Решение за компании што имаат потреба од носење критични одлуки за многу кратко време, насловено како ASAP, е победник на првиот Betapitch настан во Македонија, кој вчеравечер се одржа во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Уште две други стартап-компании, Vapoar Apps и Intelory, со своите креативни решенија беа наградени со менторство кое ќе продолжи во Германија.
Од презентацијата на ASAP
- ASAP претставува решение за сите компании што имаат потреба од донесување критични одлуки за многу кратко време. Нашите природни клиенти се фaбриките, енергетските компании и компаниите што нудат комуникациска инфраструктура. Во моментов, ASAP може да извлекува знаење преку брза анализа на сензорски податоци (мерења), географски податоци (локации) и текстуални податоци (twitter) - вели Горан Стојановски од компанијата „Елевејт-Глобал“.
Победникот на овој натпревар на македонски стартап-компании ќе учествува на BETAPITCH Global & Investors Day во Берлин, кој ќе се одржи на 15 ноември 2018 година.
- На настанот во Берлин очекуваме успешна презентација и почеток на преговори со компании што работат на пазарите во Западна Европа. За нас, од исклучителна важност е да поставиме стратешко партнерство со овие компании и заедно да им помогнеме на нашите клиенти да ги носат вистинските одлуки брзо, со помош на ASAP - додава Стојановски.
На натпреварот се претставија 13 македонски стартап-компании кои со свои решенија и иновации ги изненадија судиите, меѓу кои и главниот оперативен директор на берлинската стартап-сцена „Бетахаус“. Комисијата ги проценуваше технолошкиот и бизнис-потенцијалот на идеите на учесниците. Од 1 до 6 октомври 2018 година претставниците на компаниите добија менторска поддршка од глобални и локални специјалисти, како и поддршка за унапредување на бизнис-концептот и на презентациските вештини.
Учесниците на вчерашниот натпревар
- Важно е што на натпреварот има и хардверски и софтверски решенија, што докажува дека македонската стартап-сцена е еднакво интересна, важна и квалитетна и за Германија и за глобалниот пазар. Посебно ме радува фактот што меѓу нив, 5 доаѓаат од УКИМ, составени од студенти и професори, што повторно укажува на фактот дека и нашето образование е квалитетно и конкурентно. Поддршката не застанува тука, односно менторството продолжува сè додека не се добие најдобрата финална верзија на проектот. Сите што се претставија се фокусирани на технолошкиот развој - додава Александар Стамболиев од Фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“.
Ива Јанковиќ од „Бетахаус“ вели дека Betapitch е локален настан кој патува низ целиот свет преку развиен и нов екосистем за стартап-компании. Поврзувањето значи поддршка во градењето екосистем и негово вкрстување на глобално ниво.
- Победничкиот тим од локалниот бетапич ќе дојде во Берлин да застане на Betapitch Global stage и да се натпреварува за парична награда, патување до Долина и партнерски награди. Глобалниот Betapitch не е само да се биде на сцената, туку е дел и од Денот на инвеститори, предводен од Betahaus каде што се натпреваруваат повеќе од 100 стартапи со инвеститори, корпорации и професионалци од индустријата. Првпат сме во Скопје и се надевам дека соработката ќе продолжи - вели Јанковиќ.
Овој настан Betapitch се одржува во 15 различни града низ целиот свет, вклучувајќи го и Скопје. Локални партнери за Македонија се Фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“ и Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при #ФЕИТ/УКИМ.
За повеќе информациите, следете нè на: