X
 08.07.2017 Наука

Загрижувачките ефекти од прекумерното работење и недостигот на сонот

„Во 40-тите години луѓето во просек навечер спиеле по осум часа. Денес, во ова модерно општество, спиеме околу 6,7 или 6,8 часа навечер“, вели Мет Вокер, професор по невронаука и психологија на Универзитетот „Беркли“ во Калифорнија.

„Тоа е неверојатно губење на сон во рок од 70 години, така што ние се наоѓаме во период кога сме исфрлиле 20% од спиењето“, додава тој.

За возрасните, модерниот свет е полн со нешта што го намалуваат сонот. Кофеинот, кој нè одржува будни. Алкохолот, кој го фрагментира нашето спиење и го потиснува сонот. И покрај тоа што имаме подобрени услови за спиење - од душеци до домови без чад од цигари, нашето контролирано опкружување може да создаде проблеми.

„Она што влијае врз сонот, а ги изненадува луѓето, се централното греење и централните клима-уреди. Кога заоѓа сонцето, температурата драматично се намалува, а кога изгрева, тогаш температурата се зголемува. Нашите тела го очекуваат тоа топлинско затишје. А она што ние го направивме е дислоцирање од природниот излив и проток што ни кажува кога е време за спиење и ни помага да спиеме“, вели Вокер.

И тука е технологијата. Не е повеќе само вештачкото светло, туку сите видови уреди со ЛЕД-екрани што испуштаат моќна форма на сина светлина.

„Оваа сина светлина го спречува ослободувањето на хормонот мелатонин, кој се лачи во текот на ноќта. А мелатонинот сигнализира кога треба да спиете. И технологијата предизвикува одложување на сонот. На полноќ обично ние размислуваме дека треба да го испратиме последниот имејл, да го провериме профилот уште еднаш и слично“, вели Вокер.

И над сето ова, може да го додадеме економскиот и општествениот притисок да работиме повеќе, да спиеме помалку и да бидеме како познатите светски лидери, вклучувајќи ги Доналд Трамп, Барак Обама и Маргарет Тачер, чиј животен стил бил  базиран на петчасовен или на шестчасовен сон.

Но, дали треба да се потрудиме да имаме подолг сон во текот на вечерта?

„Врз основа на 10.000 истражувачки трудови, бројот на луѓето што можат да преживеат со шестчасовно спиење или помалку, а немале никакво оштетување, е нула“, вели професорот Вокер, додавајќи дека ако спиеме помалку од седум часа, ќе започнеме да ги чувствуваме здравствените последици.

„Секоја поголема болест го убива човекот во развиениот свет. Алцхајмерова болест, рак, дебелина, дијабетес, анксиозност, депресија, самоубиство. Сите тие имаат директни и многу силни причинско-последични врски со дефицитот на спиење.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука