X
 02.03.2021 Живот

Европскиот проект „WeHealth“ ќе го поттикне научниот развој на дигиталните технологии за e-здравство

WeHealth (Widening Research on Pervasive eHealth) е европски проект координиран од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. WeHealth е проект финансиран преку Европскиот повик „Хоризонт 2020“ - програма TWINNING, кој официјално започна во јануари годинава и ќе трае до 30 јуни 2023 година.

Целта на проектот е да се подобри истражувањето во областа на е-здравјето и интеграцијата на различни области, како што се вештачка интелигенција, машинско учење и наука за податоци. Всушност, проектот ќе овозможи новата генерација на истражувачи во земјите на партнерите да развиваат и адаптираат нови технологии за е-здравствена заштита. Исто така, проектот ќе воспостави одржлива мрежа на истражување и дисеминација на знаење низ цела Европа на темата e-здравје. Проектот посебно ќе се осврне на следниве три аспекти на истражување: здравствена заштита управувана од податоци, човечки фактори во е-здравје и федерално машинско учење.

Поконкретно, германските партнери од Hasso-Plattner-Institut für Digital Engineering gGmbH (HPI) со седиште во Потсдам и италијанските партнери од FONDAZIONE BRUNO KESSLER (FBK) со седиште во Трст, преку својата дигитална здравствена лабораторија ќе дејствуваат како „движечка сила“ за поттикнување активности за истражување и вмрежување во областа на дигиталното здравје.

Проектот ќе им овозможи на партнерите на конзорциумот размена на знаење и можности за соработка и развој на меѓународна мрежа на научници и истражувачи, а преку тоа ќе понуди и долгорочна поддршка и соработка за секој што е заинтересиран во оваа област. Притоа, во рамките на проектот ќе се изведуваат различни активности, како што се предавања, организација на настани, организирање летни школи и формулирање нови заеднички истражувачки проекти и формални билатерални соработки.

Покрај истражувачките активности, WeHealth вклучува и обука на административниот персонал за подобрување на вештините за управување со проекти, нивна администрација, водење финансии и заштита на интелектуална сопственост.

Проектот е одлична можност за подигнување на истражувачките капацитети на УКИМ и ФЕИТ, пред сè во областа на е-здравјето, но и генерално во водење и администрирање на европски проекти, заштита на податоци, етика, заштита на интелектуална сопственост и слично.

На кој начин?

Проектот ќе се фокусира, пред сè, на обуката на нова генерација млади истражувачи од областа на дигиталните здравствени технологии (е-здравство), како и подобрување на управувањето со проекти и нивно администрирање. Дел од обуките се посветени на етиката, управувањето со податоци, како и на правната рамка поврзана со истражувања за дигитално здравје. WeHealth има можности за размена студенти, истражувачи, организација на вебинари, летни и зимски школи, работилници итн. Понатаму, проектот ќе врши дисеминација на резултатите и објавување на научни трудови на меѓународни научни конференции, настани, списанија - а преку тоа ќе се овозможи позиционирање на партнерите од конзорциумот во научната заедница. Накратко, проектот ќе овозможи да се надмине јазот помеѓу партнерите во конзорциумот, односно помалку развиените партнери ќе добијат соодветна обука и ќе ги подобрат своите истражувачки капацитети во областа на е-здравство, како и во начинот на управување со европски проекти и нивно администрирање.

Проектот го одржа својот прв (kickoff) состанок на 18 јануари 2021 година, преку виртуелна конференција. Состанокот го организира УКИМ, како координатор на целиот проект, на кој заедно со другите партнери и претставници на Европската комисија ги утврдија истражувачките задачи, оперативните планови и препораки за секој партнер, особено политичките аспекти поврзани со важноста на подобрување на истражувањето и науката на помалку развиените земји (Widening countries) и развојот на целата европска заедница.

Конзорциумот се состои од 5 партнери, кои се меѓународно препознаени за научните истражувања и достигнувања во областа на е-здравство:
Ss. Cyril and Methodius University in Skopje (UKIM) – Coordinator
Jožef Stefan Institute - Slovenia
Fciencias.Id – Associacao Para A Investigacao E Desenvolvimento De Ciencias (FC.ID) – Portugal
FONDAZIONE BRUNO KESSLER - Italy
Hasso-Plattner-Institut für Digital Engineering gGmbH (HPI) – Germany

Координатор на проектот е д-р Христијан Ѓорески - доцент на ФЕИТ при УКИМ.

EU website: https://cordis.europa.eu/project/id/952279/

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот