Имаме докази дека пациентите умираат од Ковид-19, а не поради претходни сериозни заболувања или од старост, тврдат врвни германски патолози.
Исто така, докажано е дека короната ги напаѓа крвните садови, пред сѐ.
Пандемијата на коронавирусот не стивнува, светот покажува знаци на замор или бунт поради ограничувањата и заситеноста од информации. И покрај фактот што сѐ повеќе се знае за вирусот, сѐ уште има многу луѓе кои се сомневаат дека тој постои и дека е опасен, како и дека луѓето умираат од него.
Имајќи предвид дека обдукцијата на мртов пациент е дефинитивно единствениот начин научно да се утврди вистинската причина за смртта - штотуку објавената детална анализа на резултатите од клиничките обдукции во Германија докажуваат дека во случаи на тешка клиничка слика на Ковид-19 причина за смртта е вирусот.
- Во повеќе од три четвртини од обдукциите е константирано дека Ковид-19 е главна или единствена болест што довела до смрт. Овие луѓе не умреле од претходни болести или старост - вели Јоханес Фримен, еден од најистакнатите патолози во Германија, како и Карл-Фридрих Бириг, претседател на Здружението на германски патолози, Густаво Баретон, претседател на германското друштво за патологија, и Тил Акер, претседател на германското друштво за невропатологија и невроанатомија. Кон крајот на минатата недела тие организираа виртуелна прес-конференција за да ги презентираат резултатите од заедничкото истражување.
Коронавирусот ги напаѓа крвните садови
Клиничките обдукции исто така докажуваат дека САРС-КоВ-2 доста се разликува од нормалниот вирус на грип.
- Фактот дека короната не влијае само на белите дробови е познат уште од првите обдукции. Вирусот предизвикува тромбоза, односно мали згрутчувања на крвта, насекаде во телото. Оваа карактеристика е вообичаена за вирусите на грип. Но, кај короната овие нарушувања на коагулацијата се девет пати почести - вели Густаво Баретон, патолог од Универзитетскиот клинички центар во Дрезден.
Ова е јасно покажано во научните трудови на германските универзитетски патолози кои дале значаен придонес во разбирањето на Ковид-19. Тие покажаа дека вирусот предизвикува:
- Огромна штета на крвните садови;
- Прекумерно згрутчување на крвта со блокада на најмалите пулмонални крвни садови;
- Специфично создавање на нови крвни садови.
Фото: Freepik
Освен тоа, германските експерти докажале дека Ковид-19 не е локална инфекција на дишните органи, туку вирусот влијае врз клетките на ендотелот и со тоа доаѓа до инфекција на повеќе органи: бубрези, срце, слезина, црн дроб.
Веќе е познато дека клиничките фактори на ризик за тешка форма на Ковид-19 се: пушење, висок крвен притисок, дебелина, дијабетес.
Невролошките обдукции на умрените пациенти докажаа дека третина од нив имале заразени мозочни клетки. Короната очигледно стигна таму преку нервните клетки за мирис во носната слузница. Ова ги изненади научниците затоа што таму едвај има AЦЕ2 рецептори - што се смета за главната порта за вирусот во човечкото тело.
Ова и претходните откритија, повторени неколку пати од врвните експерти, беа постигнати во многу тешки услови и врз основа на релативно мал број на обдукции: само 154 или 2 отсто од околу 9.000 починати луѓе од
Ковид-19 во Германија.
Бирократско-финансиски пречки
Поголем број аутопсии би довело до многу повеќе знаење. Но, поголем број обдукции не се вршат од две главни причини - прво, семејствата на починатите пациенти не се согласуваат за обдукција и второ, патолозите мора да надминат огромни бирократски и финансиски пречки во рамките на комплициран систем на здравствена заштита.
Резултатите од истражувањето на германските патолози: 68 отсто од аутопсиите на мртви биле мажи, повеќето од нив во седмата до деветтата деценија од животот. Кај повеќе од половина од наодите е идентификувана алвеоларна штета - дифузна (37 отсто) и дифузна со бронхопневмонија (15 отсто). Покрај тоа, на обдукциите биле откриени тромбоза и тромбоемболизам (19 отсто), микротромби (20 отсто) и ендотелитис (95 отсто).
Забележани се и имунолошки оштетувања, оштетувања на слезина и лимфни јазли, оштетување на црниот дроб, воспаление на срцевиот мускул, емболија, церебрален инфаркт и церебрална хеморагија.
Исто така, потврдено е дека починатите страдале од кардиоваскуларни заболувања (43 отсто), заболувања на белите дробови (16 отсто) и комплицирани бактериски инфекции, како што е сепса (8 отсто). Покрај тоа, 12 отсто имале дијабетес и имале прекумерна тежина.
Извор:
Deutsche Welle