X
 09.06.2021 Живот

Граѓаните „пресреќни“ што администрацијата ќе добие К-15

Откако вчера премиерот Зоран Заев соопшти дека јавната администрација годинава ќе го добие регресот за годишен одмор, или таканаречениот К-15, за што се алоцирани дополнителни 230 милиони денари, во јавноста имаше бура од реакции. Можеби главната забелешка што се провлекуваше низ коментарите на објавата на Факултети.мк беше прашањето: За седењето дома ќе ги наградите со К-15?!

Нашите читатели главно ја критикуваа одлуката на Владата, па пишуваа: „Нема вакцини, нема патишта, нема улици, нема работни места, нема плати во приватниот сектор, младите заминаа, ама К-15 има за луѓето што повеќе од една година лежат. Браво!“

- Така треба, да живее администрацијата, ние во приватниот сектор во производство ќе работиме ако треба уште повеќе, не по 24, туку по 25 часа на ден, само администрацијата да ни е задоволна, нам и онака К-15 не ни треба, немаме време да трошиме толку пари, а и да имаме време, никој не ни дава пари, газдите ни се многу сиромашни, оваа година само по еден џип си купија, за греота, гревовите не им се гледаат. Ни досега не ни даваа К-15, а сега не смееме ни да го спомнеме, ама ако, важно АДМИНИСТРАЦИЈАТА да ни е задоволна. А за другарка прашувам, бидејќи се ближат избори, дали и пензионерите ќе добијат К-15? - напиша една наша читателка.

Друга читателка, пак, истакна дека додека администрацијата добива бонус, приватниот сектор е попогодениот од кризата.

- Браво! Додека луѓе губат работни места зашто пропаѓаат приватни бизниси поради ковид-кризата, јавна администрација ќе добие бонус затоа што година и пол „се отепаа од работа“. Половина година во карантини и самоизолација ја преседоа, а другата половина неработни денови по закон им беа - напиша таа.

Уште еден читател имаше сличен став, дека треба да се поддржи приватниот сектор.

- Супер батка, наместо да се вложува и помага во стопанството, ти помогни ја гласачката машинерија. Кој го полни буџетот??? Реалната економија или администрација??? Само за информација во „Кромберт и Шуберт“ - Битола има 5.000 вработени, не дај боже да пропадне, Битола ќе ја снема од картата на Македонија или ќе ти дојдат на посета пред врата. Мизерија од популизам, само за власт, а ако треба и државата нека потоне - истакна тој.

Во меѓувреме, некои од читателите посочија дека парите треба да се пренасочат за купување таблети за секое дете.

- Сосема непотребно. Си имаат тие редовни пристојни примања. Пренасочете ги парите за таблети за секое дете, на пример. Ем ќе усреќите еден куп деца и родители ем ќе заштедите од таа вртоглава сума - напиша една наша читателка.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот