X
 27.06.2018 Издвојуваме

Кога бев студент со Александар Поповски, режисер: Двапати ме одбија на глума. Продавав „Млад борец“ и лепев плакати за Дом за млади

Унковски нѐ учеше дека мора да коментираме еден за друг. А имавме право да зборуваме и за него. Се сеќавам дека еднаш го „растуривме“ комплетно. Тоа беше претставата „Диес Ирае“ на Жанина Мирчевска. Воопшто не ни се допадна и го нападнавме. Тогаш ни рече: „Ја укинувам оваа рубрика оти претерувате!“ – се потсетува Поповски во рубриката што Факултети.мк ја реализира заедно со Пивара Скопје




Средното училиште ми е еден од најубавите периоди во животот, време што ме издефинира за тоа што станав подоцна. Тоа се годините помеѓу 1984 и 1988, кога целата културна сцена беше многу силна. Беа објавени култни албуми на југословенската сцена, гледавме филмови од белградски „Фест“, се радувавме на Млад отворен театар. Културниот живот ми беше главна преокупација – вели режисерот Александар Поповски, потсетувајќи се на своите средношколски и студентски денови.

Во средно глумев и пеев

Еден од водечките режисери на Балканот во последните десетина години, всушност, сакал да биде актер. Двапати во една година конкурирал на Факултетот за драмски уметности, ама бил одбиен. Професорот Владимир Милчин му кажал дека повеќе му лежи режијата.
Аматерски почнал да се занимава со театар во средно. Учел во гимназијата „Јосип Броз“ во Скопје. Вели дека се радува што имал и професори кои биле помодерни за тоа време, но и од стариот ков и таа комбинација ја нарекува „добитна“.
Пред да почне да глуми бил пејач во неколку бендови.
- Во прва година средно почнав со бендот „Ултиматум“ и свирев на првото издание на Рок-фестивалот. Пеев и бев крајно неуспешен во тоа, тешко на тие што ме слушаа. Знаев дека немам талент, ама имав голема желба – се смее Поповски.



Во тој период веќе имало две важни драмски групи што функционирале во Домот на младите (денешен Младински културен центар). Тоа биле „Чвор“ и „Мат“. Наскоро добил понуда да се вклучи во нова група, што ја предводел Иван Поповски, денес водечки режисер на руската театарска сцена. Во таа екипа биле Катерина Колозова, Иван Бартлинг и многу други уметници и успешни луѓе денес.
- Една од претставите се викаше „Неодредени лични заменки“, мислам дека ја режираше Катерина. Глумењето ми беше едно од најубавите искуства што сум ги имал. Подоцна Иван напиша еден текст, а мислам и дека го режираше – „Гордеј се со тоа што си“ и добив прва награда за глума во Кочани – се потсетува режисерот.



Поповски објаснува дека во средно школо кога ќе го видел Горан Стефановски дека оди во книжарница, возел со велосипед зад него, да види која книга ќе ја купи, за да ја купи и тој.

Ја основал театарската група „Црв“

Дошло момент да формира и своја театарска група, која се викала „Црв“. Му се придружиле Дарко Митревски, Зорица Црношија, Кети Илиевска.
- Бевме многу интересна група. Го направивме првиот текст на Дејан Дуковски и го игравме во џебното кино на Дом на млади. Таму сѐ уште бев глумец, не ни размислував за режија. Многу сакав да глумам и мислам дека бев одличен. Режирав две претстави, ама тоа не го сфаќав како режија, ами како нешто што мораш да го направиш. Ми беше поинтересно да играм. По некое време ни се придружи и Мишел Павловски, кој ни донесе фантастичен текст од руските симболисти - „Госпоѓа Ленин“ и со таа претстава победивме секаде – вели Поповски.


Ацо Поповски и Зорица Црношија

Со оваа претстава му се случил пресврт и во животот. Тоа веќе било времето кога решил дека многу сака да се запише на режија. По двата неуспешни обиди да стане професионален глумец заминал во војска во Љубљана. Таму конкурирал на отсекот, ама го одбиле со изговорот дека е многу млад. Во тоа време практика на словенечката академија била секој студент што сака да студира режија да поминал барем две години претходно на некој факултет од типот на Филозофски, Филолошки.
Во Скопје се запишал на Филозофскиот факултет. Филозофијата отсекогаш ја сакал. Ама не издржал долго време на тие студии, вели дека сакал да биде слободен за да може да ги интерпретира мислите на филозофите, а не само да ги повторува, цитира.

„Госпоѓа Ленин“ – пресврт во животот

- Решив да се обидам на режија во Скопје. Столе Попов беше раководител на филмска, а Слободан Унковски - на театарска режија. Во истиот период додека беа приемните дознав дека „Госпоѓа Ленин“ ни ја примиле на фестивалот во Белград. Го поминав првиот круг, а пред вториот му реков на Унковски: „Знаете што, јас морам да одам во Белград“. А тој: „Што зборуваш? Ти овде имаш обврска!“ – биле тоа моменти на одлука.
Поповски се сеќава како да било вчера.
- Ја паметам таа ноќ, на железничката станица, сите се качуваат во воз, пеат, весели се. А јас со еден велосипед од дедо ми, останувам сам, возот тргнува и ми носи сѐ што имам во моментот. Во тој момент тоа ми беше сѐ! Останав во една тотална неизвесност, во смисла што ќе се случи и се сеќавам дека плачев како идиот. Во некаква комуникација со небото си реков: „Добро, ајде кажи, што сакаш да направам за да влезам на Академија? Колку ја сакам оваа работа?“ Тоа отсекогаш си го сметав како жртва на олтарот на божицата Талија – вели тој.
Го поминал вториот дел од испитот и му се остварил сонот. Среќен бил што кај Унковски имале и часови по глума.



Ненад Стојановски ни беше идол


Поповски е многу благодарен за тоа што имал одлични професори. Ги имав Унковски, Столе Поповски, Горан Стефановски, Русомир Богдановски - луѓе кои на некој начин му ги отвориле вратите во професионалниот свет.
- Имав еден голем пријател, кој многу го сакав како актер – тоа беше Ненад Стојановски. За нашата генерација Ненад беше идол. Го гледавме отстрана, а подоцна станавме и пријатели. Почнавме да се дружиме и мене многу ми значеше тоа. Така го замислувам скопјанецот. Тој беше урнекот за мене – човек полн со дух, талентиран, начитан – вели Поповски.
Објаснува дека многу се дружеле со студентите по глума, а и со другите профили на ФДУ.

- Оттогаш сме блиски со глумците со кои соработувам. Се собиравме кај Дејан Дуковски, па дискусиите продолжуваа пред „Ван Гог“. Немаше политика во наше време, дискутиравме за убави работи. Во втора година на факултет ни пријде Љупчо Никодиновски-Биш, кој беше директор на МОТ, и ни рече дека младите режисери ќе работат според македонски автори. Мене ми се „падна“ да режирам во велешкиот театар. Тоа беше мојата прва професионална претстава според текст на Дуковски – „Џинот и седумте“. До крајот на студиите направивме една претстава заедно со Дарко Митревски, според наш текст - „Туку-така под облака“, а ни помогна Русомир Богдановски. Со таа претстава игравме во многу земји – вели нашиот соговорник.

За себе вели дека во прва година на студиите бил можеби најслабиот студент.
- Сите идеи што ги имав ги ставав во една претстава, како да ми е последна. И Унковски ми велеше дека мора да ме спаси од моите идеи. Ми велеше дека од секоја од нив можам да направам посебна претстава. Затоа мислам дека човек кога е млад, не може да режира и да се запише на студии. Во втора година веќе ја добив првата десетка и едно писмо од професорот кое сѐ уште го чувам и во кое ми честита. Унковски беше маг, така го запознавме – човек кој ја знаеше тајната. И Горан ја имаше таа теорија –дека талентот не може да се научи. „Јас можам да ве научам занает. Како размислуваш е твоја работа, ама како ќе ја систематизираш мислата, тоа е мојата работа“ – се потсетува на лекциите на Стефановски и додава дека секогаш го правел тоа што го интересира. Нагласува дека е особено важно за младиот човек да знае што не сака.



Со Никола еден ден ќе глумиме во претстава

Пријателството со Никола Ристановски е токму од студентските денови. Се договарале еден ден да играат заедно во претстави.
- Тоа беше една многу талентирана генерација. Повеќето од нив завршија како група во МНТ, иако во тоа време Драмски беше актерски појак. Ама кога дојде „Буре барут“, се премести енергијата во МНТ. Жал ми е што немаше силен продор на млади луѓе, еден проток на млади. Мислам дека нашата генерација не го направи она што го направи генерацијата на која ние се учевме – вели тој.

Со колегите на факултет биле многу самокритични, а на тоа ги учел и нивниот професор.
- Унковски нѐ учеше дека мора да зборуваме еден за друг. А имавме право да зборуваме и за него. Се сеќавам дека еднаш го „растуривме“ комплетно, тој направи претстава по текст на Жанина Мирчевска, „Диес Ирае“, и нам воопшто не ни се допадна, па го нападнавме. Тогаш ни рече: „Отсега ја укинувам оваа рубрика оти претерувате!“ – се смее Поповски. Дипломирал со претставата „Циркус Принтипрам“ од Хармс. При крајот на студиите почнал да работи и подзаглавил со испитите.
- Во тоа време се појави видеото како нов медиум и мене ме заинтересира. Почнав да работам за „А1 телевизија“ и ја снимив првата емисија - тоа беше концерт на Влатко Стефановски. Почнавме да правиме една емисија - „Subway“, па правев многу спотови, реклами и тешко ми беше да го завршам факултетот, ама собрав сили – вели режисерот.


Важно е да имате став


Вели дека е важно за младите додека студираат и да работат, да наоѓаат начин да заработат.
- Во прва година заедно со Дарко Митревски лепевме плакати за настани во Дом на млади. Ни плаќаа по 1 динар за плакат. Исто така, го продававме списанието „Млад борец“ на плоштад. Тоа беше во времето кога се осамостојувавме. Еден постар режисер ни пријде и нѐ искара што го правиме тоа, дека сме ја валкале професијата. Неколку години подоцна ете, ние си ја тераме работата – вели Поповски и додава дека работел и како новинар.
Го прашавме што мисли за првите претстави што ги направил. Вели дека е задоволен и дека биле резултат на еден став.
- По „ММЕ...кој прв почна“ ме викнаа да работам во Белград и ми дадоа да работам текст кој воопшто не ми се допаѓаше, беше нешто за конфликтот помеѓу Србите и Хрватите. И јас одбив. Ми велеа дека тоа ми е шанса и демек никој немало да ме викне другпат. Многу е важно да имате став – вели тој.
Иако го сака актерството, никогаш не си доделил улога во своја претстава, ама понекогаш игра во некоја од претставите кога гостува во некој град во странство.
- Еднаш во Љубљана играв цела претстава. Таква беше „Мистерија Буфо“, група луѓе патува низ приказни. Јас бев нов член во таа група и ми беше многу интересно.


За сите што сакаат да се занимаваат со неговата професија, тој вели:
- Многу е важно да се обидете. Мора да пробате и пред да се запишете на факултет. Во едукативна смисла, во средно школо мора да се воведат насочени предмети, за еден млад човек да си ги открие афинитетите. Да не одев четири години во Дом на младите, можеби никогаш не би се решил за режија. Ова е многу искуствена уметност. Добар се станува со искуството и со поминати километри, а тоа никој не може да ви го негира.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме