X
 09.03.2021 Живот

Фирма им давала иста плата на сите вработени. Експериментот не успеал

Келвин Бентон ја основал својата фирма за психотерапија „Спил“ со план да им дава иста плата на сите вработени. Тој мислел дека тоа ќе создаде подобра работа околина, но наместо тоа, во рок од една година морал да го поништи правилото поради проблеми меѓу вработените. Сега вработените во фирмата добиваат плата што одговара на нивното работно искуство и знаење.

- Сфативме дека мораме да се држиме до пазарните правила. Понекогаш некои традиционални практики постојат со причина - изјавил Бентон за Би-би-си.

Бентон ја основал фирмата во источен Лондон со цел да нуди онлајн-советување и терапија за вработените во компаниите. Фирмата била основана пред две и пол години и сега има над 100 клиенти, 13 вработени и повеќе соработници.

Една од големите одлуки на Бентон кога ја основал компанијата била сите вработени, вклучувајќи го и него, да добиваат иста плата. На почетокот во фирмата работеле само петмина и сите придонесувале приближно исто. Сите добивале плата од 36.000 фунти годишно, без разлика на искуството и знаењето.



На почетокот иницијативата функционирала и во тимот имало соработка и дружење. Како што напредувала фирмата, Бентон вработувал нови лица, како програмер, лице за продажба и друго и им ја понудил истата плата, па тука почнале проблемите. Програмерите се барани и обично се платени повеќе од она што им го нудел тоа, додека лицата за продажба се платени според продаденото, па моделот на Бентон не одговарал во овие две ситуации.

Фирмата не можела да најде програмер, а лицето за продажба барало повисока плата поради добрата работа по одреден период. Истовремено, тој добивал многу апликации за административната позиција за која фиксната плата била повисока од обично. Бентон вели дека се пријавувале многу лица само поради високата плата, а не затоа што сакаат да работат во фирмата. Така, системот за фиксна плата почнал да се распаѓа.



- Кога го зголемивме тимот, започнавме да имаме луѓе што придонесуваат повеќе од другите. Имавме луѓе што работат подолго од другите. Започна да се поставува прашањето: Дали ова лице треба да биде платено исто како и мене? - вели Бентон.

Ова создало конфликт во тимот и се отворила дискусија за експериментот со фиксна плата. Бентон бил принуден да донесе промени по приближно една година од основањето на фирмата. Експерименталниот модел бил заменет со традиционален систем во кој платата се одредува врз основа на искуството и знаењето.

Сепак, Бентон одлучил да ја задржи транспарентноста во фирмата кога станува збор за платите и ги направил достапни информациите за платите на сите вработени во фирмата. Според него, ова помогнало да има хармонија во канцеларијата бидејќи престанале шпекулациите за платите на вработените.

Автор: Џереми Хауел
Извор: bbc.com
Фото: Принтскрин/BBC

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот