X
 28.06.2024 Наша тема

Матеа Ташковска е најдобар дипломец на ФЕИТ со просек 10,00: „Со истражувачки центри и технолошки паркови може да се задржат талентираните студенти во Македонија“

Иако моментално сум на магистерски студии, верувам дека моето академско надградување е далеку од завршено. По завршувањето на моите студии на EPFL, размислувам да се запишам и на докторски студии, исто така, во странство, истакнува нашата соговорничка Матеа

Матеа Ташковска е дел од студентите што добија признание за најдобар дипломец според Ректоратот на УКИМ за учебната 2022/2023 година.
- Ова признание претставува потврда за посветеноста и напорната работа што ги вложив во текот на студирањето. Ваквите награди дополнително ме инспирираат и ме мотивираат да продолжам да се стремам кон извонредност на професионално и на академско поле - ни посочува Матеа.

Математиката ми беше омилен предмет


Таа заврши на Факултетот за електротехника и информациски технологии, на насоката Компјутерски технологии и инженерство со просек 10.00, и вели дека пораснала во семејство на инженери, па била фасцинирана од логиката и решавањето на проблемите уште од најрана возраст.

- Математиката ми беше омилен предмет уште во основно училиште и му бев целосно посветена. Редовно учествував и освојував награди на државните натпревари, за што од Општина Центар ја добив и наградата „Феникс“ за посебни достигнувања во областа на математиката. Оваа страст кон математиката ме доведе до средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“, каде што мојот афинитет кон природните науки се продлабочи. Професорите во „Корчагин“ дополнително го зацврстија мојот интерес за техничките предмети, особено за компјутерските науки. Насоката Компјутерски технологии и инженерство совршено се поклопуваше со моите интереси, што го направи Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) логичен избор за моето академско усовршување и кариера. Од оваа гледна точка, тоа беше најдобрата одлука за мојот досегашен професионален развој - истакнува Матеа.



Во текот на нејзиното студирање најголема мотивација да се истакне и да го одржи просекот од 10,00 ѝ доаѓала од несебичната поддршка и охрабрување од семејството, пријателите и професорите.

- Нивната верба во моите способности честопати ја надминуваше дури и мојата и непрекинато ме инспирираше. Дополнително, секој мал резултат и успех беше значајна мотивација за уште поголеми постигнувања. Совладувањето сложени концепти и задоволството од наоѓање решение беа многу поголеми од секој првичен предизвик. Сепак, постигнувањето и задржувањето висок академски успех бара континуирана работа и целосна посветеност, што не би го нарекла жртва, туку повеќе како инвестиција во мојата иднина. Добиеното знаење и високите оценки ми овозможија денес да бидам стипендист на EPFL. Во последните години од моите додипломски студии почнав да се фокусирам на практичната примена на она што дотогаш го имав научено. Оваа фаза од моето образование вклучуваше ангажман во различни проекти во и надвор од државата, како и пракса на институтот „Јожеф Стефан“ во Словенија. Добиените искуства беа клучни за мојата определба за усовршување во областа на вештачката интелигенција и машинското учење и ја поттикнаа во мене желбата за научноистражувачка работа - ни споделува Матеа.

Надградувањето и усовршувањето на знаењето и вештините се нејзин главен фокус.



- Моментално сум на магистерски студии на EPFL во Швајцарија, кој е еден од водечките универзитети во областа на компјутерските науки во Европа. Сигурна сум дека академската ригорозност и иновативното истражувачко опкружување ќе ме подготват за моите идни предизвици. Иако моментално сум на магистерски студии, верувам дека моето академско надградување е далеку од завршено. По завршувањето на моите студии на EPFL, размислувам да се запишам и на докторски студии, исто така во странство. Без разлика дали станува збор за најсовремена компанија или истражувачки центар, професионално се гледам себеси во улога каде што можам да ги спојам истражувањето и потребите на индустријата и преку иновации да придонесам за развој на општеството - истакнува нашата соговорничка Матеа.

Иднината ја гледа во Македонија

Според неа, во време во кое технологијата брзо се развива, важно е таа паметно да се искористи, па нејзините цели се поставени токму во оваа насока.

- Машинското учење и системите поддржани од вештачката интелигенција се појавуваат речиси насекаде, овозможувајќи ни да решаваме проблеми кои порано беа нерешливи. Мојата цел е да водам иницијативи кои ги користат овие технологии за подобрување на секојдневниот живот и за справување со глобалните предизвици. Овие амбиции не се само за технолошки напредок, туку и за насочување на иновациите кон општествено добро, осигурувајќи дека придобивките од технологијата се достапни за сите. Така, мојот примарен интерес лежи во потенцијалот на вештачката интелигенција во биомедицината. Дијагностицирањето болести и развојот на приспособено лекување се само дел од решенијата што ги нуди вештачката интелигенција, која веќе ја револуционизира ефикасноста на здравствените системи. Сепак, ова е големо поле за истражување, со многу отворени предизвици за кои сум нестрплива да најдам решение - вели Матеа.



И покрај нејзините планови и амбиции за доусовршување во странство, својата иднина ја гледа во Македонија.

- Ако погледнеме каде се наоѓаат нашите универзитети споредено со европските во поглед на рангирањето, кое е главно базирано на научните постигнувања, нема дилема дека европските универзитети се предизвик за секој талентиран студент. И покрај моите планови и амбиции за доусовршување во странство, мојата желба да придонесам за растот на Македонија останува силна. Но, за младите како мене да размислуваат за враќање, неопходни се значителни подобрувања и услови, меѓу другото и формирање истражувачки центри и технолошки паркови. Ваквите промени ќе ги задржат талентираните студенти во Македонија, овозможувајќи им погодна средина за иновации и поголем напредок - категорична е Матеа.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема