За да не останат заробени со часови во километарски колони до работа, сè повеќе луѓе низ Европа одлучуваат да патуваат со велосипед. Некои земји се понапред во велосипедската инфраструктура во споредба со други, а дополнително, за да го популаризираат овој најзелен начин на транспорт, сè повеќе земји воведуваат специјални понуди за велосипедистите.
Холандската Влада, на пример, на сите велосипедисти им нуди т.н. „додаток за километража“. Од 2007 година компаниите ги наградуваат велосипедистите со 0,19 евра за поминат километар, трошок што Владата им дозволува да го одбијат од нивната даночна сметка. Со други зборови, велосипедист кој вози десет километри дневно, пет дена во неделата, може да заработи околу 450 евра годишно со помош на оваа програма.
Фото: Pixabay
Холанѓаните во просек возат велосипед по 2,6 километри дневно. Доколку целиот свет го следи нивниот пример, годишните глобални емисии на јаглерод би паднале за 686 милиони тони, што е повеќе од целокупниот јаглероден отпечаток на Обединетото Кралство.
И Белгија нуди посебни поволности за сите велосипедисти. Тие имаат право да бараат 0,24 евра за поминат километар. Во првата половина на 2022 година секој петти вработен во мали и средни белгиски компании отишол на работа со велосипед и на тој начин заработил надоместок.
Французите имаат право на компензација од 0,25 евра за поминат километар со велосипед, но до годишна граница од околу 200 евра. Резултатите од пилот-проектот, во кој учествувале 18 компании, покажале зголемување на бројот на активни велосипедисти за 50 отсто.
Фото: Pixabay
Италијанските правила варираат од град до град. На пример, во Бари, главниот град на италијанската област Пуља, велосипедистите добиваат 0,21 евра за секој километар до работа со велосипед, до максимум 25 евра месечно. Националната влада, исто така, им нуди на патниците ваучери за мобилност за да купат нов велосипед.
Во Луксембург, луѓето што одат на работа со велосипед можат да добијат намалување до 300 евра на сметката за персоналниот данок на доход за да купат нов велосипед.
Извор:
Green
Насловна фотографија: Pixabay