Оваа година по 48. пат ќе се одржи познатата македонска традиционална манифестација Галичка свадба. Настанот ќе биде викендот по празникот Петровден (12 јули), поточно на 15, 16 и 17 јули.
Годинава зет и невеста се Илчо Димитров, кој по потекло е од Галичник, и Елена Дуровска, по потекло од село Битуше, Западна Македонија. Младоженецот е редовен учесник на Галичката свадба со години, па веќе е запознаен со сите свадбени обичаи и традиции, додека невестата изјави дека најдраг ѝ е обичајот кога го гледа идниот партнер низ прстен и му вели: „Низ прстен те гледам, в срце да ти влезам“.
Претставникот на Месната заедница на Галичник, Александар Костиќ, тој соопшти дека оваа година заинтересираноста на младите да бидат галички зет и невеста била зголемена, со оглед на тоа што биле пријавени 5 пара, од кои 3 ги исполнувале пропишаните критериуми, по што организацискиот тим одлучил да им дозволи на младите да учествуваат во оваа манифестација.
Покрај Илчо и Елена, кои ќе бидат венчани во црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“, на истиот ден ќе бидат венчани и Искра Блажевска и Марко Бекриќ, додека пак Марија Крстевска и Владимир Черепналковски ќе се венчаат спроти празникот Голема Богородица (28 август), во црквата „Св. Апостол Павле“.
Програмата од настанот ќе биде поделена во 3 дена:
- Прв ден (15 јули) – програмата почнува вечерта во 21:00 часот со целовечерен концерт по повод 100-годишнината од раѓањето на галичанецот и великан на народната музика - Александар Сариевски.
- Втор ден (16 јули) – започнуваат свадбарските обичаи – поставување на свадбарскиот бајрак, „фрлањето три пушки“ од куќата на зетот, „пречекот на топаните“, играњето на „Свекрвиното оро“ и „Тешкото“, „Невестинското оро“ и „Манукот“ пред чешмата Упија.
- Трет ден (17 јули) – венчавање на младите во црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ и испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
Организаторите на Галичката свадба соопштија дека сите заинтересирани гости што немаат пронајдено сместување можат да постават шатори на познатата Галичка Ливада, која се наоѓа на 1 километар од центарот на селото, каде што и всушност ќе можат да ги остават своите возила. Исто така, оттаму ќе има и организиран превоз со комбиња и минибуси кои ќе ги превезуваат лицата до центарот на настанот.
Настанот ќе биде пренесуван во живо на интернет и на социјалните мрежи.
Оваа традиционална манифестација е под покровителство на претседателот на државата – Стево Пендаровски и Министерството за култура, како и многубројните спонзори, меѓу кои е и „Пивара Скопје“.
- Во годината кога „Пивара Скопје“ прославува 100 години од своето основање, ни претставува посебна чест и задоволство да ја продолжиме поддршката и партнерството со една од најпознатите манифестации во нашата земја. Токму традицијата е она што ги поврзува „Пивара Скопје“ и Галичка свадба и она што сите нас нѐ држи заедно, и тоа во пресрет на одбележувањето на 60-годишнината од почетоците на Галичка свадба во сегашната форма, што ќе се случува следната година. Ние во „Пивара Скопје“ сме подготвени да го продолжиме и дополнително да го зајакнеме нашето меѓусебно партнерство, со што ќе овозможиме продолжување на богата традиција кој е дел од нашето заедничко културно наследство - истакна Марија Миничиќ, менаџерка за партнерства со заедницата на „Пивара Скопје“.
Покрај финансиска поддршка која е неопходна за одржување на континуитетот и високото ниво на Галичката свадба, „Пивара Скопје“ традиционално обезбедува и пијалаци за учесниците на свадбената церемонија.
- Се вели дека нема свадба или друга прослава без пијалаците на „Пивара Скoпје“, a ocoбено без „скопско“. Ако е така, тогаш сосема природно е што „скопско“ било и останува да биде дел од најпознатата македонска свадба. Дополнително, создавањето на „скопско“ како еден од најпознатите македонски брендови е процес во кој се вградени многу знаења, љубов и стогодишна традиција - изјави Марта Завкова, сениор бренд менаџерка за „скопско“ во „Пивара Скопје“.