X
 08.11.2018 Образование

Лицата со хендикеп бараат квалитетно образование и вработување во јавниот сектор

Лицата со хендикеп бараат образование кое не е ограничено, специјализирано и кое нуди еднаков квалитет како и за другите граѓани без попреченост, и да се земе предвид нивно вработување во јавната администрација. Ова, меѓу другото, беше истакнато на јавната дебата на тема „Погледни ги способностите - состојбите и предизвиците во вработувањето на лицата со хендикеп“.

 - Постои проблем околу класификацијата и категоризирањето на децата и лицата со хендикеп, како и специјалниот пристап кој го има државата, кој наместо кон грижа, е насочен кон креирање посебни мерки кои не водат кон еднакви права, туку кон сегрегирање и дискриминација. Во одредени специјални училишта наместо слепите и глувите да учат по квалитетни програми, државата ги пренасочува од старт да учат само мануелни работи, што предизвикува системска дискриминација. Без образование не може да имаме квалитетно вработување - истакна Елена Кочоска, програмскиот раководител на „Полио Плус - движење против хендикеп“.

Според неа, дополнителен проблем е вработувањето и при клаузулата правична застапеност на заедниците во јавна администрација, заедницата за лицата со хендикеп воопшто не е земена предвид.
 - Македонија нема статистика за бројот на лицата со хендикеп. Една од препораките на Комитетот на правата на лицата со хендикеп е дека Македонија треба комплетно, покрај законодавната рамка, да пристапи кон промена на свеста и стереотипите кои државата ги креира за заедницата на лицата со хендикеп. За овие проблеми континуирано зборуваме, но, за жал, сè уште прашањето на заедницата со хендикеп е на последно ниво на политичката агенда - рече Кочоска.

Таа додаде дека најголемата застапеност на лицата со хендикеп е во т.н. заштитни друштва, што претставува повторно нивна дискриминација, многу мала е нивната застапеност во приватниот сектор, а уште помала во јавната администрација.

 - Денеска се собравме отворено да позборуваме за тоа каде е местото на лицата со хендикеп во процесот на вработување. Сакаме да се информираме какви ќе бидат идните чекори што ќе ги преземе Стопанската комора на Македонија, а со цел сите категории на лица со хендикеп во оваа земја да бидеме вклучени, бидејќи тоа ни е загарантирано право и според Уставот и според Конвенцијата - изјави Љубиша Савески, долгогодишен соработник на „Полио Плус- движење против хендикеп“.

Претставникот на Стопанската комора на Македонија, Јадранка Аризанкоска, рече дека во рамките на ИПА-програмата, лани во партнерство со ова здружение во Стопанската комора бил формиран Центар за вработување на лица со хендикеп и неговата намера е да воспостави програми и модули кои ќе ги подготват лицата со хендикеп да се вклучат на пазарот на трудот.

 - Минатата година реализиравме голема серија обуки за лицата со хендикеп. Се реализираа десетина програми за практикантство и компаниите што имаат лица со хендикеп како практиканти континуирано бараат од нас да продолжиме со нашите активности, бидејќи се покажа дека лицата со хендикеп се лојални и ги извршуваат задачите на ниво на кое ги бараат работодавците. За таа цел, Центарот за вработување на лица со хендикеп има потреба од поддршка и во координација со Министерството за труд и социјална политика работиме на изнаоѓање дополнителни средства за да може тој да продолжи да функционира - додаде Аризанкоска.

Дебатата се одржа во рамките на проектот „Маргина Обскура“, кој се реализира со поддршка од ЕУ и во соработка со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и Стопанската комора на Македонија.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование