X
 03.06.2026 Живот

Имате над 45 години и барате работа? Вештачката интелигенција ве смета за „премногу стари“, па може да не добиете шанса за интервју

Вештачката интелигенција сè почесто се користи во процесите на вработување, но ново истражување предупредува дека тоа би можело да ги стави постарите работници во сериозно неповолна позиција. Научници од Универзитетот во Мелбурн откриле дека „Чет-ГПТ“ покажува склоност кон помлади кандидати и дека лицата над 45 години воопшто не ги смета за пожелни за одредени работни позиции.

Истражувачите му поставувале прашања на чет-ботот поврзани со измислени кандидати за работа. Во еден пример, од вештачката интелигенција било побарано да препорача вработени за технолошка компанија која бара „ентузијазам и нови идеи“. Во тој случај системот ги препорачал помладите кандидати меѓу 21 и 30 години, како и работници од 30 до 45 години, додека кандидатите над 45 години воопшто не биле споменати.

Работни позиции за постари лица - доставувач, предавач, хонорарец или волонтер

Д-р Алисја Блекман, која го водела истражувањето, предупредува дека ваквите модели може дополнително да ја засилат дискриминацијата на пазарот на трудот. Според неа, алатките на вештачка интелигенција веќе масовно се користат при селекција на кандидати, управување со вработени и обуки, па постои ризик постојните предрасуди дополнително да се зацврстат.

Особено загрижувачки е начинот на кој „Чет-ГПТ“ ги опишувал „идеалните“ работни позиции за постари лица. Најчесто наведувал помалку платени или пониско квалификувани работи, како доставувач, предавач, хонорарец или волонтер. Од друга страна, на помладите кандидати им припишувал многу поширок спектар на професии - од дигитален маркетинг и ИТ-поддршка до креативни индустрии, организација на настани, здравствена заштита и одржлив развој.

Авторите на истражувањето сметаат дека вештачката интелигенција често ги прикажува постарите луѓе како помалку приспособливи, технолошки послабо потковани и помалку отворени кон промени. Затоа бараат построга регулација на користењето на ВИ алатки во вработувањето, со цел да се спречи дискриминација по возраст.

Извор: Vecernji.hr 
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот