X
 08.05.2021 Наша тема

Феноменот Толковен речник: Светот ги збогатува речниците со нови зборови, ние кастриме!

Датумот 5 мај - кој требаше да биде светол датум во оваа значајна година за нас и за УНЕСКО – 100 години од раѓањето на Блаже Конески, кога беше промовирано долгоочекуваното електронско издание на Толковниот речник на македонскиот јазик - нема да остане запаметен како светол. Само ден подоцна јавноста, особено лингвистичките кругови, се разбранува кога од дигиталното издание исчезнаа зборови како „циганштија“, „циганчи се“, „циганштење“ и други изведенки од „циган“, и зборови како „курва“, „ороспија“, „педер“, „каур“, „Шиптар“, „Цинцар“, „Егеец“...

Американското дијалектичко здружение, интересна институција што е основана уште во 1889 година, секоја година прави избор на збор на годината. Од 1990 година наваму на дебата во Балтимор тие се обидуваат да постигнат консензус за тоа кој збор ја обележал годината. Оттогаш тоа го прават во првата половина на секој јануари. Правилото е дека новиот збор не мора задолжително да биде нов, но мора да биде значаен за изминатите 365 дена, според зачестеноста на употребата, важноста и пораката што ја носи. Тој збор треба да биде некој вид „временска капсула“, за на најсоодветен начин да изрази „кои сме и каде сме биле“ во изминатата година. Слични избори прават и други здруженија, но ова има најголем авторитет. Меѓу нивните членови се наоѓа лингвистот кој за „непристојниот“ и во сите јазици често споменуван збор што означува сексуален однос, а во англискиот јазик почнува со буквата „ф“, напиша цела книга!
Изборот на зборови на годината и деценијата во светот го потврдува на поинаков начин она што отсекогаш се знаело - дека јазикот е „жива материја“ и дека ефектот на неговите официјални „чувари“ и лингвистички пуристи во неговата еволуција е – занемарлив.

Наспроти ваквиот јазичен либерализам во светот, кај нас сè уште водат јазичните пуристи. Па така, датумот 5 мај - кој требаше да биде светол датум во оваа значајна година за нас и за УНЕСКО – 100 години од раѓањето на Блаже Конески, кога беше промовирано долгоочекуваното електронско издание на Толковниот речник на македонскиот јазик - нема да остане запаметен како светол. Само ден подоцна јавноста, особено лингвистичките кругови, се разбранува кога од дигиталното издание исчезнаа зборови како „циганштија“, „циганчи се“, „циганштење“ и други изведенки од „циган“, и зборови како „курва“, „ороспија“, „педер“, „каур“, „Шиптар“, „Цинцар“, „Егеец“...

Елка Јачева-Улчар, научен советник при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, пак, опширно говори за значењето на поимот толковен речник и последиците од бришењето на одредени зборови.

- Нешто што постои во јазикот е реалност и треба да се обележи и во речник. Со бришење на збор или термин во речникот вие не ја менувате надворешно-јазичната дејствителност, ами само си го осиромашувате речничкиот фонд на својот јазик. Бришење зборови од речник, без консултација на авторите, зборува за тоа дека под притисок на јавноста и кревање ѓурултија по социјалните мрежи секој може да прави што сака со некое авторско научно дело, а Владата слепо слушајќи ги негодувањата на јавноста, независно дали таа зборува аргументирано или не, го занемарува кажаното од авторите и се впушти во угодување на побунетата страна. Така, овој пат се тргна со бришењето зборови што содржат основа циган - зашто тој, наводно, била навредлив израз за припадниците на ромската заедница, иако овој збор со соодветните еквиваленти во другите јазици, егзистира, речиси, во сите релевантни светски речници, и печатени и дигитални - вели Јачева-Улчар.

Според неа, во Вебстеровиот дигитален стои зборот Gypsy (Џипси) со објаснување „понекогаш навредливо“ и упатува на Роми.

- Лесно може да се провери ова на интернет. Да не зборувам за тоа дека за ваквата постапка на бришење, иако сум автор на речничката статија Циган, никој не ме консултирал, ниту од Редакцијата ниту од Владата? Што правиме ако утре се јави некоја друга заедница и негодува за некој израз што го смета за погрден? Секој ден ли ќе го кастриме речникот за да им угодиме на „навредените“? Постапката на бришење „непожелни“ зборови во речникот од страна на некомпетентни луѓе во Владата зборува за едно крајно непрофесионално, скандалозно и навредливо однесување спрема авторите и покажува низок почит спрема лексикографијата како еден дел од науката за јазикот со свои строго дефинирани принципи, правила и методологија за работа - категорична е Јачева-Улчар.



Професорот Људмил Спасов, кој е консултант за Толковниот речник и промотор на повеќето печатени томови, смета дека објавувањето на онлајн-изданието на Толковниот речник на македонскиот јазик е исклучително важен настан за нашата земја и за афирмацијата на македонскиот јазик и народ.

- Што се однесува до спорните одредници, редакцијата и авторите одлучуваат за тоа. Владата не настапува во улога на цензор и таквите инсинуации не се добронамерни. Ние како народ и како држава треба да сме горди на речникот, кој веќе има добиено највисоко признание: награда „Гоце Делчев“ и има многу позитивни научни рецензии од дома и од странство - вели Спасов.

Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, која е дел од редакцијата на речникот, во статус на социјалните мрежи напиша: „Јас не сум еден од авторите на спорните зборови, но да бев, нема шанси некој да ми нареди да ги отстранам! Каква власт е оваа што се меша во авторски дела? Апелирам до редакцијата и до колегите автори да не попуштат под никакви притисоци! Срамота!“

Речникот е потврда за повисоко ниво на културата на јазикот


Првиот том на долгонајавуваниот Толковен речник на македонскиот јазик се појави во 2003 година, дури еден век по издавањето вакви речници на другите европски јазици. Оваа празнина во науката за македонскиот јазик дотогаш ја пополнуваше тритомниот Речник на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања, издаден во 60-тите години. Толковниот речник е еднојазичен, описен, на македонски стандарден јазик. Другите земји имаат вакви речници уште од 19 век, затоа што, се согласуваат лингвистите, без толковен речник, практично нема јазик. Во 2015 година се комплетира целиот проект од вкупно шест тома.

Хронолошки, кога станува збор за речниците на македонски јазик, први се речниците, за кои посоодветно би било да се наречат зборници, на Константин Перковиќ, Рајко Жинзифов, браќата Миладиновци, Марко Цепенков, Ѓорѓи Пулевски и на Блаже Конески.

Додека овој е прв еднонасочен, описен толковен речник на македонскиот стандарден јазик, прв македонско-македонски речник, кој претставува потврда за достигнувањето на едно повисоко ниво на културата на јазикот. Толковниот речник на македонскиот јазик има шест тома и со неговото излегување од печат пред неколку години се заокружи можеби најзначајниот проект во македонската наука за јазикот. Се работеше цели 14 години, во шест тома, со вкупно 100.000 збора. Речникот покажува дека македонскиот народ има богата лексика. Оваа публикација е капитална по многу нешта, пополнува голема празнина во македонската лексикографија и, најважно, јазичното богатство вметнато меѓу кориците на овој речник покажува колку е единствен и поинаков нашиот јазик од другите.
Во речникот може да се најдат многу зборови на кои малку сме подзаборавиле, но и многу актуелни во сегашниов миг, како и различни толкувања од претходните лексикографски изданија, бидејќи во меѓувреме дошло до промена на статусот на тие лексеми, во нивните значења или во употребата.



Ваквиот тип речници се многу важни за секоја нација

Ваквиот тип речници се многу важни за секоја нација бидејќи го покажуваат не само богатството на еден јазик туку и многузначноста на зборовите. Самиот термин толковен или, поинаку кажано, дескриптивен, значи дека во речникот зборовите се толкувани на македонски јазик. Науката за јазикот одамна го има апсолвирано заклучокот дека никој не може со сигурност да знае колкав број зборови користат луѓето што меѓу себе се разбираат на некој јазик, но толковниот речник е некаков показател за тоа. Речникот е проектиран на 100.000 збора, што значи дека е од среден обем, но тоа никако не значи дека македонскиот јазик има 100.000 збора, туку дека е избран ваков обем поради условите во кои е работен. Во науката за јазикот, поточно во лексикографијата, речниците се делат на мали, средни, големи и тезауруси, кои ги содржат сите зборови што ги има еден јазик.

Лексикографите, базирајќи се на достапните податоци, оперираат со лексиконски квантуми од максимални 400.000 номинални единици набележани во одреден речник. Тоа се речници од најголем обем. Таков е рекордерот, познатиот „Миријам-Вебстер“, англиски толковен речник со околу 450.000 збора. Има речници и лексикони со по 200-300 илјади збора. Тоа се речници од среден обем и таков е Оксфордскиот речник, кој нема повеќе од 300.000 збора. Стандардна бројка е 60 до 200 илјади определници, колку што имаат најголемиот број речници.

Самиот термин толковен или, поинаку кажано, дескриптивен, значи дека во речникот зборовите се толкувани на истиот јазик. Овие речници во извесна смисла имаат и нормативен карактер, ознаките за сферата на нивната употреба се многу значајни. Се внесуваат и зборови со ознаката нестандардно, што значи дека се среќаваат во употребата, ама не се сметаат за литературна норма. На пример, во едно литературно дело може да се најде секаква лексика, во зависност од темата, од авторот, а читателот, односно преведувачот треба да ги разбере и да им го најде значењето, ако се работи за превод, соодветно да ги преведе. Толковните речници се многу корисни во вакви случаи.

Влада: Институтот за македонски јазик понуди нови толкувања на зборови
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема