Во Градскиот трговски центар вчера беше отворен ресторанот „Umbrella“, каде што се вработени десет лица со попреченост. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека планот за работењето на ресторанот, каде што ќе има и вработени лица со попреченост, е единствената идеја што навистина ќе даде придонес кон она што Владата постојано го зборува, а тоа е дека сите граѓани во Република Македонија треба да ги гледаме како потенцијал.
- Можеби онаа деинституализација што ја зборувавме на почетокот, што ја пишувавме во програми, звучеше тешко, неважна за нашето општество, но во суштина е многу важна - нагласи Царовска.
Фото: Фејсбук-страница „Umbrella“
Посочи дека со тоа правиме лицата со попреченост од изолираните институции да бидат донесени во заедницата, да работат, и како што потенцира, заедно да се смееме и заедно да споделуваме.
- Колку повеќе ќе научиме да ги сакаме и да ги прифаќаме различните, толку подобро општество ќе имаме, толку подобра Македонија ќе имаме - порача Царовска.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, посочи дека со задоволство ја прифатил идејата.
- Сите сме исти, сите сме еднакви и сите имаме и можност, и сите мора да ја имаме таа можност да можеме да заработиме и да можеме сами, со поддршка на сите околу нас, да си обезбедиме нормален приход и нормален и пристоен живот во нашата земја - истакна Богоев.
Професорката Софија Георгиевска изрази задоволство што била дел од проектот, односно дел од обуките што ги имале лицата со попреченост.
- Идејата потекнува од сопственикот на локалот. Станува збор за идеја што е многу благородна. Идејата е да се вработат лица со попреченост, меѓутоа, ова да биде место што ќе биде препознатливо по добра услуга и по многу насмевки - наведе Георгиевска.
Фото: Филозофски факултет
Информира дека проектот во најголема мера е финансиски поддржан со средства од сопственикот на локалот, посочувајќи дека се добиени донации и од осум компании.
Проектот ужива поддршка од Министерството за труд и социјална политика, Општина Карпош и Агенцијата за вработување, додека Филозофскиот факултет од Скопје се јавува како партнер од аспект на кадар и поддршка со студенти.
Извор: МИА