Во втора година се сместив во „Гоце“ и таму далеку, сам во собата, се случи некако да ја изгубам онаа активна студентска средина, па се повлеков и се оддадов на самотничко, маратонско читање. Ме фати носталгија, а и музиката сѐ повеќе ме влечеше – признава музичарот и се навраќа на своите студентски денови во рубриката што Факултети.мк и „Пивара Скопје“ ја реализираат заедно
Лидерот на групата „Фолтин“, Бранислав Николов, е еден од најхаризматичните водачи на музички состави кај нас. Ако се знае дека добар дел од текстовите на песните на оваа веќе култна група се негови и комбинираат и повеќе јазици, а понекогаш и измислени јазици, некако нормално е да ви се причини дека можеби изучувањето некој странски јазик бил избор за познатиот битолчанец.
Бранко студирал на катедрата за француски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Стигнал до четврта година и престанал да студира. И до денес не може да си одговори зошто не го завршил факултетот.
- Ех, тоа е прашањето што жена ми сѐ уште ми го поставува. И следува заклучокот по секоја моја неуспешна одбрана: „Не почнувај нешто што не можеш да го завршиш!“
Бранко во друштво со музичарите Оливер Јосифовски и Марија Вршкова
Бев првокласен сонувач
Францускиот јазик го изучувал во средно школо, ама признава дека тогаш не научил многу и дека главната одлука не му дошла оттаму.
- Во тоа време, на 18 години, музиката беше надвор од секаква опција. Поминав година-две во глуварење, читање книги и измачувачки несоници. Потоа бев малку војник и кога се вратив, повторно немав идеја што со себе. Отсекогаш бев првокласен сонувач и ескапист, а Медитеранот беше мојата совршена егзотика. Помислив, зошто да не – ако студирам француски јазик и книжевност, така ќе можам барем имагинарно да се реализирам. Ама и не само имагинарно. Да учиш туѓ јазик значи да го прегрнеш светот, да патуваш, да преминеш од другата страна на познатото во просторите на возбудливото непознато. Совршено за авантуристичкиот дух на млад човек што сѐ уште не пуштил корења. Во суштина, таква беше тогаш идејата – вели Николов.
Францускиот јазик не му била единствена желба за студирање. Имал кратка интензивна дилема дали да се обиде да студира на Факултетот за ликовна уметност.
- Имав другар, Александар Поповски, подоцна и цимер и колега во првата постава на „Фолтин“, кој ги привршуваше студиите по графика, со кого еден период, пред да се решам за Филолошкиот факултет, заемно се портретиравме, па така ме инструираше, но едновремено и ме оценуваше и ми даваше поддршка да се обидам. Сепак, проценив дека го немам вистинското и на крајот не се осмелив. Натаму никогаш не се покајав. Мала криза на идентитетот – вели Бранко и додава дека веднаш по завршувањето на гимназијата, „по некоја инерција или логичен след на настаните“, се запишал, или поточно, бил принуден да се запише на Машинскиот факултет во Битола.
- И таа заблуда траеше кратко – цели две недели. Тоа е, со сила не бидува убавина – вели тој.
Со цимерот Александар Поповски си пишувале афоризми на ливчиња
Учел фокусирано и интензивно
Се сеќава на приемниот испит, кој бил во два дела.
- Како не би се сеќавал?! Тие денови најмногу ги паметам по земјотресот што ја потресе Битола додека сѐ уште бев во Скопје. Двојна паника. Денови на искушение. Но, како што кажав, во гимназија не се покажав баш многу, па морав да запнам и да го загреам столот за приемните. Така направив и исходот беше неминовен. Тогаш беше така, барем на мојот факултет, со убави резултати на приемните можеше да се искупиш за „гревовите“ во средното – се шегува вокалот на „Фолтин“.
Иако не го завршил факултетот, бил ревносен студент. Сакал да учи фокусирано и интензивно.
- Не сакав да се расплинувам. Не ме интересираа општите предмети, оние што немаа директна врска со јазикот. Дванаесет часа на факултет... Како бруцош, бев сместен на „Рузвелтова“, одев пеш и пеш се враќав. Попатно мрморев на француски. И не бев таков само јас. Си го потврдувавме тоа со колегите. Она што цел ден го слушаш, тоа ќе го чуеш и таму кај што го нема. Се сеќавам кога во паузите шетавме низ „Мавровка“, македонскиот и албанскиот ги артикулиравме како неразбирлив француски. А се случуваше нешто и да протнеме, да протолкуваме. Беше смешно до болка – Николов.
Веќе наредната, како што тој ја нарекува софоморската година, се сместил во студентскиот дом „Гоце Делчев“.
- Таму далеку, сам во собата, се случи некако да ја изгубам онаа активна студентска средина, па се повлеков и се оддадов на самотничко, маратонско читање. Тоа не можеше долго да трае. Ме фати носталгија, а и музиката сѐ повеќе ме влечеше. И така, се вратив во Битола, ги полагав испитите, но не беше исто. Почнав да забавувам. Сѐ помалку и помалку бев студент – вели тој.
Го замоливме да ја избере омилената професорка на факултет. Вели дека дефинитивно тоа е Жана Ангеловска.
- Таа го надградуваше односот професор-студент до ниво на пријателство. За неа јазикот и културата беа мисија за општо добро. Таквите професори знаат да поттикнат, мотивираат и да инспирираат. Со такви професори студентот ја сака материјата, па не учи за испитот, туку за животот.
Вели дека имал добар просек. Не се окупирал со оценките, не „бркал“ стипендија и бил релаксиран.
- Во неколку пригоди без двоумење ја одбивав понудената шанса кога професорите се колебаа. Учиш колку што учиш и горе-долу тоа се покажува. Незаслужена повисока оценка во индексот нема да ти го зголеми ни угледот ни знаењето, а особено нема да те направи подобар човек и професионалец понатаму во животот – смета Бранислав.
Бранко со „протофејсбукот“
Жал ми е за незаокружената златна доба
Студирањето е возбудливата фаза од животниот пат на модерниот човек - доволно зрел да можеш да ја вкусиш слободата на самостојното живеење, а доволно незрел да го носиш товарот на одговорноста во светот на возрасните, вели тој.
- Совршено! Тоа е делот што доаѓа непосредно пред она: „Големата моќ носи и голема одговорност“. Како да си во некој огромен трговски центар на животот, стоката е одлична, изборот е голем, а во раката имаш ваучер со речиси неограничена вредност, па го имаш и сето време да разгледаш и да одбереш како, со кого, каде ќе живееш, што ќе работиш итн., и притоа ја имаш и таа привилегија - ако нешто не ти се допаѓа, да го замениш со друго, без некои поголеми дополнителни трошоци. Некого можеби малку ќе го повредиш и разочараш, но млад си, и тоа така се прави. Е сега, сето тоа е убаво, ама јас прерано го отфрлив. Ми е жал за нецелосната и недовршената, незаокружената златна доба, а истовремено не ми е жал за изборот што го направив. Па, еве ме сега – признава музичарот.
Не работел додека студирал и вели дека тоа била општата слика за студентите во тоа време.
- При крајот на редовното студирање работев на случајот да станам музичар. Шегата настрана, не живеев расипнички, па така, не ми требаа дополнителни средства, а немав ниту време за друго. Бев професионален студент. Не се сеќавам дека знаев некого од редовните студенти што работеше. Сите бевме професионални студенти. Тоа само по себе кажува многу за образовниот систем и системот на вредности, воопшто – вели тој.
Имавме аналогна социјална мрежа
Со неговиот цимер Александар, кој бил при крај со студиите кога Бранко бил бруцош, имале интересен ритуал. Затоа што преку ден не се гледале многу, смислиле невообичаен начин како да комуницираат.
- Во собата имавме стар шифоњер кој, освен за чување алишта, ни послужи за уште една намена. Не знам како сето тоа започна, но стана обичај секогаш кога еден од нас ќе се вратеше во собата, да земе парче хартија и да запише некоја досетка, афоризам или некаков коментар, нешто што го акцентира или заокружува денот и да го залепи на внатрешната страна од вратата на шифоњерот. Сите гости имаа обврска да ја отворат вратата и пред да се фрлат на читање и смеење, да се запишат на списокот со пријателите што доаѓаат првпат. Тоа беше нашата аналогна социјална мрежа, нашиот „протофејсбук“. За кратко време се собра доста материјал. Некој дојде до идеја да се издаде во форма на книга со фотографии, ама сфативме дека тоа функционира само таму, на „ѕидот“ во шифоњерот – раскажува Бранислав.
Бранислав Николов (фото: Маја Аргакијева)