X
 09.03.2019 Образование

Панел-дискусија за надарени и талентирани деца во Скопје

Целта на панел-дискусијата е да произлезат предлози и решенија за горливите проблеми со кои се засегнати талентираните и надарени деца и нивните семејства

„Развој и поддршка на талентирани деца“ е темата на панел-дискусија што задутре ќе се одржи во хотелот „Хилтон дабл три“ во Скопје. Десетина експерти од оваа област ќе имаат излагања за актуелните состојби, препреките и проблемите со кои секојдневно се соочуваат надарените и талентирани деца во земјава. Панелот е дел од новата иницијатива на Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со Факултети.мк, чија цел е креирање системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање и поддршка на таленти кај младите.

На почетокот на настанот присутните ќе ги поздрави Христијан Арсов-Кико, дете со натпросечна интелигенција, ученик во четврто одделение на осумгодишна возраст. Покрај Христијан, свое обраќање за новата иницијатива ќе имаат Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство, Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во нашата земја, и Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Панелот ќе биде поделен во три сесии. Модератор ќе биде проф. д-р Алма Тасевска од Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, која ќе даде увод преку анализа на актуелните состојби во земјава. Првата сесија ќе биде на тема „Категоризација, идентификување, развој и поддршка на способностите кај децата“. Следуваат: „Лични искуства во поддршката и развојот на талентираните деца“ и „Како кон подобар систем на поддршка и развој на талентираните деца“. По секоја сесија ќе бидат издвоени 20 минути за отворена дебата.

Меѓу поканетите гости се универзитетски професори, наставници од основни и од средни училишта, претставници од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Делегацијата на Европската Унија во земјава, од повеќе амбасади, фондации, здруженија, од локалната самоуправа, како и ученици кои се директно засегнати од темата.

Целта на панел-дискусијата е да произлезат предлози и решенија за горливите проблеми со кои се засегнати талентираните и надарени деца и нивните семејства. Тоа ќе води кон создавање национален концепт како системот да ги препознае, идентификува и да ги насочи овие деца понатаму во нивното образование и развој.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование