X
 26.05.2019 Живот

Финансиска поддршка од ФИТР за учество на ученици на повеќе меѓународни натпревари и олимпијади

Фонд за иновации и технолошки развој ќе го поддржи учеството на меѓународни натпревари и олимпијади на ученици од тимовите на „Друштвото на физичари на Македонија“, „Сојузот на хемичари и технолози на Македонија“, Фондацијата за промовирање на иновативно учење, едукација и личен развој Стем Академија и од ОУ „Јохан Хајхрих Песталоци“ од Скопје.

Тимот на учениците физичари од „Друштвото на физичари на Македонија“, кој ФИТР го поддржа и минатата година на Олимпијадата во Боцвана од каде што се вратија со три бронзени медали, во јули ќе се натпреварува на 50/ Меѓународна олимпијада по физика во Тел Авив.

Талентираните ученици хемичари ќе нè претставуваат на 51. Интернационална олимпијада по хемија која ќе се одржи во јули во Париз, а ученици од ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ кои освоија златни и сребрени медали на регионалниот натпревар во Скопје се квалификуваа за учество во глобалниот натпревар „World Schollars Cup“, кој ќе се одржи во Хаг во јули.

Тимот SPACE WALKERS, составен од деца што посетуваат часови по наука, технологија, инженерство и математика во рамките на СТЕМ Академија, благодарение на успехот постигнат во Целје на финалето во Адриа FIRST LEGO LEAGUE, натпревар кој е насочен на едукативна роботика, се пласира на светско првенство на FLL лигата во Либан, кое се одржува во јуни 2019 година.

Средствата се обезбедени од ФИТР со пренамена на тековните трошоци на Фондот. Ова е дел од Програмата за поддршка и развој на таленти која ја развива ФИТР во соработка со УНИЦЕФ. Тим од професори, претставници на академската фела и ФИТР неколку месеци работат на изготвување концепт кој треба да предложи системско решение кое ќе вклучува инструменти за поддршка на талентираните деца и координирани активности, како и иницијативи на сите релевантни институции.

Оваа иницијатива е произлезена од многубројните барања за поддршка на ученици од страна на ФИТР, како и од програмата за поддршка на млади истражувачи која првпат беше објавена во ноември 2017 година.

Инаку, ФИТР само во изминатата година има инвестирано близу 10 милиони денари во реализација на програми наменети за млади и деца од различни возрасти, со цел поттикнување на нивната критичка мисла и иновативност.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот