X
 05.03.2023 Колумни

Професионалност и одговорност - клучни фактори за успех во работата

Во секоја работа човек треба да покажува две клучни особини кои ќе го красат како вистински и посветен работник, а тие се: професионалност и одговорност. Мојата област на интерес е образованието, па затоа ќе пишувам за овие два фактора кои се клучни за успех во наставната работа. Сметам дека секој што работи во државен или приватен сектор, најпрвин треба да покажува професионалност, што е предуслов за градење позитивен впечаток и за напредување во работата, а паралелно и одговорност, што е составен дел на работната должност.

Како што имало и има работници, така е исто и со неработниците. Единствена разлика помеѓу нив е: знаење/незнаење, како основа на она што го посочив – професионален/непрофесионален карактер на тоа што се работи. Добро поткован работник, со целиот свој изум, со сето знаење и вештини кои ги поседува, сака работата што ја работи да биде комплетна, односно да нема пропусти во неа, и таа професионалност со сигурност и јасност да ја пренесува на работниците во опкружувањето. Тоа е така затоа што трајно и квалитетно се стекнале знаења, кои континуирано се надградуваат, нели читаме и учиме во текот на целиот живот. Кој е паметен, ќе црпи од изворот на таа дарба. Од таа професионалност, што значи напредок, произлегува и одговорноста на самиот професионалец во тоа што го работи. Две човечки особини кои произлегуваат една од друга. Еве, што значи тоа во образовната средина: наставник, кој се определил да работи во образование, прво треба да покажува љубов, а потоа и волја кон тоа што го работи, односно воспитува и учи деца на стекнување квалитетни знаења, навики и вештини. Тоа е прв чекор на професионалноста од наставникот, кој понатаму, со посветен и одговорен однос кон работата, ќе даде успеси и резултати. Не ми се допаѓа начинот на кој еден просветен работник ќе настапи на час, во смисла: отворете и читајте ја лекцијата, или работете самостојно, а ако не ви е јасно, прашајте, или влези, излези од училница и многу други слични ситуации, за кои сме сведоци дека постојат. Таквиот начин на работење е непрофесионален, незаинтересиран, немотивиран. Така не се работи со деца. Иако развојот на технологијата достигна врв и секако дека е предизвик на иднината, наше олеснување во работењето, на пример, ќе ја земам смарт-таблата и можностите што ги нуди. Сепак, не смееме да забораваме дека нашата обврска како просветни работници е, на најдобар можен начин, да ги покажуваме професионалноста и одговорноста не само спрема учениците, ами и спрема колегите, спрема другите во колективот, па и пошироко. Најблагородната професија треба да се докажува на најсолиден начин. А тоа го можат и умеат оние што на работа не одат само за плата и „ти реков - ми рече“, ами да работат, макар и 10 наставни часа на ден. Тоа е задолжение и обврска кон кое треба да се стремиме, а не да го одбегнуваме (ќе повторам: има многу квалитетни просветни работници со кои е чест и задоволство да се работи и соработува). Другите нека земат пример од нив. Работникот си е работник, каде и да работи, што и да работи, и треба да си ја брани и негува својата чесна работа, без разлика дали некому му се допаѓал или не. Работникот е придвижна сила во секоја организација. Не смее да се потценува вредниот работник, а да се брани и заштитува неработникот. Со работниците, работата оди напред, не случајно ги имаме и Еразмус проектите за кои аплицираат училиштата, што е одлична можност за меѓуученичка и меѓунаставничка размена во светот со цел да се споделат начините и искуствата на работење, методите, формите, средствата кои се на располагање и, секако, да се научат новини кои ќе помогнат да напредува училишната средина. Да дополнам: обврска на наставниците е да одржуваат: дополнителна, додатна настава и, секако, слободни ученички активности (секции...), а тоа го правиме во договор со учениците во кои термини би можеле да присуствуваат.

Значи, со договор нема што не се може. Ме чуди искрено кога ќе чујам: каква бре дополнителна, каква додатна, каква секција... ќе кажам дека не е така, затоа што, не се децата тие што одбиваат, ако (ќе се навратам на насловот на овој текст), наставникот настапи трпеливо, поучно низ разговор за посетата на овие видови настава. Многу е важен професионалниот однос, низ смирен и мотивиран разговор. Само како пример ќе наведам: моите ученици многу сакаат драмска секција, и изненаден сум, во 13 години, првпат годинава имам 32 ученика кои доаѓаат на драма. Исто така, одржувам и дополнителна и додатна настава, што значи не е никаков товар и замор, ако се договориме. И навистина околу тоа сум многу задоволен. Воопшто не ми пречи ако денес имам 2 часа претпладне, а потоа напладне треба да се вратам повторно во школо и да продолжам или со додатна, дополнителна настава, или секција... значи штом учениците сакаат и бараат дополнителни активности, моето задоволство е безусловно. Функционираме одлично! Целта ми беше да кажам дека има и други наставници кои својот професионален однос го ценат и докажуваат со учениците. Односно, не се штедат во својата поучителна димензија. Тоа понатаму доведува и до учество на квизови, натпревари, литературни читања, драматизации итн. Има што да се пишува на оваа тема, особено кога сте дел од неа.

Би сакал за крај да го упатам следново: не занимавајте се со неважни работи кои ви ја одвлекуваат и демотивираат професионалноста што ја поседувате. И никогаш не подлегнувајте на ставовите, на оние што не ви се мерник и компетенти во тоа што сте – работници, професионалци, ентузијасти во секоја смисла на зборот. Чувајте ги таа одговорност и енергија, а успесите со текот на времето ќе се покажат во вистинско светло. Има една добра поговорка што гласи: Човекот не може да се искачи по скалилата на животот со рацете в џеб.

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни