На 8 и 9 јули во „Јавна соба“ во Скопје ученици, родители, наставници и професори, како и претставници на државни институции и независни експерти во четири фокус-групи ќе дискутираат за изработка на национална програма за талентирани и надарени деца. Сите заинтересирани можат да се пријави на info@fitr.mk, а информацијата е споделена и на фејсбук-страницата на Фондот
Капацитетот на нашите деца и млади е тука, постои, огромен е, и единствено што треба е да се развива доследно и правилно да се насочи во нешто конструктивно, вели Николина Стојанова-Трајковски од секторот за спроведување образовни програмски активности при Фондот за иновации и технолошки развој. Младите во земјава се во фокусот на Фондот - развиени се повеќе програми за поддршка и развој на деца и младинци, а веќе неколку месеци се работи и на подготовка на националната програма наменета за надарени и талентирани деца.
Николина Стојанова-Трајковски
Во интервјуто со Стојанова-Трајковски разговараме за активностите на Фондот, за досегашните достигнувања и идните планови.
Годинава започнавте кампања за поддршка на деца и младинци напредни во нивниот развој. Кажете ни повеќе за оваа активност.
- Повеќе од една година фокусот на Фондот се младите, односно создавање услови и поголеми шанси за нивен успех, тука, дома. Од постојните инструменти на ФИТР, еден е наменет за новоосновани фирми, стартапи, на кој најчесто се пријавуваат млади лица кои тукушто завршиле факултет или, пак, се при крајот на студирањето. Сметавме дека постои празнина во системот во однос на потребите и понудата на пазарот на трудот, па почнавме да размислуваме дека на младите им треба поттик да размислуваат „надвор од кутијата“ и да им ги отвориме можностите своите иновативни идеи да ги претворат во успешен бизнис. И сфативме дека тој поттик и таа поддршка треба да се случуваат од нивната најрана возраст и дека тие треба да се насочат секогаш да размислуваат критички и креативно. Така почнавме со низа иницијативи и активности кои исклучиво ги таргетираат младите во државата.
Поддршката на талентираните деца е една од мерките што сметаме дека треба да се содржат во националната програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите, која треба да опфати точно дефинирани критериуми за поддршка, целосен сет информации за постојните инструменти во државата, разни видови иницијативи и мерки фокусирани на различни аспекти на образованието на младите.
Целта е да се поттикне критичко размислување, нивните претприемачки вештини, тимска работа и „меки вештини“ што современото општество ги бара, како и конкретни препораки за најефикасниот начин за обезбедување ваков вид поддршка. Оваа програма ја нарековме „Фонд за млади умови“.
Која беше појдовна точка за оваа идеја?
- По низата доставени барања до Фондот од страна на различни организации што нудат менторска помош за ученици за учество на меѓународни натпревари, дојдовме до заклучок дека државата не нуди системски пристап во обезбедувањето поддршка од ваков тип, или ако ја нуди, таа е инцидентна и се заснова на недоволно јасни критериуми. Увидовме дека всушност во Северна Македонија има многу млади ентузијасти способни да размислуваат критички, желни за стекнување нови знаења и искуства, кои земаат први награди на меѓународни натпревари и цврсто одлучивме да преземеме нешто во врска со тоа. Откако лани ги поддржавме Друштвото на физичарите за нивното учество на Светската олимпијада во Боцвана и тимот ученици од Кочани кои со роботи составени од лего-коцки остварија успешна вселенска мисија и заминаа на светски натпревар на „First Lego League“ во Детроит, САД, и други, решивме да покренеме процес кој опфаќа анализа на постојаната ситуација, на потребите и евентуалните празнини, препораки за конкретни чекори...
Првиот чекор од овој обемен процес беше одржувањето на панел-дискусијата на тема „Развој и поддршка на талентирани деца“, која се случи во март годинава. Убавото и корисно искуство од таа дискусиja беше што родители на надарени и талентирани ученици добија можност да им се чуе гласот во однос на потребите на нивните деца, но ги согледавме и проблемите на државните училишта, се соочивме со нерамномерно распределените вештини на наставниот кадар во државата, нивната стручна неподготвеност да препознаваат надарени и талентирани ученици, и, едноставно, немањето алатка за препознавање. Сфативме дека освен една анализа изготвена од Бирото за развој во образованието во 2011 година, ништо конкретно не е преземено, ниту сторено за да се обезбеди поддршка на најбрилијантните ученици, токму на оние во кои лежи најголемиот потенцијал за носење квалитативни промени во општеството.
Ги засукавме ракавите и сега веќе заедно со УНИЦЕФ работиме на изготвување на концептот на таа национална програма земајќи ги предвид сите вештини и знаења што им се потребни на младите за да се издигнат во успешни професионални личности во иднина.
Се обративме кај странски експерт, д-р Ребека Елис, која беше и еден од главните панелисти на дискусијата и која доаѓа со едно навистина специфично искуство во однос на препознавање надарени и талентирани ученици, како и во изготвување сеопфатни програми за развој и на учениците и на наставниот кадар.
Дел од нејзинaта методологија се истражувања преку фокус-групи на сите засегнати страни во процесот. Четири вакви фокус-групи, во кои ќе бидат вклучени ученици, родители, наставници и професори, како и претставници на државни институции и независни експерти, ќе се одржат на 8 и 9 јули, во „Јавна соба“ во Скопје. Сите заинтересирани што сметаат дека ќе дадат придонес во дискусијата можат едноставно да се пријават на info@fitr.mk, а информацијата е споделена и на фејсбук-страницата на Фондот.
Потоа ќе следува и анализа на постојните инструменти што се нудат од државата, на конкретните потреби на учениците, на празнините, соодветни критериуми според кои би се обезбедувала помош и поддршка за сите мотивирани ученици со желба да постигнат повеќе, како и одредени препораки што да се преземе за да се одговори на овие потреби потемелно. Сево ова треба да резултира во сеопфатен предлог-документ за националната програма.
Според резултатите од согледувањата, колку се препознаени овие деца од системот, каков третман добиваат?
- Според истражувањето на Бирото за развој на образование во СРМ, надарени и талентирани деца се 0,1% од целокупната популација нивни врсници. Сепак, во овој мал процент лежат најголемите потенцијали за идни лидери, креатори, научници, уметници. Логично би било дека токму овие ученици заслужуваат безусловна помош и поддршка, но, за жал, ситуацијата во реалноста е сосема спротивна. Тоа не е случај само кај нас, туку општо во сите земји каде што образовниот систем е ригиден, традиционален, нефлексибилен и неподложен на конструктивни промени. Бидејќи наставниците во С. Македонија не се обучени како да ги препознаат овие деца, најчесто тие се етикетираат како „проблематични“, а всушност се борат со досада на час. Надарените и талентирани ученици многу често се бучни, имаат огромен број прашања, се интересираат за различни области, а во нашето општество нема многу толеранција за ваквите деца. Па така и наставниците, во најголемиот број случаи, се трудат да ги „скротат“ овие деца за да не им го расипуваат мирот на часот...
Ова е поразителна констатација бидејќи е спротивна на сѐ што образовниот систем би требало да понуди, а тоа е индивидуален пристап во наставата, задоволување на потребите на ученикот, негово насочување на вистинскиот пат наместо напорот таквиот ученик да се претопи во толпата...
Што треба да содржи националната програма за поддршка и развој на овие деца?
- Концептот на националната програма е во фаза на развој, но генерално таа треба да содржи постојни инструменти што веќе се спроведуваат на национално ниво, наменети за развој на академските, социјалните, претприемачките вештини кај учениците. Инструментот „Предизвик за млади истражувачи“ што Фондот успешно го спроведува втора година е една од мерките што системски им се нудат на учениците од основните и средните училишта во државата, потоа програмата UPSHIFT, што се организира заедно со УНИЦЕФ С. Македонија, програмата Junior Achievement, која е поддржана од страна на USAID, и други. Националната програма треба да се доразвие во насока на обезбедување финансиска помош за учество на меѓународни акредитирани, но и меѓународно признаени натпревари, обезбедување релевантни информации од сите можни институции што најверојатно ќе бидат „сместени“ на интернет-портал, нешто како „едношалтерски систем за ученици“, критериуми според кои овие средства ќе се доделуваат, па дури и размислуваме во неа да се вклучи и создавање на центри за развој на вештини...
Каква помош и поддршка добивате од странски организации и експерти во изготвувањето на стратегијата?
- Наш најголем партнер во однос на изготвувањето на концептот на националната програма се УНИЦЕФ С. Македонија, чија мисија и цел се поддршка на правилниот развој и вештини на секој ученик, бидејќи верува дека во секое дете лежат таленти и потенцијали. Фондот соработува и со други партнери како што се USAID, британската и швајцарската амбасада кои веќе работат на спроведување едукативни програми за млади. Неодамна имавме работилница со експерт од Австралија, д-р Стујарт Колхлаген, за мотивација на учениците, но и на наставниците за време на училишниот час, па добивме и поддршка од австралиската амбасада. Верувам дека кога веќе еднаш ќе имаме поконкретен концепт, сите организации што имаат допирни точки со образование и млади ќе сакаат да се вклучат во неа, бидејќи вложувањето во младите на квалитетен и системски начин, кој треба да вроди со долгорочни ефекти, е најсигурната инвестиција што некој може да ја направи. Во овој случај буквално станува збор за оставање подобар свет на младите и на нашите идни генерации.
ФИТР има повеќе активности за поддршка на млади. Какви резултати даваат тие?
- Да, Фондот е навистина институција за млади. Втора година по ред се спроведува „Предизвик за млади истражувачи“. Годинава добивме околу 100 апликации, а од нив финансиски ќе бидат поддржани истражувачките проекти од областите на природните и техничките науки на 34 школи, односно 20 основни училишта и 14 средни. Фактот дека и годинава добивме олкав број на апликации говори дека се раздвижени работите во рамките на училишните ѕидови, ни покажува дека постои мотивација и желба не само кај учениците да се посветат на нешто повеќе од она што го усвојуваат за време на час, туку и дека наставниците и професорите сакаат да излезат од крутите формални рамки на системот и вистински да му се посветат на образованието, во неговата основна смисла. Тоа е одлично! Тоа значи дека двете страни сакаат да се развиваат во иста насока, а тоа е еден предуслов за подобро општество - повеќе истражувачки проекти значи повеќе освестени, разбудени ученици, подготвени да се впуштат во истражување и наука наместо да бидат задлабочени во екраните на мобилните телефони!
Фондот интензивно работи на создавање партнерства и продлабочување на соработката со високообразовните институции во земјата. На пат е потпишувањето меморандум за соработка со Академијата на науките и уметностите на Р.С.М - МАНУ, каде што во средината на мај организиравме еднонеделна манифестација - „Денови на ЦЕРН во Република Северна Македонија“. За време на оваа недела успеавме да поставиме изложба посветена на научните достигнувања во оваа реномирана и единствена организација, па дознавме повеќе за темната материја, античестиците, најситните честици на атомот како бозони и кваркови. Ова беше еден начин на пошироката јавност да ѝ се покаже на што работи светот во моментот, но и да се покаже дека празнините меѓу академијата и приватниот сектор можат да се пополнат токму со работа на сите придружни аспекти од работењето на ЦЕРН, што претставува и поттик за домашните технолошки и стартап-компании.
Тим од ЦЕРН гостуваше во Скопје
Ги поканивме и авторите на изложбата кои на посетителите им ги доближуваа овие научни достигнувања и им ги раскажуваа тајните на атомската и нуклеарната физика, а се одржа и мини-семинар во МАНУ на кој излагаа високи претставници на ЦЕРН, како и домашни експерти од физиката. Без соработката со проф. д-р Мимоза Ристова од Природно-математичкиот факултет немаше да се оствари целата соработка и пријателство со ЦЕРН. Таа истовремено беше и автор на „Атомската игротека“, која се одржуваше секој работен ден од неделата на ЦЕРН, на која учествуваа меѓу 300 и 400 основци и средношколци, и која им овозможи на интерактивен и забавен начин да ја разберат природата на атомското јадро. Навистина беше забавно, поучно и корисно и сметаме дека ваков вид настани треба да се редовна активност во календарот на младите. Интересно беше што имавме посетители од Берово, на пример, кои специјално беа дојдени да ја видат изложбата на ЦЕРН и низ игра да научат повеќе за атомските јадра.
Ја организираме и иницијативата „Петок за млади @ФИТР“, чија цел е младите со реализирани идеи и успеси да им се доближат на нивните врсници и на тој начин да ги мотивираат да размислуваат критички и креативно. Во текот на последната година засведочивме еден куп интересни и успешни проекти, од социјални игри, до роботи и дронови, до идејни решенија за интернет-платформи за генерирање финансиски средства, новогодишни работилници со штитениците од домовите за социјална грижа во Скопје, посета на фабриката „Виталиа“, работилници за креативно пишување на кои учениците понудија стрипови и драмски текстови... Лично за мене, ова се многу интересни настани бидејќи навистина дознавам нешто ново, а и како институција ни овозможува да сме во тек со иницијативите на неформалното образование во земјата, но и со конкретните потреби на младите, нивните желби, аспирации и мотивации, што пак ни овозможува одблиску да ги видиме и да ги сфатиме, бидејќи, за среќа, сме доволно отворени да слушаме што имаат и тие да кажат.
Николина Стојанова-Трајковски
Ако тргнеме од тоа дека светот на младите останува, каков е капацитетот на децата/младинците што ќе ја наследат оваа земја?
- Уф!.. капацитетот на нашите деца и млади е тука, постои, огромен е, и единствено што треба е да се развива доследно и правилно да се насочи во нешто конструктивно. Не сме ништо поглупави и понеспособни од останатите, напротив, моторот на нивната иновативност и креативност лежи токму во фактот што децата и младите растат и се развиваат во едно конзервативно и затворено општество кое многу бавно се менува. Границите и лимитирачките фактори се тие што ги тераат да бидат креативни и креаторски настроени. Им се живее и создава, и ги сакаат истите можности што ги имаат нивните врсници во развиените земји, поголема мобилност и финансиска независност, поголема контрола над сопствениот живот, наместо да зависат од одлуки што ги носат други во нивно име. За младите да можат да бидат максимално продуктивни и да можат целосно да ги искористат нивните потенцијали, мора системот да подлежи на темелни и квалитативни промени, мора да го смениме начинот на размислување и на однесување.
Општеството не може да ги валоризира сомнителните успеси на „новите елити“, туку мора квалтитетот да се издигне на ниво на кое ќе биде препознаен и прифатен од сите членови на општеството. Младите мора да знаат дека сите имаат еднакви услови за развој, напредок и успех, наместо да сметаат дека одредени елити добиваат сѐ со минимална заслуга. Не може тоа да биде општествениот поредок бидејќи не е одржлив принцип. Националната програма треба да го овозможи токму тоа, еднакви информации, критериуми, можности за сите ученици од основните и од средните училишта. Навистина се надевам дека промените од воведувањето на програмата ќе бидат ефикасни и видливи и дека таа ќе придонесе за менувањето на македонското општество во една динамична, флексибилна, умна средина во која секоја добра идеја може да вроди со конкретен плод.