрај болките, Елахе по операцијата објавила порака на нејзиниот инстаграм-профил.

- Надежта цвета од мојата рана - пишува таа.



Извор: BBC
Фото: BBC/Screenshot
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот