X
 25.12.2017 Технологија

Вселенски луксуз: Руски проект што ќе го измени туризмот засекогаш


Илустрација - објект во вселената
(Фото: Thinkstock)


Многу компании настојуваат патувањата во вселената да ги направат достапни за обичните луѓе, а шансите тоа навистина да се случи се зголемуваат благодарение на основањето приватни вселенски компании, каква што е „Спејс икс“, пишува новинарот на „Интернешенел бизнис-тајмс“, Сураџ Радхакришнан.

Русија се приклучува на овој тренд и соопшти дека планира да изгради раскошен хотел на Меѓународната вселенска станица, кој би имал посебни кабини со големи прозорци, бања, тренажери, безжичен интернет и можност за излегување во отворената вселена во придружба на професионални руски космонаути.

Цената на целиот комплет би чинела околу 60 милиони долари за еден месец. Цената по човек, без „излет“ во вселената, би чинела околу 40 милиони долари.

Во овој момент руската вселенска агенција „Роскосмос“ предлага изградба на модул со тежина од 20 тони и должина од 15,5 метри, во кој би имало четири соби, како и санитарен и медицински пункт со иста големина.

Изградбата на туристичкиот модул би чинела меѓу 279 и 466 милиони долари. Внатрешната конструкција на модулот би личела на научно-енергетски модул на Меѓународната вселенска станица, кој Русија го гради во моментов за потребите на самата станица.

Во план е другиот модул да биде изграден со помош на приватни и државни инвестиции. Трошоците би се покривале со испраќање шест туристи годишно на Меѓународната вселенска станица.

НАСА и низа приватни компании, како „Спејс икс“ и „Вирџин галактик“, исто така настојуваат цените на вселенските патувања да ги направат подостапни.

Неодамна една кинеска компанија предложи проект кој подразбира поставување билборди на Месечината. „Замислете логотипови на ’Најк‘ или ’Старбакс‘ на Месечината, посета на супермаркет на Марс или сурфање на Титан. За да се достигне оваа точка на развој, вселенскиот туризам мора да добие поттик, а Русија прва направи чекор во тој правец“, заклучува авторот на „Интернешенел бизнис-тајмс“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија