X
 08.11.2018 Забава

Велеле дека е пречудна, а стана најдобра песна на сите времиња

„Боемска рапсодија“ е веројатно најголемиот хит на „Квин“, кој и покрај нетипичниот формат, стана најпопуларна песна, а влезе и во Гинисовата книга на рекорди како најдобра песна на сите времиња. Според многу анкети, оваа песна е прогласена и за најдобра песна на сите времиња.

Песната ја знаат сите, но има многу работи што просечните слушатели не ги знаат за овој безвремен хит.



1. Фреди Меркјури почнал да ја пишува песната уште во 1968 година

Идејата се појавила уште во 1968 година кога Фреди студирал на Универзитетот во Илинг. Имал само еден стих „mama, just killed a man“, но немал мелодија. Во неговата глава текстот имал „вестерн“ призвук, па тој својата песна на почетокот ја нарекувал „The Cowboy Song“.

2. Продуцентот не бил луд по оперскиот дел

Рој Томас Бејкер, продуцентот кој работел на албумот „A Night at the Opera“, костурот на песната го слушнал во станот на Фреди во Лондон. Фреди седнал на клавир и му го отсвирел првиот дел од песната и во еден момент станал и викнал: „А тука започнува операта“.

Бејкер е насмеал бидејќи бил убеден дека пејачот се шегува, но кога Фреди неколку дена подоцна се појавил во студиото со листови на кои ги имал сите идеи, Бејкер се потрудил да направи сè за да ја оствари замислата на Меркјури.

3. Уште еден „Галилео“

Во тоа време снимањето подразбирало максимално 24 канали на аналогната лента, но хармониите на оперскиот дел (пееле Меркјури, Роџер Тејлор и Брајан Меј) барале 180 канали вокали и вокална придружба, што толку ја истрошило лентата што на крајот таа била речиси проѕирна. На крајот овој збор од три слога го снимале три недели во пет различни студија, а Меркјури сакал да сними уште еден „Галилео“.


4. Елтон Џон мислел дека песната е премногу чудна за на радио

Пред да ја објават, менаџерот на „Квин“ пуштил груба верзија пред еден од своите клиенти, Елтон Џон, за да добие мислење од него. Кога ја слушнал, Елтон го прашал дали е луд. Откако ја преслушал 6-минутната песна, заклучил дека таа е предолга и пречудна за да ја пуштаат на радио.

5. Елтон и издавачите не го препознале потенцијалот, но некој го препознал

Дел од успехот на „Bohemian Rhapsody“ може да му се припише и на британскиот водител Кени Еверет, кој во тоа време водел популарна радиоемисија. Пред да се појави албумот, издавачката куќа ЕМИ го форсирала бендот како прв сингл да ја извади „You're My Best Friend“. Еверет успеал да дојде до „Bohemian Rhapsody“, но издавачот барал да не ја пушта песната.



Во следните два дена Еверет ја пуштил 14 пати, а слушателите почнале манијакално да се јавуваат во радиостаницата и во продавниците за да проверат каде можат да ја набават песната. Од ЕМИ биле принудени да ја пуштат песната како сингл.

6. Промоцијата не била едноставна

Откако ја објавил песната, на бендот му почнале проблемите. Во тоа време било популарно песната да се претстави во некоја емисија, но бендот тргнал на турнеја, а и било глупаво да се прават дека ги пеат оперските делови на плејбек.

Проблемот го решиле така што снимиле промотивен филм или „поп промо“, видео кое ќе може да се прикажува не само во Велика Британија, туку и на другите пазари. На пример, американскиот. Секако, зборуваме за видеоспот.

7. Спотот го снимале околу четири часа


Членовите на бендот се појавиле во студиото каде што ги изведувале и пробите за турнејата. Почнале во седум и пол изутрината, а веќе до 11 и пол завршиле. Видеото чинело 4.500 фунти и бил првиот спот режиран од страна на Брус Говерс, кој потоа имал голем успех во Холивуд и ги режирал музичките награди на Ем-ти-ви, доделувањето на наградите „Еми“ и првите десет сезони на „Американски идол“.

8. Сцената во „Светот на Вејн“ се снимала многу подолго

И додека спотот се снимал само четири часа, сцената во која Вејн, Гарт и екипата ја слушаат песната се снимала десет часа. Дејна Карви не можел навреме да го научи текстот, па може да се види и како погрешно ги мрда усните, а сите глумци подоцна се пожалиле дека имаат проблеми со вратот.

9. Гонг

Откако почнале концертно да го промовираат албумот, тапанарот Роџер Тејлор ги опремил своите тапани со голем гонг за да може да ја отсвири последната нота од „Bohemian Rhapsody“.

10. Винил вреден 5.000 долари

Еден од најскапите винили поврзани со „Квин“ е 7-инчната верзија на син винил. Летото 1978 година ЕМИ ја освојува кралската награда за посебни достигнувања на полето на извозот, а главна причина за тој успех е токму бендот „Квин“. За да го прослават добивањето на оваа награда, од ЕМИ направиле 200 плочи од „Bohemian Rhapsody“ на син винил.



Првите четири копии биле за членовите на бендот, а останатите им се поделени на пријатели и роднини. Оригиналните копии денес достигнуваат цена и од 5.000 долари.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава