X
 08.11.2018 Наша тема

Гоце Стевковски, перкусионист: Македонија има одлични џезери, ама џабе ако никој не знае дека постоиме

Медиумите мора поактивно да се вклучат. Неопходни ни се сериозни емисии, да разговараат со луѓето што се занимаваат со музика, да ја сфатат и да ја пренесат суштината. Ние имаме сериозен недостиг од медиумско претставување, вели Гоце Стевковски, претседател на Здружението на џез-музичари и слободни уметници. Тој со „Гоце Стевковски септет“ вечерва во 20:30 часот во Македонската филхармонија премиерно ќе го промовира албумот Homage to a dreamer, кој помина одлично на светските топ-листи


Не може да имате сериозна држава, а да развивате џез-култура само на едно ниво. Биг бендот при Здружението на џез-музичари и слободни уметници ја опфаќа таа повеќеслојност - го гради патот на еден музичар-уметник од школска клупа до професионален ангажман, вели Гоце Стевковски, претседател на Здружението и еден од најреномираните перкусионисти во Македонија денес. Тој со „Гоце Стевковски септет“ вечерва во 20:30 часот во Македонската филхармонија премиерно ќе го промовира албумот Homage to a dreamer, кој помина одлично на светските топ-листи. Концертот е повод со Стевковски да се осврнеме на состојбите на џез-музиката во земјава, проблемите со кои се соочуваат авторите, во време кога малкумина се интересираат за статусот на уметниците-музичари.

Гоце Стевковски   Фото: Татјана Ранташа

Здружението на џез-музичари и слободни уметници постои веќе две и пол години. Која беше основната цел за џез-музичарите да се организираат на овој начин?

- Идејата дојде преку разговор со колеги, музичари, композитори, луѓе од нашата фела кои се занимаваат со џез. Решивме да регистрираме здружение, да ги здружиме силите и капацитетите за да можеме да најдеме простор на сцената. Од Здружението произлезе Биг бендот, кој има сериозна активност. Веќе две години правиме фестивал на 30 Април, Денот на џезот. Првиот беше во Младинскиот културен центар во Скопје, другиот во Македонската филхармонија. На првиот настапија 12 групи - студенти од факултетите, Fierce, Сет, Тони Китановски, Васил Хаџаниманов и Биг бендот на здружението, Лео Џеновезе со Франческо Маркочи - една сериозна екипа, генерација која во Њујорк настапува со легенди како Вејн Шортер, Херби Хенкок, Есперанца Спалдинг. Имавме неколку музички џез-карвани низ градовите во цела Македонија. Концертите беа во домови и во центри на културата. Каде што немаше услови, настапувавме во џез-клубови.

Веќе подолго време сите зборуваат за криза во македонската музика. Како поминуваа концертите во градовите во внатрешноста?

- Ние бевме презадоволни, особено од места на кои не очекувавме да има таков фидбек. Луѓето сакаат да чујат нешто ново, дури и не се оптоварени толку со информации како што сме тука, во Скопје. Имаше многу позитивни реакции особено на места како Пробиштип, Македонска Каменица, Ресен. Сè уште има многу луѓе што ја слушаат оваа музика, ни даваат поддршка и уживаат во нашите настапи. Има интеракција. Ако музичарите кои настапуваат се чесни и искрени во музиката и во нивната интерпретација, луѓето секогаш ја препознаваат емоцијата, ја доживуваат енергијата. Тоа допира до секој човек. А реакциите се фантастични.

Биг бендот на ЗЏМ   Фото: Татјана Ранташа

Во рамките на Здружението функционира и Биг бендот. Зошто ни беше толку потребен еден ваков оркестар на нашата сцена?

- Во Македонија немаше оркестар низ кој ќе има проток на млади музичари. Со формирањето на овој оркестар сакавме да им дадеме супер можност на младите музичари. Во земјава има два факултета за музичка уметност кои продуцираат џез-кадри. Биг бендот може да им биде филтер во понатамошниот професионален развој. На пример, оркестарско свирење е една сериозна гранка. Луѓе што не свиреле во оркестар мислат дека е едноставно, а воопшто не е. Самиот габаритен состав е предизвик – тоа е една друга енергија, естетика, друга музика. Потребата за џез Биг бенд има и социолошко-општествен аспект. Не може да имате сериозна држава, а да развивате џез-култура само на едно ниво. Ние ја опфаќаме таа повеќеслојност и се трудиме да ја изградиме во процес - од школска клупа до професионален ангажман. Ги имаме сите постулати како треба да расте еден музичар. Така, на иницијатива на Кирил Кузманов, решивме да се организираме и да си направиме наш Биг бенд кој изведува светски класици. Сакавме да се обидеме да направиме нови аранжмани на постари бендови, да ги застапиме македонските композитори од постарата и од поновата генерација. На првиот концерт ја свиревме програмата „Битлси“ со Зиги Фајгел, професор на Џез-академија во Грац. Тој е еден од најреномираните диригенти во Европа. Не знам зошто му се допадна да го прави тоа со нас, но работиме заедно и често гостува на нашите концерти. Свиревме на Охридско лето, на Прилеп џез-викенд, на Денот на џезот, со Дон Менза и Зиги Фајгел. Направивме сериозни концерти во Македонската филхармонија.

Колку е тоа значајно за младите студенти?

- Биг бендот е еднакво важен за сите. И за нас што професионално се занимаваме со музика, зашто се свири исклучиво светски, тежок, убав материјал од различни композитори. Дјук Елингтон, Каунт Бејзи и посовремени аранжмани. Се надевам дека идната година ќе успееме да ги застапиме и македонските композитори. Имаме со што да се пофалиме - Илија Пејовски, Александар Пејовски, Владимир Николов, Живојин Глишиќ... Интересно е бидејќи во околината нема ваква слободна институција. Во нашиот Биг бенд дефилираат и професионални музичари од Косово, Бугарија, Србија, од регионот и правиме интересни концерти.


Од спотот за композицијата Monday на „Гоце Стевковски септет“, кој го режира Гоце Цветановски

Во моментот колку членови има Здружението?

- Стотина луѓе. Кога Зиги Фајгел не е тука, со нас како диригент работи Џијан Емин. Во оркестарот има музичари како Кирил Кузманов, Иван Иванов, прекрасен тенор саксофонист, Гордан Спасовски, извонреден млад пијанист, Владан Дробицки од „Сет“, Сашко Николовски, прв тромбон во оркестарот на Македонската опера и балет, Виктор Филиповски... Тоа се претежно луѓе кои цел живот се занимаваат со музика, без оглед дали нивната определба е само џез-музика или имаат поширок дијапазон. Но, кога ќе ги сублимирате како поединци, може слободно да констатирате дека 70 отсто од она што значи жива музика во Македонија се членови на Биг бендот, односно на Здружението.

Како помага Здружението да се подобри статусот на музичарите денес?

- Ако зборуваме за музичари што поминале низ образовните институции, најдобрите си го наоѓаат патот. Станува малку комплицирано ако е голема бројката на најдобри. Но, состојбата во државата е таква каква што е. Мора да се работи на стратегија во културата која ќе овозможи занимавање со уметност на различни нивоа. Не треба да бидат само двата национални оркестра - Македонската филхармонија и Македонската опера и балет. Нашиот Биг бенд е трета национална институција, која се занимава со џез-музика. Не зборуваме за рокенрол или за луѓе на кои музиката им е хоби. Тоа се музичари што поминале низ сите образовни институции. Една од можностите е тие музичари да бидат под закрила на овој Биг бенд. Во моментот не можеме да функционираме како институција, но на проекти, од реализирани концертни активности, може да се најде начин, како преодна фаза, додека не си го најдат своето место. Сè уште постои статусот слободен уметник, но треба да исполните одредени критериуми за да го добиете. Проблемот е како да ги исполните критериумите. Зборувам само за исклучително талентирани музичари и групи. Ние можеме да овозможиме концертирање и созревање преку механизмите што ги имаме, но тоа сè уште не е доволно. Би можеле повеќе ако добиеме поддршка од институциите - без тоа не можеме да опстанеме. За илустрација, ноти за аранжмани за еден концерт чинат меѓу 250 и 500 долари, за една композиција. За концерт од 10 композиции ви требаат од 2.500 до 5.000 долари. Кога зборуваме за уметност, тоа не треба да биде никаква ставка. Се знае што значи културата во едно општество. Мора да научиме да цениме и да вреднуваме. За тоа ни треба поддршка.

Гоце Стевковски   Фото: Маја Аргакиејева

Што би ја подобрило состојбата на џез-музичарите во Македонија?

- Неопходен ни е буџет. Се сретнавме со министерот за култура Асаф Адеми, му објаснивме што сè сме сработиле досега. Нашите концерти се посетени, салите се преполни, гостите што ни доаѓаат се врвни, публиката има што да чуе и да види. Нашата програма секогаш е во тренд и е едно супер доживување за луѓето што доаѓаат да нè слушаат. Презентирано е на највисоко професионално ниво, продукцијата е фантастична. Но, повеќе не можеме да постигнеме без поддршка од институциите, пред сè, од Министерството за култура. Потребни ни се капацитетите во државата, салите, простор за вежбање. Медиумите мора поактивно да се вклучат. Неопходни ни се сериозни емисии, да разговараат со луѓето што се занимаваат со музика, да ја сфатат и да ја пренесат суштината. Ние имаме сериозен недостиг од медиумско претставување. Исто како кога имате најдобар производ - ама го нема во продажба и никој не знае за тоа.

Биг бендот на ЗЏМ   Фото: Татјана Ранташа

Во големата сала на Македонската филхармонија ќе има концертна промоција на албумот Homage to a dreamer на „Гоце Стевковски септет“. Што ќе чуе публиката?

- Албумот го снимивме на сцената на Македонската опера и балет. Направивме албум кој официјалната критика многу добро го оцени. На некои светски топ-листи котиравме високо, во друштво со Бред Мелдо. Одѕивот беше одличен, но немаше класична промоција во Македонија. Ќе настапат Тодор Бакрџиев - труба, Кирил Кузманов - саксофон, Сашко Николовски - тромбон, Филип Динев - гитара, Гордан Спасовски - пијано, Кирил Туфекчиевски - контрабас и јас на тапани. Матијаш Гајер има турнеја во Лондон и не може да дојде. Гости ќе бидат Димитар Божиков и Филип Димишковски - млад музичар кој неодамна ја доби наградата „Златен орикс“. Се надевам дека еден ден сите добитници на оваа награда ќе направат група која ќе го носи името „Златен орикс“.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска/vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема