X
 09.01.2023 Живот

Најбезбедни земји за патување во 2023 година

Американската компанија „Беркшир хатавеј травел протекшн“ (Berkshire Hathaway Travel Protection) ја претстави листата со најбезбедни земји за патување во 2023 година. Од вкупно 15 држави, 11 се во Европа, а Холандија го има првото место.

Неколку фактори придонесуваат за рангирањето, вклучително и резултатите од анкета врз луѓе кои ги посетиле тие места, Глобалниот индекс на мирот (ГПИ), најновите совети за патување на американскиот Стејт департмент и резултатите од „Геошур глобал“ (GeoSure Global), кои комбинираат криминал, здравје и предупредувања за патување во големите градови. Сепак, некои земји, како Финска, не се вклучени во анализата.

Европските 11 земји што влегоа во топ-15 листата се: Белгија, Велика Британија, Ирска, Шпанија, Швајцарија, Шведска, Германија, Норвешка, Исланд, Данска и Холандија. Надвор од Европа, на листата со најбезбедни се најдоа и Австралија, Канада, Нов Зеланд и Обединетите Арапски Емирати.

Белгија се наоѓа на 15. место на општата листа на „Беркшир“ и на 22. место на ГПИ. Најголемата закана во оваа состојба може да биде внесот на калории. Стејт департментот на САД ја рангира земјата во категоријата на ниво 2 советувајќи ги патниците, сепак, да бидат внимателни поради мала можност за закана од тероризам.
Велика Британија е 14. најбезбедна земја во светот, во споредба со местото бр. 18 лани, а е 34. на ГПИ и е во категоријата на ниво 2 на САД.

Ирска е на 12. место на општата листа, трета на ГПИ и е во категоријата на ниво 1 во САД.
Шпанија се најде на 11. место на „Беркшир“ списокот и е во топ-30 на ГПИ. Стејт департментот ја класифицира во категорија на ниво 2.
Швајцарија се наоѓа на деветтото место на „Беркшир“ листата, на 11. на ГПИ и е во најниската категорија на американскиот Стејт департмент, ниво 1.
Шведска годинава е на осмото место во генералниот пласман на „Беркшир“, по четвртото место во 2022 година.

Германија е седма на листата – скок од деветтото место лани. САД ѝ доделија ниво 2 поради можна терористичка закана. Норвешка е на петтото место. Исланд го зазеде третото место на списокот со најбезбедни места за патување во 2023 година, за разлика од првото место лани. И покрај малиот пад, северноевропската земја сè уште е рангирана како најмирна земја во светот според ГПИ, како и најниско ниво 1 на опасност, според САД.

Данска е на второто место според „Беркшир“. Освен тоа, Копенхаген е на врвот на Индексот на безбедни градови за 2021 година.
Холандија годинава е рангирана на прво место на листата на најбезбедни земји на „Беркшир“ и на 21 место на ГПИ. Американските патници кои беа анкетирани го препознаа Амстердам како еден од најбезбедните градови во светот. Стејт департментот на САД ја стави категоријата на ниво 2 за патување, поради извесна мала закана од тероризам.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот