X
 20.02.2026 Живот

Марија Талеска, студентка на Високата медицинска школа во Битола, изработи научен труд за рехабилитацијата кај децата со комплексни развојни и невролошки попречености

Со истражувањето беа опфатени мали деца со многу ретки развојни и невролошки попречености, односно Крузон синдром, спастична и диплегична церебрална парализа и анофталмија (лице родено без очи)

Рехабилитацијата кај децата со комплексни развојни и невролошки попречености е од големо значење, а физикалната терапија како составен дел од неа треба да биде редовна и доживотна, покажа истражувањето на Марија Талеска, студентка на Високата медицинска школа од Битола.

Научниот труд „Рехабилитацијата како доживотна терапија за лица со попреченост“, изработен под менторство на предавач м-р Денис Арсовски, таа го презентира на англиски јазик на Меѓународната студентска конференција „Од студентите на УКЛО за општеството“ што се одржа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола (УКЛО).

Во истражувањето беа вклучени четири испитаници на возраст од 3 до 7 години со многу ретки развојни и невролошки попречености, односно Крузон синдром, спастична и диплегична церебрална парализа и анофталмија (лице родено без очи).



Споредени резултати пред и по 12-неделен прекин на терапијата

- Истражувањето беше изведено во терапевтскиот дневен центар „Светилник на надежта” лоциран во битолското село Барешани. Овој центар го посетуваат деца со посебни потреби од Домот за доенчиња во Битола. Рехабилитацијата на испитаниците се изведува од страна на физиотерапевти, психолог и терапевт за приврзаност - вели Талеска.

Истражувањето се состоело од споредба на резултати пред и по 12-неделен прекин на терапијата. Врз испитаниците била применета константна физикална терапија, односно кинезитерапија и окупациона терапија. За секој испитаник бил изработен специфичен рехабилитациски план со предвидени задачи што тој морал да ги исполни до крајот од годината. Планот бил поделен на 4 секции - фина и груба моторика, психолошки развој и терапија за приврзаност. Секој од терапевтите ја следел својата секција и секојдневно забележувал што се случува и како реагирале испитаниците за време на сесијата.

Моторичките задачи видно уназадени и заборавени

- Терапијата беше многу добро прифатена од страна на испитаниците, но по прекинот забележано е дека еден испитаник ја одбива терапијата и станува агресивен при секој контакт со терапевтите. Според истражувањето, пред прекинот, испитаниците ги исполниле своите задачи во рамките на фината и грубата моторика. По 12-неделниот прекин на рехабилитација, тие задачи се видно уназадени, дури кај некои испитаници и целосно заборавени. Во овој случај треба повторно да се исполнат претходните задачи пред да се воведат нови - додава Талеска.



Резултатите од ова истражување покажуваат дека и прекин од само 12 недели на рехабилитација доведува до многу голема регресија кај деца со комплексни развојни и невролошки попречености. Регресијата е забележана не само во фината и грубата моторика, туку и на бихевиоралниот план.

-Терапијата треба да биде доживотна и лицата мора да ја користат за да напредуваат, да не се враќаат наназад. Како што пишувам во трудот, лицата кои нередовно ја следат терапијата, немаат никаков успех и не одат кон подобро - додава Талеска.

Таа и во 2024 година учествуваше на Меѓународната студентска конференција на УКЛО и нејзиниот труд беше избран за најдобар.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот