Партиските организации се агенции за вработување, а Агенцијата за вработување е зграда која голта пари за греење и зелени картони, кои на месечно ниво произведуваат фрустрации кои доколку се претворат во електрична енергија, Битола ќе има бесплатна струја, најпластично го опишува проблемот битолчанката Биљана Т. Димко
Од градовите во внатрешноста Битола е лидер по бројот на невработени доктори на науки. Ги има четворица, а единствено повеќе лица без работа со докторски титули има само Скопје, двојно повеќе, односно осум. Младите битолчани со високо образовани коментираат дека градот доживува интелектуален геноцид. Нема можност за развој на кадри со високи компетенции, освен за оние од информатичките науки. Другите, што и да студирале, па и докторирале, особено оние од хуманистичките области, доколку не успеат да влезат на работа во државно, мора да се пренасочат кон работа во ИТ-фирми каде што почетната плата е до 30.000 денари. Некои од нив таму работат на исти места како и оние со средно образование и завршен курс по компјутери и јазик.
Поради ограничените услови за развој и напредок, Битола е зафатена од најголемиот иселенички бран во својата историја. Во социјализмот се иселија жителите од селата, а сега заминува градското население. Ова е толку конфузно зашто во исто време Битола се соочува со недостиг на лекари, инженери, професори по физика и хемија. На прашањето во што лежи парадоксот, младите велат во тоа што за да најдеш работа, треба да застане некој зад тебе, а тоа е најчесто политичката партија, од осамостојувањето па до денес.
Борба со нискофреквентни ветерници, со амбиција, но не и интелигенција
„Партиското вработување и вреднување создаде атмосфера на интелектуален геноцид. Партиските организации се агенции за вработување, а Агенцијата за вработување е зграда која голта пари за греење и зелени картони, кои на месечно ниво произведуваат фрустрации кои доколку се претворат во електрична енергија, Битола ќе има бесплатна струја“, вака најпластично го опишува проблемот битолчанката Биљана Т. Димко, дипломиран професор по македонски јазик и книжевност, која по дипломирањето само шест месеци има работено како заменски професор во училиште, а има напишано четири книги, повеќе трудови за македонската книжевност и култура кои се објавени во македонски и во странски списанија. Таа ја сака Македонија и се врати од странство за да успее овде, во својот дом.
- Имав можност да живеам надвор од Македонија, но се вратив затоа што овде е мојот дом. Во текот на студирањето работев од чистач до канцелариски работник и мило ми е дека тој период го зајакна мојот карактер и се сметам себеси за зрела личност која може да се справи со разни животни предизвици. Ама... Зборот перспектива е апстрактна именка во Македонија. Живеам во Битола, за жал, градот со години наназад не нуди избор на можности, особено за развој на интелектуалната дејност. Најдобриот професионален совет што ми го имам дадено мојот поранешен директор: „Ако немаш услови, тогаш обиди се да ги создадеш.“ Со години оваа мисла ми е инспирација. Секој ден буквално се борам со секакви нискофреквентни ветерници кои имаат амбиција, но не и интелигенција - искрена е Биљана Т. Димко.
Високообразовните тутули се девалвирани
Васко Гичевски, првенец на генерацијата на УКИМ за 2019/2020 година, кој на Институтот за историја дипломира со просек 10, вели дека се девалвирани високообразовните титули.
- Потрошените средства, живот, речиси ги фрлате во бунар бидејќи освен личната сатисфакција, ништо друго нема да добиете. Нема да добиете ниту простор да го вложите своето знаење во соодветната област. Особено науките кои зависат од државно вработување се поле каде што за да успеете, навистина ви треба титула, но поважна ставка е во која партија членувате, кого го имате во власта за да влијае врз министерот да ви одобри средства за вработување итн. Многу повеќе нешта зависат од вашето подобно „партиско потекло“ отколку од вашиот квалитет. Денес е лесно да стекнете каква било титула, тешко е согласно таа титула да најдете задоволително работно место. Поради ова, самиот чин на последипломски студии е речиси ирелевантен, не е одлучувачки фактор во вашето напредување. Оние што навистина ја сакаат науката, работат и со титули и без титули, впрочем, токму тие ја држат сликата дека имаме жива наука. Видете какви трудови излегуваат од соодветни научни институции, а какви трудови изработуваат кадрите кои никогаш не можат да се вработат таму, пред сѐ, поради своето неподобно партиско потекло - вели Гичевски.
Тој додава дека државата едноставно нема пари за развој на науката и што побрзо се помириме дека нашиот систем на наука е мртов, побрзо ќе најдеме решение за спас.
Неодамна и ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, д-р Игор Неделковски, во интервју за Факултети.мк изјави дека на факултетите, каде што треба претежно да се вработува кадар со магистерски и докторски студии, има масовно пензионирање на професори, а на прсти се бројат новите вработувањата во последниве години, па остануваат без подмладок.
Младите едвај чекаат да си ги спакуваат куферите и да заминат
Во ваква средина со ограничени услови за перспектива, Битола сѐ повеќе се празни. Не само што не е втора општина по број на население во земјава, туку ако продолжи моменталниот тренд на иселување, нема да остане ни на трето место. Таа има приближно ист број жители колку Тетово. Разликата е за 394 жители. Според резултатите од пописот, во Битола и околните села живеат 85.164 жители, а во Тетово 84.770, иако има трипати поголема зафатнина.
Во истражувањето што го направи битолчанката Сара Трајчевска, која дипломира новинарство во Романија и магистрира во одделот за односи со јавност и интеркултурно развивање, најголемиот дел од младите што ги анкетирала изјавиле дека веднаш би заминале. Истражувањето беше презентирано во рамките на документарниот филм „Младите се иднината“ во реализација на Здружението БСМ Битола во соработка со „Читај бе“ и Creative Production.
- За мојот магистерски труд направив истражување на темата културен шок и интеркултурна комуникација во емиграцијата од Балканот. На младите овде им беше поставено прашањето: Дали доколку имате можност, би ја напуштиле сопствената татковина? Одговорите беа загрижувачки зашто младите едногласно ми кажаа дека штом ќе им се укаже подобра можност, веднаш би ги спакувале куферите и би ја напуштиле Битола, како и балканските граници. Младите што одамна ја напуштиле татковината тврдат дека во странство животот е подобар, поорганизиран и младиот човек е респектиран поради успехот, а не според тоа кој стои зад него - изјави Трајчевска.
Во нејзиното истражување младите изразија големо незадоволство од општествениот систем во земјава, корупцијата која го попречува нормалното одвивање на работите, губењето на вредностите и недоволното ценење на квалитетот на еден млад човек, како и премалите шанси и недоволната поддршка за новите бизнис-идеи, непочитување на законите, лошата инфраструктура и зависноста од политичките партии.
Фото: приватна архива