X
 07.09.2023 Наша тема

Кога бев студент со Ружица од „Ареа“: „Мојот студентски живот би го опишала како движење меѓу две крајности - забава и учење“

Иако сум тип кој повеќе е ориентиран кон музиката и уметноста отколку кон техниката, сепак, во времето кога се запишував на факултет бев на мислење дека кај нас подобро се живее доколку си стручно оспособен, вели Ружица

Ружица Милошеска-Брчиоска, нашата позната поп-рок пејачка, фронтмен на групата „Ареа“, е родена на 4 април 1968 во Гостивар. Завршила Електротехнички факултет, а сега работи во ЕЛЕМ.

За нашата рубрика Кога бев студент, која е поддржана од „Скопска пивара“, се наврати на студентските денови, спомените од едно подалечно, подинамично и слободно време. Основното и средното образование ги завршила во Гостивар, во ОУ „Братство и единство“ и во гимназијата „Панче Попоски“ и била одличен ученик.

- Студирав на ЕТФ (Електротехничкиот факултет) во Скопје, насока ИА, подоцна КТИА (компјутерска техника, информатика и автоматика). Иако сум тип кој повеќе е ориентиран кон музиката и уметноста отколку кон техниката, сепак во времето кога се запишував на факултет бев на мислење дека кај нас подобро се живее доколку си стручно оспособен во некоја од техничките гранки и тоа победи при изборот. И не згрешив, на крајот на краиштата, бев добар математичар во основно и средно - ни соопшти Ружица.



Имаше испити што лесно одеа, но некои потешко

Студентскиот живот ѝ бил полн со забави и дружења, во тој период почнала и работата на бендот „Ареа“, но испитите не трпеле никакви последици.

- Веројатно како и многу други студенти што доаѓаа во Скопје од други градови, во најголемо сеќавање во моментов ми се студентските забави и дружења, чувството на слобода зашто првпат живееш сам, а од друга страна, чувството на одговорност кон факултетот и обврските што ги имаш таму, така што мојот студентски живот би го опишала како движење меѓу две крајности - забава и учење. Во времето на моето студирање започна и работата на бендот „Ареа“, тогаш се случија нашите почетоци во музиката - се присетува пејачката и инженер Ружица.



За испитите немала тешкотии, но редовно учела за да не ѝ се насобира материјал во последен момент. Немала посебни ритуали за спремањето, но последната вечер пред испит не спиела.

- Имаше испити што лесно одеа, но некои потешко, сѐ зависеше од тоа како сум го „фатила“ предметот од почетокот. Сепак, тоа беше факултет на кој беше потребно редовно и систематско учење. Морам да кажам дека писмениот испит, задачите, ми одеа полесно, а усниот, теоретскиот дел доста потешко, повеќе ја сакав логиката, а помалку бубањето теорија. Немав посебни ритуали за спремање испити, но се сеќавам дека последната вечер пред испит редовно не спиев, со испиени неколку „бокали“ кафе и се потсетував на материјалот кој сум го поминала - дополнува таа.



Факултетот ме воведе во основите на електротехниката

На прашањето колку е заслужен факултетот за она што е денес и за нејзината успешност, знаење, достигнување, таа вели:

- Секако дека сето она што е научено на факултет не може да се памти цел живот, но сепак факултетот ме воведе во основите на електротехниката, ми ги разјасни во суштина електричните, електронските и дигиталните системи, суштината на нивното функционирање, ме научи како да се снаоѓам во техничка документација, ми ги продлабочи логиката и способноста за решавање проблеми, нешто што ми користи на работното место - истакнува таа.



Ружица подолго време работи во АД ЕСМ, Подружница „ХЕС Маврово“ во Гостивар и во моментов е на работно место раководител на службата за електроодржување. Секако, ние повеќе ја знаеме по прекрасните и динамични концерти, по евергрините што сите ги пееме, по незаборавните забави и свирки.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема