X
 08.08.2019 Живот

Речиси четвртина од светското население се соочува со криза за вода

Во текот на изминатите сто години степенот на користење вода се зголемуваше повеќе од двојно од степенот на човечката популација. Додека резервите на вода продолжуваат да се намалуваат, некои делови од светот се соочуваат со кризи.

Од оваа година 17 земји се соочуваат со екстремно високи нивоа на таканаречен воден стрес (кога водените ресурси на некој регион или земја се недоволни за задоволување на потребите), покажуваат податоците од Институтот за светски ресурси.

Ова, во основа, значи дека речиси една четвртина од светското население - околу 1,7 милијарда луѓе - моментално живеат во области каде што секоја година земјоделството, индустриите и градовите искористуваат 80 отсто од нивните достапни резерви на вода.

Во толку ранлива состојба дури и мала суша може да предизвика криза. И овие суши, според научниците, само ќе се влошуваат со климатските промени.

- Водениот стрес е најголемата криза за која никој не зборува. Последиците од него се во форма на необезбедување храна, конфликти и миграција и финансиска нестабилност - истакна Ендрју Стир, претседател и извршен директор на Институтот.

Користејќи нов хидролошки модел, кој создава поточна слика за ризикот на немање вода, истражувачите од Институтот пресметале дека глобалните повлекувања на водата се повеќе од дуплирани од 1960 година. Тоа е сè поголема побарувачка и нема знаци за забавување. Алатката на Институтот идентификувала 44 земји што се соочуваат со високи нивоа на воден стрес.

Користејќи прегледани податоци за да ги мапира ризиците за вода како поплави, суши и воден стрес, Институтот направил рангирање на водениот стрес, ризиците од суша и од поплавување за 189 земји и нивните региони како сојузни држави и провинции.

Резултатите јасно ги истакнуваат Блискиот Исток и Северна Африка како региони каде што има најголем воден стрес. Всушност, 12 од топ-17 земји каде што има најголем воден стрес се лоцирани во овој топол и сув регион. Катар, Израел и Либан се на првите три места.

Индија е првата земја надвор од тие два региона што се појавува на оваа листа. Со 1,3 милијарда жители, само Индија има повеќе од три пати од населението на другите 16 земји на листата.

Меѓу земјите каде што има висок воден стрес се најдоа и Белгија (на 23. место), Грција (на 26. место), Турција (32. место) и Албанија (33. место).


Фото: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот