Индија е една од оние држави кои повеќето ја ставаат на својот личен попис на земји кои сакаат да ги посетат барем еднаш во животот. Преубави пејзажи, прекрасни плажи, религиозни центри и необични градови... Добредојдовте во Индија, најшарената земја на светот.
Но, треба нешто однапред да се знае: Индија не е за секого. Затоа и не вреди да се анализира и да се прават споредби, затоа што Индија, едноставно, е неспоредлива. Оваа држава може да понуди волшебни моменти за секој посетител, а истовремено и да им го промени светогледот.
Индија е огромна држава со многу дестинации кои можат да се истражуваат. Постојат голем број историски локалитети кои треба да се посетат, но и многу природни убавини. Од плажите во Гоа, преку хималајските планини до метрополите како Мумбај или заспаните, живописни мали села...
Овие се десетте задолжителни дестинации што треба да се посетат во Индија:
1. Агра
Агра е најпосетеното место во
Индија и дом на мистичниот Таџ Махал, една од најубавите градби на светот што е во пописот на Седумте светски чуда. Но, Агра има и друга туристичка понуда, како Фатехпур Сикри, древната престолнина на Могулското царство и многу други крепости и гробници.
2. Кашмир
Кашмир е целосна спротивност на остатокот од Индија. Тоа е индиската верзија на Швајцарија, со ниски температури и пејзаж што потсетува на Алпите. Некои од најубавите атракции во Кашмир вклучуваат поглед на снежните планински врвови во зимскиот период, прекрасни зелени долини во лето, безвременски манастири, водопади, езера и градини.
3. Амрицар
Златниот храм или Сри Хармандир Сахиб е мистичен храм и најубавото место во Амрицар. Холистичкото и религиското седиште на Сиките и вистински симбол на братство и еднаквост. Ова светилиште е еден од најпочитуваните храмови во земјата, а освен златната боја, карактеристичен е и по четирите влезови од четири страни, како симбол дека тука сите се подеднакво добредојдени.
Фото: Pixabay
4. Џајпур
Прекрасно место со многу историски локалитети за истражување. Тврдината Амбер изледа како од бајките, но и Палатата на ветриштата или Хава Махал исто така е вреден туристички бисер.
5. Џодпур
Синиот град, дом на тврдината Мехрангар, е спектакуларно архитектонско ремек-дело кое е изградено на стрмна карпа, висока над 120 метри. Ова е една од најголемите тврдини во Индија, споменик на големата моќ, престижот и на историјата на ова место.
6. Гоа
Егзотичните плажи во Гоа нудат максимални услови за уживање на туристите: модерни спа центри, сурфање, скијање на вода, но и посета на многубројните утврдувања кои се наоѓаат во близина.
7. Њу Делхи
Главниот индиски град не е за секого. Подеднакво луд и хаотичен, ова е град преполн со сиромаштија. Но, Делхи е азискиот Рим, со безбројни историски локалитети. Од прекрасниот Лотусов храм до Кутаб Минар, највисокото минаре на светот, Делхи е дом на фантастични места кои можат да се истражуваат.
8. Хампи
Хампи е вистинска драгоценост, надреално самовилско село со урнатини, езера, камени карпи и зелени оризови полиња. Прекрасното опкружување од кое застанува здивот крие многу древни храмови од кои најпознат е Мајмунскиот храм.
9. Дарџилинг
Овој град се наоѓа на падините на хималајските планини и е познат по плантажите каде се одгледува чај, но и по будистичките храмови и колонијалната архитектура.
10. Мумбај
Мумбај, порано познат како Бомбај, е град со многу лица. Од блескавиот Боливуд до „кулата на тишината“, безброј храмови, музеи, книжарници, овој град остава силен впечаток како место со неисцрпна енергија.