X
 10.07.2020 Живот

Најважниот дел од резимето, а најчесто го нема

Експертите велат дека работодавците трошат просечно седум секунди за разгледување на секоја професионална биографија што ја добиваат при процесот на вработување ново лице во компанијата. Некои компании користат и систем за апликации кој ги филтрира апликациите по клучни зборови и ги извлекува само оние што се препознаени како најдобри. Ова кажува дека работодавците сакаат да видат за што сте способни од неколку збора. Како може да се постигне тоа?

Тука игра улога делот од професионалната биографија за главни способности. Овој дел некогаш е познат и како дел за вештини и претставува дел од резимето во кој се нагласуваат клучните вештини и квалификации на кандидатот за работата за која аплицира. Тука може да се вклучат вештините, сертификатите и познавањата на технолошки алатки.


Фото: Pexels

И покрај значењето на овој дел, тој честопати е изоставен во резимето, иако подобро ги покажува способностите на кандидатот отколку податоците за неговото формално образование. Освен тоа, тој е многу покорисен за работодавците. Системите за апликации ги „читаат“ професионалните биографии според клучни зборови. Така, доколку вашето резиме ги има истите или слични зборови како оние во описот на работното место, вашето резиме ќе биде оценето како добро од системот.

Во меѓувреме, работодавците сакаат да видат дали кандидатот е добар за работата за која аплицира во најкратко време. Делот за вештини треба да биде јасен и краток, а најдобро е да се користи само еден збор за секоја вештина. Делот треба да биде видлив за работодавците да го забележат.

Иако се препорачува користење на клучни зборови во резимето, не треба да се користат премногу клучни зборови. Вклучете најмногу 12 вештини што се важни за работното место. Делот треба да одговара на работата за која аплицирате и секогаш е подобро да праќате посебно резиме за секоја работа отколку едно за сите. Конечно, треба да се одбере формата на делот кој најдобро одговара на целото резиме.


Фото: Pexels

Во продолжение следуваат примери за вештини што може да се вклучат во овој дел од резимето според неколку професии.

За наставник/професор: странски јазици, јавно говорење, трпеливост, организираност.

За административен помошник: „Мајкрософт тимс“, вербална и пишана комуникација, професионалност, флексибилност.

За специјалист по дигитален маркетинг: развој на бренд, проектно менаџирање, „Адоби фотошоп“, видеомаркетинг, менаџирање на тим.

За програмер во „Пајтон“: бази на податоци, „Оракл“, „SQL“, „Пајтон“.

За одговорно лице за продажба: е-маркетинг, документација, водење тим, странски јазици.

Автор: Уна Дабиеро
Извор: theladders.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот