X
 08.12.2022 Наша тема

Повеќе цимери во една соба - горлив проблем во државниот студентски дом во Штип

Замислете петмина во една соба, да не можеш да се разминеш, велат лица сместени во домот, а директорот посочува дека приоритет е надградбата на студентскиот.

Големиот број на ученици и студенти в соба е најгорливиот проблем со кој се соочува Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ во Штип, признава директорот Јордан Насев. И станарите кажуваат дека се случува во една соба да се сместени и по шестмина ученици, а студенти по четворица.



- Неопходно е зголемување на капацитетот зашто вака, со повеќе цимери, навистина немаме никаква интимност. Замислете неколкумина во една соба, да не можеш да се разминеш. Забавно е зашто стануваме како семејство, но напорно е зашто немаме доволно простор за себе - велат лица сместени во домот.


Јордан Насев
Тоалетите за да се поделат на машки и женски

Директорот Насев додава дека е потребно да биде приоритет надградба на домот за зголемување на капацитетот, зашто за сместување таму има голем интерес, а имаат и изготвен проект. Покрај надградбата, домот има потреба и од други зафати, пред сѐ, вложување во нови тоалети за да се поделат на машки и женски.



- Потребно е, исто така, да се направат уште едно веце и тушеви за да може да се поделат на машки и женски. Како приоритет да се земе и реконструкција на салата во домот, треба да се отстрани влагата со вентилација, да се набават нови справи за вежбање и многу други поправки кои се од интерес на учениците од Спортската академија, кои се сместени тука, а и на другите станари. Потребна е реконструкција на покривот, постојниот е со салонитни табли. Да се изврши реновирање на трпезаријата во домот и да се набави нов инвентар. Во библиотеката треба да се зголеми фондот на книги - додава Насев.



Дел од зградата е стар над 90 години, но направени се реконструкции


Зградата каде што е сместен студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ се состои од два дела, едниот изграден во 1930 година, а поновиот во 1965 г. Но, извршено е реновирање и инвентарот е обновен.

- Комплетно е заменет со нов пред само неколку години, а грижата од страна на вработените и корисниците за него е на исклучително ниво. Беа донесени нови кревети, душеци, маси, столови, клупи, плакари. Од наша страна, старите прозорци беа заменети со нови ПВЦ, дел од таваните се реконструирани со гипс, исто така, стариот паркет е заменет со ламинат. Тоалетите се заеднички и ги задоволуваат потребите на студентите во целост, а наскоро ќе бидат реновирани. Студентите го оценуваат сместувањето како солидно, а за тоа говори и сѐ поголемиот интерес за сместување во домот - вели Насев.



Според конкурсот што беше објавен годинава, во домот се сместија 236 лица. Цената за сместување на ученици изнесува 7.400 денари месечно, кои во целост ги покрива Министерството за образование, а за студенти - 7.200 денари од кои 3.800 плаќа студентот, а 3.400 МОН.

Домот заштеди 15 проценти на сметките за струја, но не на грбот на станарите

И покрај енергетската криза, домот се обидува да штети, но од раководството велат дека тоа не е на грбот на студентите и учениците. Просториите се затоплуваат со парно, а температурата внатре изнесува од 20 до 22 Целзиусови степени. Има топла вода во бањите и тоалетите која се обезбедува преку проточни бојлери на струја.




- За да се заштеди електрична енергија, заменето е надворешното осветлување. Поставени се фотоволтаични светилки кои се напојуваат од сончева светлина. Внатрешните се заменети со штедливи ЛЕД-светилки. Во кујната за подготовка на храна дел од апаратите, печки, плотни, фурни, се префрлени на гас, односно потрошувачката на струја е сведена на минимум. Заштедите на струја во однос на октомври минатата година се движат од 10 до 15 проценти - велат од домот.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема