Информациите за вакцината ги зголемуваат надежите дека ситуацијата со пандемијата наскоро може да биде решена, но ќе помине некое време пред да се вратиме на стариот живот.
Се разбира, дури и кога вакцината ќе стане достапна и под услов да е ефективна како што се тврди, ќе помине некое време пред да се вакцинираат доволно луѓе за повеќето да станат отпорни на Ковид-19.
Сепак, постои еден знак според кој ќе знаеме дека глобалната пандемија е минато и ќе можеме да се вратиме во нормала, ќе можеме да планираме патувања, да летаме, да јадеме во ресторани и да излегуваме во ноќни клубови и да уживаме во
концерти. Кој е тој знак, не открива експерт, научник или епидемиолог, туку тапанарот на бендот „Металика“.
Говорејќи на самитот „Еволв“, Ларс Улрих вели дека знакот дека пандемијата завршила ќе биде враќањето на големите концерти, кога бендови како „Металика“ и други повторно ќе настапат во салите пред 20.000 луѓе, или на стадионите пред 50.000 или повеќе обожаватели. Тогаш ќе знаеме дека работите се вратија во нормала.
Тој истакнува дека на спортските настани и со толкав број гледачи може да се одржува некаков ред, но кога станува збор за илјадници или десетици илјади луѓе кои честопати консумираат алкохол на концертите, пеејќи наглас со музичарите, јасно е дека не можат да се утврдат епидемиолошки мерки во такви ситуации.
Кога повторно ќе видиме најава за концерт на „Металика“ или некој друг бенд во големи затворени арени или стадиони, тогаш ќе можеме да кажеме дека времето на пандемијата заврши, нагласува Улрих. Тој вели дека и понатаму постои можност некои летни фестивали и концерти на отворено да бидат организирани во средината на наредната година, но верува дека ќе помине барем уште една година пред целосно да се вратиме во нормала.
Извор:
6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube