09.01.2025
Живот
Колумна: До сите претходни влади и градски управи од 1998 година наваму: СРАМ ДА ВИ Е!
Природниот гас е пристигнат до градот Скопје во 1998 година, значи пред 27 години. Досега можевте (моравте) да го решите проблемот со греење на Скопје и аерозагадувањето да биде во најголема мера избегнато.
Она што се случи на 3 јануари, особено навечер и ноќе, беше врв на големото аерозагадување во Скопје, бевме први на списокот најзагадени градови во светот. Им се обраќам на сите претходни влади и управи во градот Скопје од 1998 година наваму: СРАМ ДА ВИ Е! Не е само тој ден, при врвот на тој список се наоѓаме веќе повеќе години. Според Светската банка, 2.800 луѓе во Република Македонија (РМ) умираат годишно како последица од загаден воздух, а според други извори, овој број е околу 5.000. Ем срамота ем катастрофа.
Ако се земе бројот на починати лица минативе 27 години, бројот приближно би бил од 80.000 до 100.000 починати лица од аерозагадување. Па тоа е огромна катастрофа. На ова треба да се додаде и огромниот број лица што не се починати, но имаат последици врз здравјето, како што се белодробните и разни други заболувања. Тука особено се погодени децата од сите возрасти, така што детските болници се преполни во периоди кога има загадување.
Природниот гас е пристигнат до градот Скопје во 1998 година. Први корисници што се приклучуваа беа само големи потрошувачи во Скопје во индустријата, а потоа и некои јавни објекти. Но работите застанаа и гасот не влезе во масовна употреба. Долги години гасоводот беше користен со 10 до 15% од номиналниот капацитет бидејќи не беше изградена дистрибутивна мрежа до потенцијалните потрошувачи, но најмногу поради неспособност, нестручност и политиканство на претходните влади. А имаше и долгогодишен судски спор и тоа се користеше како оправдување за одложување на зафатите со кои би се зголемила употребата на гасот. Искористеноста на гасоводот порасна на 35 до 40% по изградбата на „Те-То“, што значи сѐ уште е многу под номиналниот капацитет. Тоа влијае(ше) врз цената на гасот и врз рентабилноста на гасоводниот систем.
Пред извесно време, а и деновиве, од Владата на РМ изјавија дека проблемот со аерозагадувањето ќе го решаваат со воведување природен гас. Ако така решиле, тогаш тоа треба да биде само со изградба на когенеративни термоцентрали во кои има истовремено производство на електрична енергија и топлина. На тој начин ќе се произведува базна електрична енергија која на РМ ѝ е итно неопходна бидејќи во одредени периоди увезуваме ел. енергија по берзанска (висока) цена. Тоа треба да се направи најитно што може. И повторно се споменуваат преговори со странски инвеститори. Па тие би ја продавале електрична енергија по берзански цени!
Плановите за изградба на дистрибутивни мрежи за гас во градовите низ Македонија треба да се преиспитаат (можеби да се отфрлат), Во тек е изградба на магистрални гасоводи низ целата земја која требаше да биде завршена досега. Веројатно ќе треба да се направат приклучоци до индустриски и јавни објекти.
Апсурдот да биде поголем, природниот гас се исфрла од употреба за греење секаде во светот бидејќи природниот гас припаѓа во групата на фосилни горива (јаглен, нафта, гас). При неговото согорување се ослободува јаглерод диоксид (СО2) кој е главен причинител на глобалното затоплување, односно климатските промени.
Сите политички субјекти кај нас се едногласни во определбата РМ да влезе во Европската Унија (ЕУ). Па ако е така, погледнете што се прави во ЕУ за греење на просториите. Во голем број држави забрането е да се инсталира систем за греење на гас во новите згради, а во преостанатите држави е даден рок забраната да почне најдоцна до 2030 година. А ние планираме употреба на гас за греење за да спречиме аерозагадување. При приемот на РМ во ЕУ веројатно ќе заглавиме на овој проблем. Еве сега (од 2026 г.), под притисок на ЕУ, РМ треба да воведе јаглероден данок што треба да го плаќаат компаниите кои имаат поголеми емисии на СО2 во нивното производство, а такви се во индустриите за железо, челик, цемент и др. Дали можат да го издржат тој товар?
На гасот треба да се гледа како транзиционо гориво кое ќе се употребува најдоцна до 2050 година. Владата, особено Министерството за енергетика, треба добро да ги анализира сите можни решенија за загревање на просториите земајќи ги предвид најновите технички достигнувања, трендовите во светот, меѓународните договори за климатски промени, прописите на ЕУ, условите што се специфични за нашата земја, дали имаме соодветен стручен кадар итн. Се работи за доста комплексна проблематика.
Постојат и други решенија за загревање на просториите и тоа без согорување на гас што може веднаш да се применат, а за тоа имам пишувано повеќе пати.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет - Скопје