Среде кризата со коронавирусот една винарница во Мериленд најде креативен начин да им овозможи на клиентите да го следат протоколот за социјално дистанцирање, но без да се откажат од виното што го сакаат.
Винарницата „Стоун Хаус“ од Хагерстаун нуди достава на вино преку нивното четириножно крзнено пријателче, кучето Сода Пап.
- Откако повеќе не ни доаѓаа гости во винарницата, забележав дека Сода е малку тажно - раскажува сопственичката на винарницата, Лори Јата.
- Секојпат кога ќе се отвореше вратата, Сода одеше да го поздрави гостинот - додава таа.
Затоа одлучила да купи седло наменето за коњи, а потоа на „Фејсбук“ објави пост за да види дали ќе има реакција од пријателите на Сода.
За да нарачаат, клиентите треба да се јават, да добијат препорака за вино и да си резервираат. Потоа, за да ја добијат испораката од кучето, клиентите треба да дојдат до паркингот, да се јават во винарницата и да кажат дека се подготвени за Сода.
- Кога ќе добиеме повик, го ставам елекот на Сода и тој оди да го достави виното. Ставам неколку грицки за Сода, две шишиња вино, ја отворам вратата и Сода оди до паркингот да го достави виното.
Фото: Facebook
Сода е паметен и ја извршува работата без никакво дресирање.
- Само што му го ставив елекот, тој веднаш замина. Кучињата боксери се многу паметни, понекогаш премногу паметни - вели Јата.
Се чини дека Сода ужива во својата нова професија исто толку колку што клиентите уживаат во тоа Сода да им носи вино.
- Луѓето што никогаш не ја посетиле винарницата сега доаѓаат само за Сода да им донесе
вино. Сода добива многу љубов и внимание и многу ми е мило за тоа - вели Јата.